Дупјачани е расположено во североисточнииот крај на Прилепското поле, во јужното подножје на планината Бабуна. Селото се состои од две маала – Горно и Долно Дупјачани.
Во XIX век Дупјачани било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Долно Дупјалчани (Doupialtchani-Dolno) е посочено како село со 22 домаќинства и 107 жители христијани, а Горно Дупјалчани (Doupialtchani-Gorno) со 28 домаќинства и 132 жители христијани.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Горно Дупјачани е населено од 300 жители христијани, а Долно Дупјачани има 100 жители, сите христијани.
Во почетокот на ХХ век, целото население од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Горно Дупјачани (Gorno Doupiatchani) имало 240 егзархисти и работело бугарско училиште, а во Долно Дупјачани (Dolno-Doupiatchani) живееле 120 егзархисти.
При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, двајца од Дупјачани биле доброволци во Македонско-одринската доброволна чета.
Коментирај