Ѓорѓи Секулов Велков(ски) – (Стрелката, Косте) е роден 1919 година во Прилеп.
Како активист на месниот комитет на КПЈ, во периодот од февруари до април 1941 година, интензивно дејствувал во повеќе прилепски села. Во тој период во неговата куќа се одржуваат состаноци на месниот комитет на КПЈ.
На 8 Септември 1941 година, по претходно поставена задача од МК, заедно со Лазо Филипоски-Лавски, Гиго Менкароски и Борко Петрески, со велосипеди заминуваат до Гостиражни, а оттука тројцата без Борко тргнуваат пеш кон тунелот кај Богомила, со цел да ги извидат условите за негово понатамошно минирање. Пред тунелот биле запрени од бугарскиот стражар, при што Лазо Филипоски со пиштол го убил стражарот, а Ѓоре Велкоски пукајќи со пушката од убиениот војник им држел отстапница на своите другари. Под прикрила на квечерината борците безбедно се вратиле во Прилеп.
За ова дело, заедно со Лазо Филипоски-Лавски и Гиго Менкароски бил осуден во отсуство на смрт со бесење, а Борко Петрески бил осуден на затворска казна од 12 години и 6 месеци.
Ѓоре Стрелката е еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941 година, во месноста Бидимаш на Селечка ја формирале првата партизанска чета, составена од борците: Илија Игески-Цветан, Трајко Бошкоски-Тарцан-Илинденски, Борка Велески-Левата-Горанов, Лазо Филипоски-Лавски, Јоска Јорданоски-Сандански и Киро Крстески-Платник-Кирката. За командир на четата бил одреден Киро Крстески-Платник.
На 17 Октомври 1941 година, со формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, Ѓоре станал командир, а негов заменик Лазо филипоски-Лавски.
Во 1944 година бил комесар на Прилепскиот баталјон.
Починал во 1950 година.
Коментирај