Даме Коров

Диме Коров

Диме Коров е роден во 1850 година во Прилеп.

Бил револуционерен деец, трговец и темпераментен граѓанин, син на Костадин Коров и баџанак на познатиот учител Никола Ганчев Еничерев. На почетокот од неговото образование учел во ќелијно училиште, а потоа кај Димитар Миладинов и Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Тргувал со жито и добиток, а потоа отворил и сопствена фабрика во „Сарикаа“.

Бил ангажиран да достави извештај до претставниците на петте големи сили за страдањата и теророт кој се вршел врз христијанското население во Македонија од Турците. За таа цел купил нов минтан од памук, во кој ги скрил писмата кои ги предал на врската во Солун, во познатиот „Мирчев Ан“. Исто така, водел белешки за убиените прилепчани од Турците.

Во текот на 1878 година на 28 годишна возраст бил избран за член на општината. По негова иницијатива, заедно со Ицо Гавазов, Илија Црвенков, Кајкар и други членови на месниот револуционерен комитет, било донесено решение општината да им даде поддршка на ајдучките дружини во Прилеп и околината. Исто така лично се поврзал со војводите Спиро Црне и Коне Павле кои материјално ги потпомагал.

По аферата со Иге Кусев, односно Охридскиот заговор, неговиот имот бил конфискуван од турската власт, а тој бил осуден на 101 година затвор, од каде што успеал да избега, по што заминува за Бугарија.

Во Ќустендил отворил фабрика за тутун, но воден од желбата да се врати во Македонија, во 1885 година станал дел од четата на Адам Калмиков, која при обид за влез во Македонија била разбиена од аскерот кај селото Градец (Демир Капија), по што се вратил во Бугарија, каде што доживеал длабока старост, постојано работејќи за македонската кауза.

Нема Коментари

Коментирај