Аудио издание на Душка Тасеска од 1994 година.

Душка Тасеска

ДУШКА ТАСЕСКА

МУЗИКАТА КАКО СУДБИНА

ВОВЕД

Bо великиот културен мозаик на почвата на Македонија, втората половина на дваесеттиот век, претставува временски период во кој македонската музичка култура и уметност бележат големподем во развојот. Сферите на музичката продукција и репродукција остваруваат исклучително значајна етапа од историскиот развој, најнапред поради создадените услови и дејствување на главните професионални музички институции: Македонското радио, Институтот за фолклор, Македонската филхармонија, Македонската опера и Балет, друштвата на музички (продуктивни и репродуктивни) уметници, на музичкото образование во целина и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. По првите генерации македонски музички уметници, композитори и теоретичари (образовани во духот на западната музичка традиција во периодот пред Втората светска војна), следат генерациите кои поради создадените услови за развој, во овој период професионалното музичко образование го започнаа во музичките школи во Македонија и го оформија на музичките академии надвор од Македонија, за подоцна да ги пренесат знаењата во својата средина и да остварат високопрофесионален континуитет на музичка уметност кај нас.

Следејќи го историскиот континуитет, во книгава претставувањето на настаните по хронолошки редослед и зачувувањето на документираното сведоштво како дел од развојната нишка на музичката култура кај нас, ја прикажува животната и уметничката приказна на Душка Тасеска, за
да се осветлат, претстават, систематизираат и анализираат настаните и случувањата кои се надополнуваат, претопуваат и влијаат едни на други во случувањето и редоследот.

Нејзиниот исклучителен придонес кон развитокот на македонската музичка репродуктивна уметност и воопшто кон развитокот на музичката уметност во Македонија може да се следи од периодот на втората половина на минатиот век па се до денес, како доајен во полето на музичката репродуктива и музичката педагогија во Македонија.

Сето тоа започнува со големата љубов кон виолончелото и на првичен поглед со детското љубопитство за тајно изучување на инструментот во првата година во Нижото музичко училиште во Прилеп, што кај Тасеска прераснува и се претопува во голема истрајност за изодување на макотрпниот уметнички пат.

Нејзината уметност е карактеризирана како „една особено чувствителна и емотивна изведба”, како индивидуалност во изведениот тон и „умешноста музичката материја да се облагороди и продухови”.

Родена е во Прилеп во 1938 година. По завршувањето на Средното музичко училиште во Скопје, уметничкиот растеж ја води Тасеска на Музичката академија во Загреб, кај проф. Рудолф Матц, а непосредно потоа во периодот од 1966 до 1969 година и во светската престолнина на уметноста – Париз, кај познатиот виолончелист Елефтериос Папаставро во Интернационалната музичка академија „Екол Нормал”, каде што ги завршува и постдипломските студии и се стекнува со диплома за Концертен виолончелист.

За време на престојот во Париз, по завршената аудиција и стекнатото членство во францускиот камерен оркестар кој е со голема светска кариера „Пол Куенц”, започнува испишувањето на нејзината значајна интернационална кариера и гостувања во земји на Европа, САД и Порторико.

Овде ги пронаоѓаме и базичните никулци за определба кон солистичка кариера, „за она вистинското”, кое Тасеска го негува во текот на целиот уметнички растеж.

Враќањето во татковината кај неа претставува континуирана нишка во дејствувањето, со реализирани многубројни солистички настапи и настапи со оркестри на домашната сцена, потоа во поголемите градови на поранешна Југославија, на концертните сцени во Франција, Русија,
Романија, Мексико, Венецуела, Колумбија, Перу, Костарика, Чиле, Тунис и на меѓународни фестивали.

Овие остварувања на Душка Тасеска денес и го даваат пиететот на првата македонска виолончелистка со изградена солистичка кариера и со респектабилен број изведени дела и настапи.

Токму таа „сигурност која ја пружа музиката”, и го оформува и темпераментот во уметничкиот израз, и остварувањето на моментот кога „најдрско се пријавив на Интернационалниот семинар за виолончело во Сиена, што го водеше Навара”. Така, професионалната соработка на
Душка Тасеска во периодот од 1971 до 1975 година, со еден од најголемите виолончелисти на 20-тиот век Андре Навара, претставува огромен придонес во музичката педагогија кај нас, како основоположник на современата виолончелистичка школа во Македонија, на Факултетот за музичка уметност во Скопје. И во текот на следните три децении, па се до пензионирањето во 2002 година, педагошката дејност на Тасеска и несебичното предавање на тајните на инструментот резултира со изведени генерации на виолончелисти кои денес се педагози и музички уметници во музичките училишта, во оркестрите на Македонската филхармонија и Македонската Опера, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а некои од нив и во странство.

Непосредното соочување и реконструкцијата на уметничкиот пат на уникатната виолончелистка претставува осветлување на настаните и на значајните достигнувања на Душка Тасеска како еден од доајените во великиот мозаик на македонската музичка култура и воопшто на културата на почвата на Македонија.

Мирјана Павловска – Шулајковска

(Вовед во монографијата „Душка Тасеска – Музиката како судбина“ од Мирјана Павловска – Шулајковска, во издание на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, 2012 година)

Нема Коментари

Коментирај