Донче Црвенкоска била единствената сестра на Крсте Црвенкоски. Таа била најмала во семејството и била миленичка на мајката и браќата. Уште во VI клас гимназија заминува во Петтата прилепска бригада, каде што како секретар на СКОЈ извршува значајни курирски задачи.
На 13 август 1944 година во борбите кај селото Капиново (Велешко) загинува од минофрлачка мина, чии шрапнели ја погодиле во грбот. Умрира во рацете на нејзиниот соборец, Борче Ставрески, кој бил тешко ранет во десното рамо.
____________________________________________________________________
13 јануари 1967 година
„Народен Глас“
НИЕ ТРЕБА ПРВИ ДА ТРГНЕМЕ…
Беше убава ноќ во јуни и со првата патрола заминавме… Конечно станавме партизанки!
Кој помислуваше тогаш дека само по два месеци, на 13 август 1944 година во престрелката со бугарските фашисти кај селото Капиново (Велешко) како борец на Петтата прилепска ударна бригада, ќе ја разнесе на парчиња една проклета непријателска мина, нашата омилена другарка и соученичка што тогаш тргнуваше кон планињето со неиздржлива желба да стане партизанка и со оружје во рака да биде во првите редови на борбата.
Беше убава ноќ во јуни… Градот остануваше се подалеку зад нас и заедно со него и нашите бучни денови во прилепската гимназија.
Како сега да ја гледам…
Донче Црвенкоска беше ценета другарка од секого и нејзиното присуство влеваше некое пријатно чувство. Секое нејзино движење изразуваше благост и одмереност. Беше сосема едноставна, отворена и непосредна.
Уште мала многу читаше и се издвојуваше со својата начитаност. Беше изворедно обдарена со меморија и способност за учење. Од прво одделение па се до нејзиното завршување на VI клас гимназија, односно до нејзиното стапување во партизани, важеше за најпримерен ученик во училиштето. Таа често беше истакнувана и наградувана од страна на учителскиот колегиум при прилепската гимназија..
Донче беше необично скромна, иако имаше на што и за што да биде горда, никогаш со ниеден знак не покажуваше непријатност. Напротив до крајни граници несебично се трудеше да им помогне на другарите.
Таа секогаш можеше да се види меѓу ученици како покажува или објаснува лекции. Најголемо задоволство и правеше кога нејзините соученици и даваа добри одговори. Како да се чувствуваше задолжена за успехот на своите другари во училиштето.
Баба Пара Јоскоска многу пати можеше да се сретне во нивниот дом. Таа доаѓаше да се посоветува со Донче, да и објасни, да ја упати и раскаже за животот на нејзиниот единец син кој беше партизан.
Зимата 1943 година беше безмилосно студена и сува како во договор со непријателот.
Во тие студени денови настана провала во гимназијата. Три другарки и петмина другари се најдовме межу влажните и празни ѕидови во злогласната куќа на Шајкара.
Тука беше и Донче…
Немавме ни покривач ни храна па не добивме ни вода а студот се повеќе и повеќе стегаше. Се прашувавме што ќе стане со неа. Таа беше толку нежна и малечка, но ни за еден момент не ја напушташе насмевката и од затворот излезе како прекален борец.
Деновите минуваа и дојде пролетта. Донче беше нестрплива. „Зошто сме тука уште?“… Велеше… „Местото нам ни е горе, меѓу другарите. Замислете кога ќе слушнат! Ќе им биде страм на мнозина возрасни мажи што седат како баби во градот. Ќе се страмат, верувајте!“ Не убедуваше таа… „Ние први треба да тргнеме, а не само да зборуваме. А по нас ќе тргнат и мнозина другари.“
Еден ден Донче разбра дека група ученици ќе заминат во партизани. Таа тогаш се израдува и пресреќна се изјасни, прва меѓу нас да тргне.
Некој требаше да остане и во гимназијата, организацијата и другарите што остануваа требаше да ја продолжат својата дејност.
Предлогот падна на Донче…
Тоа за нејзе беше неприфатливо. Не можеше да се оддели од нас, од сите нас што бевме толку блиски.
„Добро да останам…“ Велеше… „Кажете ми што ќе речат другарите што јас ги воспитував и ги подготвува да станат борци?… А оние пред кои дадов збор дека прва ќе тргнам?…Не, неможам да останам. Морам да бидам доследна.“
Таа не попушташе, непоколебливо го бранеше својот став.
Уште и денес, таа Донче која што со восхит го носеше името „Венера“, во нашето сеќавање живее како неустрашлив противник на сите колебливци и кукавици.
Сеќавање на Загорка Гаврилоска
Коментирај