Ѓакон Ѓорѓи Попоски со мајка му Анастасија, сестрата Рада и сопругата Василка

Прота Ѓорѓи Попоски (Митрополит Методиј)

Прота Ѓорѓи Попоски (Митрополит Методиј) е роден на 27 март 1914 година во Прилеп.

Завршил шестокласна Богословија во Битола и Филозофски факултет, група историја, во Скопје.

На 27 октомври 1936 година бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник во јули 1937 година. Од 1941 година бил поставен за парох при црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, каде што остананал сѐ до неговото монашење. Бил замонашен од тогашниот Поглавар на Македонската Православна Црква, блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, во метохот на „Свети Наум“ во Битола, на 12 февруари 1966 година.

Истата година бил избран за викарен Епископ со титула Велички. Наречението и хиротонијата биле извршени на 12 и 13 март 1966 година во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, и тоа од Архиепископот Доситеј и тогашните Епископи на Македонската Православна Црква: Преспанско-битолскиот г. Климент и Злетовско-струмичкиот г. Наум.

Откако извесен период поминал на должноста викарен Епископ, со Синодска одлука бр. 25, записник 9 од 18 јули 1967 година, бил назначен за епархиски Архиереј на Величката епархија со седиште во Охрид, Епархија, која подоцна е преименувана како Дебарско-Кичевска, со која управувал сѐ до неговото упокојување на 25 февруари 1976 година.

Тој е еден од петтемина членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, кои ја потпишаа историската одлука, донесена од учесниците на третиот Црковно-народен собор, одржан во Охрид, од 17 до 19 јули 1967 година.

Неговото тело почива во дворот на црквата „Пресвета Богородица-Каменско“ во Охрид.

Нема Коментари

Коментирај