Coluber caspius (Жолт смок, Смок стрелец) , се сретнува главно во југоисточните делови на Европа, на територијата од Балканскиот полуостров (со исклучок на северозападниот дел) по долното течение на Дунав, Јужна Украина, Молдавија, во јужниот дел на реките Дон и Волга, се до Кавказ на југ и Северозападен Казахстан на исток. Исто така, се сретнува на островите во Егејско море, Северна Турција и во изолирана област во Северна Унгарија.
Кај нас е застапен на целата територија од Македонија по места на каменест терен, обраснат со грмушки и ниски дрвја, каде што има можност за криење, но често е застапен и низ обработливата земја и во ниските дрвја и грмушки, каде што лови ситни глодари и птици. Се храни исклучиво со гуштери, глодари, помали змии и смокови и птици.
Возрасна единка достигнува должина до 2 метри, но некогаш и повеќе. Не е отровен, но кога е исплашен каса многу силно. Кон средината на летото женките снесуваат 6 до 18 јајца со големина од 45 милиметри. Жолтиот смок зимува самостојно, но и во групи од десетина и повеќе примероци во поголеми дупки во почвата или карпите. Зимскиот сон им почнува од крајот на октомври до крајот на март, со исклучоци при потопло време кога излегуваат порано на површината.
Коментирај