Димче Аџимитрески...

Димче Аџимитрески

Димче Аџимитрески , според неговата автобиографија, која започнал да ја пишува уште во 1925 година, забележал дека неговото семејство води потекло од мариовското село Кален. Преселувањето на неговото семејство е тесно поврзано со убиството на Осман Ага, локален зулумќар, кој по силувањето на некое девојче е убиен токму од неговиот пра-прадедо Митре.

Митре по преселувањето во Прилеп се вработил како калфа во некој ан, а подоцна и самиот отворил ан, во кој повеќето муштерии му биле неговите земјаци мариовци. Но, по игра на случајност неговите муштерии наместо Анџи Митре го завикале Аџи Митре, прекар кој во иднина ќе го носи и неговото семејство познато како Аџимитревци. Набрзо неговиот син Коне (Костадин), кој бил доста побожен човек, не можејќи да го истрпи „мајтапот“ со семејниот прекар, во 1870/75 година со своето семејство заминал на аџилак во Ерусалим, од каде што по два месеци си дошол со тезгере за титулата аџија, со што го „легализирал“ своето презиме.

Коне имал шест синови: Јонче, Димче, Спиро, Јордан, Андон и Никола. Постарите браќа Јонче, Димче и Спиро го работеле свеќарскиот занает. Јордан изучил за лекар во Софија, каде што останал се до неговата смрт во 1932 година. Андон, откако ја завршил Солунската гимназија, заминал на студии во Цариград, а потоа во Петровград (Русија), каде што завршил правни науки. По враќањето од студиите заминува во Плевен, каде што работи како обвинител. Задоен со панславистички идеи, Андон во Белград и Софија ја пропагирал идејата за Јужнословенска федерација на земјите од Балканот и Русија како нивни ослободител. Но, по доаѓањето на власт на владата на Стамболов, која била со прогерманска ориентација Андон е етикетиран како државен непријател. По овие настани, видно разочаран извршува самоубиство.

Најмалиот брат Никола, кој секогаш бил со бунтовен карактер, станал ајдутин. Тој и неговата дружина по претходно предавство се опколени и убиени од турскиот аскер во една куќа во Витолиште.

ДИМЧЕ АЏИМИТРЕСКИ:

Димче Аџимитрески е роден 1917 година во Прилеп, како трето дете во семејството на свеќарот Петре и Марија Аџимитрески. Неговите браќа Кочо и Славе завршиле високо образование а Љупчо работел како учител во Прилеп. Дедо му Спиро имал големо влијание кај Димче, на кого уште како дете му ја всадил револулионерната свест. За ова Димче Аџимитрески во својата автобиографија ќе забележи:

„Ние имавме една стара книга за Александар Македонски. Заклучена беше во едно чекмеџе и дедо ми често ја земаше и ни читаше за подвизите на Александар Македонски. Така ние се воспитувавме. Го сметавме за наш крал и сонувавме за такво кралство што некогаш тој го создал“

Неговиот татко во 1925 година заминува на печалба во Скопје, а Димче останува да живее со својата баба до 1932 година, кога татко му по банкротирањето се враќа во Прилеп и продолжува со свеќарскиот занает. Во родниот Прилеп Димче го завршил четиригодишното основно образование и две години прогимназија, а во 1929 година заминува во Скопје, каде што во 1933 година го завршил гимназиското образование.

Во Скопје, на предлог од револуционерот Мино Миновски, тогаш негов постар другар, во 1931 година го формира и раководи со Литературниот кружок, во кој членувале напредни Македонци, кои ги врзувала идејата за слободна Македонија. Литературниот кружок подоцна прерастува во национално-политичката тајна Македонска ослободителна револуционерна организација (МОРО), која подоцна е преименувана во Македонска Младинска револуционерна организација (ММОР), чија кратенка доаѓа од модифициран збор од францускиот збор mort, што значи: смрт – според девизата: Смрт или слобода!

Во 1932 година станал член на СКОЈ, а наредната година бил примен и во КП, каде што во тоа време бил една од централните фигури во движењето. По завршувањето на гимназијата во Скопје, својата активност ја продолжил во Прилеп, каде што ја формира Трезвената ложа „Златоврв“, која пред властите функционирала како здружение на граѓани за борба против алкохолизмот а ги обновува есперанто друштвото Stelo (Ѕвезда) и партиската организација во Прилеп.

По големата провала и откривањето на ММОР во Скопје, полициската акција се проширила и во Прилеп, каде што е уапсен и Димче Аџимитрески со повеќе членови на ММОР. По шестмесечна истрага сите уапсени, без никакво судење, се пуштени од притвор.

