Прва светска војна: Големо Радобил

Големо Радобил

Големо Радобил (Голем Радобил, Радобил) е планинско село, расположено североисточно од Прилеп, во горното сливно подрачје на реката Раец, по преминот на превојот Плетвар, во правец кон Градско, а чиј атар се граничи со територијата на општината Кавадарци. Селото е ридско, на надморска височина од 620 метри. Од градот Прилеп оддалечено е 28 км.

Големо Радобил лежи на високата егејска површност, во осојот Кобиларник. Оваа површност и овде, десно од кањонскиот засек на Голема Река, дисецирана е на неколку паралелни долинки, кои потекнуваат од отсекот Кобиларник. Во селото и околината има многу извори. Големо Радобил е христијанско село од збиен тип и разредени краеви. Поделено е на пет маала, кои се именувани според редниот број, како што се наредени кон прилепскиот пат.

Селаните од Големо Радобил се сточари, и тоа „отсекогаш на своето“. Нивите им се наоѓаат по ридовите во околината. Мерата е со пасиштата и шумата на местата Кобиларник и Сенокос. Таму, во 1922 година, летувале околу 10 колиби со Власи од Копаоник. Овие Власи, во 1912 година, со српската војска преминале од Копаоник на овие територии. Во 1915 година побегнале пред непријателите во Грција, а во 1918 година, заедно со војската, пак се вратиле во радобилско. Освен овие Власи, на Кобиларник летувале и 4 колиби со повардарски Власи. Претходните години тие летувале на Плачковица, а промената на летувањето се случила како резултат на државната интервенција, зашто во тоа време пасиштата почнале да се издаваат по пат на лицитација.

Над местото Плочарница, над селото, има рудник со филитни плочи.

Најстар пишан податок за Големо Радобил е дека во 1519 година, селото имало 46 семејства, 13 неженети и 1 вдовица. Во 1573 – 62 семејства, 86 неженети, како и едно муслиманско семејство.

Во XIX век Големо Радобил било село во Тиквешката каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Големо Радобил (Radobil-golémo) е посочено како село во Прилепската каза со 64 домаќинства и 271 жители христијани и 8 Цигани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Голѣмъ Радобилъ имал 700 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век селаните биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Големо Радобил имало 720 егзархисти.

Според податоците на бугарското воено разузнавање во 1908 година: „Радобил е христијанско слободно село со околу 120 куќи. Едно од најбогатите села во Тиквеш“.

Најстарите семејства водат потекло исто како и во Мало Радобил. Во Првото маало тие се: Стевановци, Велиќовци, Шалевци, Бобаровци (слават Митровден); во Второто маало: Черговци, Кокошовци, Пешиќовци, Грозевци, Дуковци; во Третото маало: Ѓинковци, Алчиновци-Гусовци, Пашалиовци, Пиндевци (имале многу девојки во фамилијата), Цацковци-Грглевци (краделе овци од Полошкиот манастир и им ги сечеле јазиците „за да не врескаат“, па свети Георгиј „ги проколнал“ да бидат сиромашни – „гргли“), Стојчевци; во Четвртото маало: Мајновци, Кулевци, Каревци (кавгаџии); во Петтото маало: Рабушчиовци (дедото „собирал данок на рабуш“), Тосковци (се „метнале“ на Тоска), Касаповци (слават Свети Никола).

Понови доселеници во Големо Радобил се: Смоланци (дошол домазет кај Пешиќовци од Смолани во 1894 година). Слават Свети Никола по дедото. Праведнички (браќа домазети кај Стевановци дошле од селото Праведник во 1911 година). Слават Митровден по дедото. Чамлии (некој од Мало Радобил дошол домазет кај Дуковци во 1916 година). Слават Свети Никола по дедото.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 467; 1953 = 441; 1961 = 429; 1971 = 304. Според пописот од 1981 година, во Големо Радобил имало 196 жители, во 1991 = 105, во 1994 година бројот изнесувал 108 жители, а според пописот од 2002 година, селото има 107 жители, сите Македонци.

Во Големо Радобил се наоѓа црквата во чест на „Свети Никола“. Црквата претставува трикорабна базилика, која на источната страна завршува со полукружна апсида. Подигната е во 1870 година. На западната страна има отворен трем, граден во исто време со црквата.
Освен поновата црква, која се наоѓа средсело, во Петтото маало имало и постара црква, градена на суво, со цигли печени под „ражен“. Кај влезот на оваа црква имало вградено две мермерни плочи, а на едната од нив има и грчки натпис: „Донесена од Царев Даб“.

Селскиот панаѓур се одржувал на Свети Атанасиј (летен), а во селската црква се богослужи и на Свети Атанасиј (зимски).

Во Големо Радобил е роден македонскиот првоборец во НОБ, Трајко Бошков Тарцан.

Нема Коментари

Коментирај