Драгиша Цветковиќ во Прилеп…
На Илинден 1940 година, младите револуционерни сили од Прилеп спровеле масовни демонстрации. Било одлучено тој Илинден да прерасне во политичка демонстрација против ненародниот режим, за работа, леб и слобода против фашистичката опасност, која наголемо се заканувала.
На Шаторов Камен, пред голем број Прилепчани, Борка Талески одржал говор за значењето на Илинден, а вечерта, на враќање во Прилеп, излетниците влегле во строј, пеејќи револуционерни песни. Кај старата железничка станица, кај старо корзо, толпата народ побарала уште еднаш да говори Борка Талески, а потоа во ширинката кај црквата „Свети Кирил и Методиј“ – Параклис, говор одржал Трајко Тарцан, а во Тризла говорел Кузман Јосифоски-Питу.
Тука, во Тризла, жандармите се обиделе да го уапсат Кузмана, но наишле на отпор од насобраниот народ, па митингот се претворил во општа тепачка.
Следниот ден власта затворила 25 учесници на митингот. Судот за заштита на државата во Белград ги осудил Борка Талески, Трајко Тарцан, Методија Андонов-Ченто и Коце Ќурчија.
Токму овие Илинденски демонстрации, кои одекнале низ целото кралство СХС, биле причина во Прилеп да допатува лично тогашниот претседател на Владата – Драгиша Цветковиќ. Цветковиќ во Прилеп не се задржал долго, најверојатно преноќевал и заминал. Познато е дека тој имал средба со градскиот врв од тоа време: Полковникот Бабиќ, претседателот на Окружниот суд во Прилеп Шуменковиќ, а најверојатно се сретнал и со Василије Трбиќ. На оваа средба во Прилеп, Цветковиќ им издал директиви на властите за заострување на мерките против се поотворените пројави на Македонците и нивното поврзување со Комунистичката партија, при што морал јавно да признае за појавувањето на „четвртата нација во Кралството СХС“.
Оваа посета на Цветковиќ ја забележал и овековечил фотоапаратот на Василе Десоски.
Коментирај