Диме Бојаноски – Дизе е роден во Прилеп на 12 август 1909 година.
Покрај неговата професија како бербер активно членувал во „Трезвена ложа“ и во есперанто друштвото „Stelo“.
Како член на КПЈ од 1932 година, во периодот од декември 1932 до мај 1933 година, самоиницијативно го издава илегалниот весник „Ударник“, како „орган на КПЈ“, поради што бил осуден на шест години затвор. Казната ја одлежал во Сремска Митровица и во Лепоглава.
По излегувањето од затвор, во 1939 година, бил исклучен од партијата поради поддршка на фракционерските активности на Петко Милетиќ.
Во 1940 година заедно со повеќе прилепчани е мобилизиран под изговор за воена вежба и е одведен во концентрациониот логор за изолација во Меѓуречје кај Ивањица. Во времето на НОВ работел во Агитпроп при Главниот штаб на НОВ и ПОМ.
По ослободувањето го завршил Правниот факултет и бил министер за трговија и снабдување во владата од 1946 година, а потоа и министер за правда во Владата на НРМ, од 1949 до 1958 година.
Бил и професор по политичка економија на Економскиот факултет во Скопје од неговото основање до 1956 година, директор на Економскиот институт од 1950 до 1955 година, претседател на Трговската комора на Македонија од 1962 до 1967 година, член на Извршниот совет на СРМ и др.
Ги превел на македонски делата од Карл Маркс „Капиталот“ и „Увод во критиката на политичката економија“.
Починал на 11 февруари 2002 година во Скопје .
Коментирај