Ѓоре Дамески – Боксерот е роден на 15 јануари 1922 година во Прилеп, во сиромашна занаетчиска фамилија.
Основно училиште завршил во Прилеп. Како младинец работел како ковач и одгледувал тутун. Пред да започне да работи во Монополот бил член на револуционерната младина во Прилеп. На почетокот 1938 година бил еден од активните штрајкувачи меѓу монополските работници. Во 1939 година бил примен како член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија.
Бил член во повеќе секции на КУД „Абрашевиќ“. Учесник бил на големите Илинденски демонстрации во 1940. година, поради што петнаесет дена бил затворен. Подоцна, поради растурање на илегални летоци во Прилеп, бил приведен во полицијата заедно со своите родители.
Веднаш по окупацијата на Југославија бил вклучен во воената комисија за собирање на оружје и припремање за вооружена борба против окупаторот. Бил член на Комунистичката партија на Југославија, по што станал секретар на Месниот комитет на СКОЈ и член на Месниот комитет на КПЈ.
Бугарските власти го уапсиле во една рација и бил осуден на две години робија, која ја издржал по затворите во Битола, Скопје, Бургас и Перник. Кога во 1943 година излегол од затвор, извесно време живеел како илегалец, по што заминал во партизани. Бил борец, пушкомитралезец, заменик на политичкиот комесар на батаљонот во Првата македонско-косовска бригада, политички комесар на батаљонот во Првата и Втората македонска бригада и во 49 и 50 Македонска дивизија. Бил учесник во борбите кај Кичево, Буковиќ, Кленовец, Фуштани.
По ослободувањето завршил вишо управно школо во Скопје и работел во Државниот секретаријат за внатрешни работи и во Инструкторското одделение во Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија. Бил вршител и на следните должности:
- секретар на Градскиот комитет на Прилеп;
- помошник на министерот во Владата на НР Македонија;
- секретар на општинскиот комитет на Прилеп;
- претседател на општинското собрание на синдикатите во Битола;
- директор на ПТТ Македонија;
- пратеник во Собранието на Македонија;
- пратеник на стопанскиот совет во Сојузното собрание на Југославијa;
- Член на централниот комитет на СКМ од Првиот до Петтиот конгрес на СКМ;
Починал во 1995 година во Скопје.
Носител е на Партизанска споменица 1941 година и на други југословенски одликовања. Со Орден на народен херој е одликуван на 27 ноември 1953 година.
Коментирај