Царевиќ се наоѓа во источниот дел на територијата на општина Прилеп, во горното сливно подрачје на реката Раец. Селото е ридско, на надморска височина од 696 метри. Од градот Прилеп населбата е оддалечена 25 км.
Царевиќ лежи во осојницата Кичер, на излезот од Сув Дол во Царевиќка Река. До селото има чешма Сив Камен. Селото отсекогаш било христијанско, од збиен тип, со разредени краеви.
За Царевиќ отсекогаш биле подеднакво важни земјоделството и сточарството. До ослободувањето од турското ропство, средсело имало беговски имот од Билиман-бег од Прилеп, кој го поседувал и поголемиот дел од селото како чифлик, кој е формиран во средината на XIX век „со двор“ и „од мака“. Нивите се наоѓаат по долините на Царевиќка Река и повеќето се под вади. Мерата е на Сува Гора: Костовска нива (баталак), Игралиште, Самодрво, Дебело огниште, Маркова кула, Маркова коњушница, Кискана, Четири буки. Тука во зима се подготвувал јаглен. Преку летото во Царевиќ престојувал ковач од Прилеп. По реката имало повеќе воденици. Под селото се наоѓала старата железничка станица (теснолинејката).
Во XIX век Царевиќ било село во Прилепската каза, Мариовска нахија на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Царевиќ (Tzarevik) е посочено како село со 44 домаќинства и 220 жители и 6 Роми.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Царевиќ има 470 жители, од кои 460 христијани и 10 Роми.
Во почетокот на ХХ век населението на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Царевиќ имало 320 егзархисти.
Најстарите жители на селото биле бегалци „поради зулумите од Арнаутите“, и тоа од Селиште на Царев Даб, над устието на Царевиќка Река, во почетокот на XVIII век, но и во збегот „чумата уште пустошела“. Најстари фамилии во Царевиќ се: Станковци и Бекчевци (Митровден); Гусовци и Димовци (Свети Георгиј); Колажеговци и Мицковци (Свети Никола).
Други стари доселеници во Царевиќ се: Соколовци (избегани „од поле“ од Прилеп во почетокот на XIX век, слават Свети Георгиј); Бошковци (дедо Бошко избегал од Раец во средината на XIX век, слават Свети Никола).
Понови доселеници се: Лажовци – Илевци (слезени на чифлик од Радобил околу 1860 година, слават Свети Никола); Бачковци – Данчевци (донесени со мајка им како посинети од Смолани околу 1870 година, слават Свети Никола); Пешиќовци – Дуевци (татко им дошол домазет од Радобил кај изумрената фамилија Грковци околу 1880 година, слават Свети Никола); Котевци (Велјан дошол како „измеќар“ од Марул на беговината во Царевиќ во 1904 година и немал слава зашто бил „испустен“).
Од Царевиќ, околу 1880 година, во Ниш се отселиле Лажовци. Тие избегале од бугарските комити, зашто не сакале да пристапат во „бугарската партија“. Во Ниш ја отвориле Курешката меана.
Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 254; 1953 = 251; 1961 = 166; 1971 = 77. Според пописот од 1981 година, во Царевиќ имало 32 жители, во 1991 = 17, во 1994 бројот се намалил на само 12, а според пописот од 2002 година селото има само 10 жители, сите Македонци.
Во селото Царевиќ се наоѓа црквата во чест на „Свети великомаченик Димитриј“. Црквата претставува еднокорабна градба, полукружно засводена, со полукружна апсида, која однадвор е расчленета со пет слепи ниши. На западната страна има галерија на кат. Црквата е подигната во 1899 година. Фрескоживопис има само во олтарот.
На местото Селиште кај Царев Даб има „гробишта“ и „црквиште“. На ова „црквиште“ темелите неколку пати биле обновувани, сè додека во селото не била подигната црквата „Свети великомаченик Димитриј“. На Царев Даб имало и еден голем даб и „некојпат некој цар ручал под него, кога одел низ царштината, а од кладенчето до дабот се напил и вода, па поминал низ Селиште, па оттука и имињата за дабот, реката и селото“. Кај Царев Даб има и едно место „Илинско манастириште“, каде што селаните еднаш изорале „напишани камења“, на кои имало нацртано „луѓе“ во релјеф. Некои од овие споменици со грчки натписи биле однесени во Радобил. За „Маркова Кула“ и „Маркова Коњушница“ на Сува Гора, каде што има грамадни стени, селаните верувале дека се од Крал Марко.
Селскиот панаѓур се одржувал на Спасовден.
Во село Царевиќ е роден револуционерот Ѓорѓија Лажот, убиен во борба со турскиот аскер во 1884 година.
Во 1904 година, некој христијанин од Прилеп го продал својот чифлик во село Царевиќ на Билиман-бег, но бидејќи не можел да си ги добие парите од агата, го препродал истиот на селаните од Царевиќ. Кога разбрал за тоа, Булиман ага собрал група од 10-12 Турци и како одмазда убиле 23 селани, кои ги затекнале како жнеат во полето. На местото од злосторството излегла комисија, во која биле прилепскиот кајмакам и еден италијански офицер. Според сведоштвата на четворица преживеани, злосторството го извршиле Турци, кои биле облечени во војнички алишта, вооружени со пушки, кои ги користел турскиот аскер. Италијанскиот офицер ги документирал сведоштвата и направил една фотографија на убиените жетвари.
На 8 ноември 1941 година во Царевиќ се одржал митинг, кога 23 партизани, учесници на Октомвриското востание, ноќта дошле во селото и во раните утрински часови го ослободиле, со што создале прва слободна територија во Македонија и го означиле продолжувањето на востанието на македонскиот народ. Со ова, младите партизани и револуционери го покажале својот патриотизам и храброст, борејќи се за слободата на Македонија.
Коментирај