Паралелно со политичките активности кои ги води во Прилеп, Димче се запишува како вонреден студент на Правниот факултет во Белград. По завршувањето на факултетот во 1940 година се враќа во Прилеп, каде што до окупацијата работи како судски приправник-волонтер. Со доаѓањето на новите окупатори му била понудена соодветна работа според струката во Македонија или Бугарија, но поради посветеноста кон револуционерната дејност, Димче ја одбива оваа понуда.

Во Скопје, преку Борка Талески партиски бил ангажиран во МК (Месен комитет) и ПК (Покраински комитет) на СКОЈ, МК на КПЈ, а во ПК на КПЈ бил ангажиран како инструктор. Во пролетта 1942 година ја обновил партиската организација на железничарските работници а во јуни истата година во Охрид формирал месно партиско раководство. Во октомври 1942 година по налог на Кузман Јосифоски-Питу заминува во Струмица да формира месно партиско раководство, но набрзо е разоткриен и е принуден да замине во Горна Џумаја, од каде што повторно ја координира работата на струмичката организација.

Во март 1943 година се враќа во Струмица, каде што активно работи на формирањето на партизански одред кој требало да излезе на 25 мај, но по претходна провала од страна на бугарската полиција, на 12 мај се уапсен целиот состав на МК и сите предвидени борци, кои требало да излезат во партизани. Димче Аџимитрески успева да ја избегне полициската акција и заминува од Струмица, но бегајќи во ноќта, залутува во селото Вејсели (Валандовско), каде што претходно е предаден и уапсен од бугарската полиција. По апсењето, Димче е затворен во струмичкиот затвор, а потоа е преместен во Скопскиот централен затвор.

На судењето, знаејќи каква пресуда го очекува, свесно презел поголем дел од одговорноста, со цел да спаси дел од своите другари, во што делумно успеал. Од воениот суд е осуден на смртна казна, која подоцна е заменета со строг доживотен затвор, која ја отслужувал во затворот „Идризово“. Во затворот „Идризово“ продолжила неговата партиска активност во затворското партиско раководство. Особено се истакнал во подготвувањето на политичките затвореници како да се држат на судењата пред Воениот суд. На 29 август 1944 година, при една таква задача, под изговор за лекарска помош, бил упатен во амбулантата на Централниот затвор во Скопје, со што го пропуштил масовното бегство на 280 затвореници од затворот „Идризово“, кои потпомогнати од градското раководство на КП и третата Македонска-ударна бригада заминале во Моране кон слободната партизанска територија.

Поради реалната опасност од одмазда на бугарските фашисти за масовното бегство, градското раководство на 1 септември истата година го организира бегството и на група затвореници од централниот затвор, меѓу кои биле Димче Аџимитрески и Ратко Богоев.
Веднаш по бегството Димче Аџимитрески и Круме Наумовски го формираат првиот Народно-ослободителен одбор во сеуште неослободеното Скопје, каде што Димче е назначен за комесар на Скопското военото подрачје, а на 8 септември е назначен за началник на поверенството за печат.

На први април 1945 година Президиумот на АСНОМ го избрал за обвинител на Скопскиот округ при Народниот суд, каде што доаѓа во судир со високи функционери на УДБА, критикувајќи ги за нивните постапки и притисоци на Народниот суд. Истата година Димче стапува во брак со Павлина Жерновска, поранен секретар во МК на СКОЈ во Скопје. Во бракот со Павлина му се родиле две деца: Гоце и Гордана.

Во меѓувреме Димче добива функција во Белград како помошник на јавниот обвинител на ФНРЈ, но набрзо на 1 јуни 1949 година, без никаков налог е уапсен од републичките органи на УДБА за Македонија и испратен во злогласниот логор Голи Оток каде што останува до 1953 година. За преживеаната голгота на Петрова Рупа и на Голи Оток, за која самиот ги нарекувал пекол во пеколот, во едно свое сведоштво ќе каже за деновите поминати со Петре Пирузе–Мајски:.

„Петре Пирузе беше прогласен за „најопасна банда“, за „предавник“ на Партијата и на социјализмот, за „предавник“ на својот народ. Притоа, од него бараа да „признае“ дека е бугарски шпион. Во една прилика Пирузе болно ми се исповеда:
- „Никогаш не сум можел да верувам дека оној, за кого си готов да го дадеш својот живот, така сурово, без вина, ќе те измачува и ќе стане твој џелат, да бидеш суштество без своја личност и тоа во земјата што си ја градел со сопствената крв…“.

По враќањето од затворот Димче, бил вратен во Партијата, му било врачено одликувањето „Споменица – 1941“ и уште неколку други признанија. На 1 јануари 1954 година се вработува како правен советник во претпријатието „Агроснабдител“, од 1 јуни 1959 година работи како началник во Одделението за општи и правни работи при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што работи хонорарно и како професор по предметот „Економика на ФНРЈ“, а во меѓувреме раководи со дирекцијата за правни работи на Народна банка, централа на НР Македонија. До своето пензионирање работел како декан на Вишата економска школа во Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај