Панорама на Долгаец.

Долгаец

Долгаец се наоѓа во северниот дел од Прилепското Поле (Пелагонија) и е сместено во падините на планината Даутица. Околни населби се Маргари, Зрзе, Црнилиште и др.

Долгаец е старо село. До 1912 година во ова село постоеле седум чифлици. Прв чифлик основал Аџи-Фејзо од Црнилиште, кој купил малку земја, а повеќето ја заграбил. По неговата смрт, чифликот бил поделен на неговите синови и внуци: Аџи Јусуф, Усеин Балабак, Алил, Садула, Фаик, Аџи Сулко и Алија. По 1912 година жителите ја откупиле земјата. Долгаец многу настрадал за време на Првата Светска војна, кога бугарската војска стрелала и обесила 180 жители.

Во XIX век Долгаец било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Долгаец е посочено како село со 64 домаќинства и 261 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Долгаец било населено од 680 жители християни и 10 Роми.

Во почетокот на ХХ век целото село било србоманско. Според податоците на секретарот на Бугарската егзархия Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Долгаец имало 480 патријаршисти србомани.

Во Долгаец се родени србоманскиот четнички војвода Јован Долгач и Христо Поптрајков, игуменот на Трескавечкиот манастир од 1862 година.

Според пописот од 2002 година Долгаец има 70 жители Македонци. Населението во селото Долгаец се занимава претежно со полјоделство, одгледување на тутун, житни култури, а се произведува и сирење.

Културни и природни знаменитости во околината на Долгаец:

Црква Св. Илија, село Долгаец: Подигната во 1451 година, а живописана во 1454/5 година. Претставува прво целосно остварување од времето на Османлиската власт во прилепско-битолскиот крај. Програмата на живописот во иконографски поглед е доста интересна, но со послаби уметнички квалитети. Во 1999 година извршена е превентивна заштита на живописот.

Тумба: Населба од неолитско време. На околу 3 километри јужно од селото и на 600 метри југозападно од патот за селото Костинци, се наоѓа сосем мала височинка-тумба, што зафаќа површина од околу 1,5 хектар. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, орудија од кремен и камен, како и парчиња од куќен лепеж.

Мезница-Грамадиште: Населба и некропола од римско време. На околку 2 километри јужно од селото и 400 метри западно од патот Костинци-Долгаец се наоѓаат остатоци од темели од објекти градени од кршен камен и варов малтер, како и многубројни фрагменти од покривни ќерамиди. На овој простор се најдени и гробови градени од камени плочи-тип циста. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

Манастириште: Средновековна црква, на 2 километри северно од селото, се гледаат темели од црква градена од кршен камен и варов малтер, како и фрагменти од покривни ќерамиди.

Нема Коментари

Коментирај