Колумна: „За Аристотел и вредните нешта“ објавена во весникот Дневник на 12 јули 2000 година.
„Не само кога е убаво, јасно, кога е величествено; туку и кога е стемнето, кога молњите с’скаат како небесни кобри, јас точно знам зошто сум во планината. Знам што барам тука каде што сум, колку и да е можеби во моментот опасно. Можам да се запрашам не беше ли поумно да седам дома, пред ТВ-екранот, во мирот и сигурноста, но само за по којзнае којпат јасно да разберам дека не беше, и дека сум токму тука, во планината, на вистинското место. Каде што душата посакала. Каде и да живееме, ние создаваме една имагинарна топографија.
Таму, во тој предел, ние сме на своето вистинско место; секоја ливада тука од нас е смислена, кладенците се таму каде што ние им рековме да извираат и шумите се онакви какви што одбравме ние да ги замислиме; во тој свет се среќаваме само со тие што ни се блиски, што се чесни, умни, со кои се почитуваме и со кои се сакаме. Со овие или слични мисли брзав едно утро низ Халкидики. Намислив рано да стасам до Стагира, за да не задоцнам на првото, утринското и акроаматско предавање на Аристотел.
Во мојата метафизичка географија, Стагира е престолнина. А во неа кралува – Аристотел лично. Не е претерано ако се рече дека целата европска филозофија, и добар дел од нејзината книжевност, особено драмата, а пред се трагедијата, се само една серија фусн-ноти, низа забелешки, на Аристотелови стојалишта. И затоа брзав. Да стасам навреме на неговиот утрински час. Оној за одбраните! Ама, ако е Аристотел, не е Господ! И од Аристотел сакам да ги слушнам аргументите. И – особено од него ги барам!
А што вели тој за својата метафизичка географија!?
За него – тоа е подрачјето на филозофијата. Добрите нешта се – добри; затоа настојуваме да ги имаме и да ги сочуваме. Лошите нешта се – лоши. Ги одбегнуваме. Најдобрите нешта се здравјето, богатството, паметот. Но, на оној што полудел, ниту здравјето, ниту парите не му вредат ништо. Значи, паметот е она највредното. Тука ни е нашата душа. Тука сме ние. А душата сака да се воздигнува. Оној дел во паметот што стреми кон разумното, кон повисокото, кон вечното, е поважен од оној дел од умот што не наведува да го сакаме неразумното, ниското, минливото. Ние сме најмногу свои кога го следиме она најумното и највозвишеното во нас. И кога ги следиме пониските нагони, ние навистина сме живи луѓе; но не живееме како луѓе! Без сетила и без ум, ние сме исти со билките; со сетилата, но без умот, ние сме исти со животните; но со сетилата и со разумот, а без неразумното, слични сме на боговите. Затоа, само со филозофијата му се доближуваме на она највредното, на божественото во нас! – ете така некако мислел Аристотел.
Треба ли човекот да живее во согласност со умот? Треба ли да настојува да ги достигне и да ги сочува вредните нешта, во себе, треба ли да ги побудува во другите!? Зарем не е поисплатливо да гледа како да се збогати, да стекне политичка моќ, да изгради фабрика…? Зошто воопшто да се занимава со филозофија, и особено, што ќе му е Аристотел!? Имам чувство дека е еден вид општа психолошка вистина дека секој човек природно стреми кон тоа да го разбере светот во кој живее и да се ориентира кон добрите и вредните нешта во него. “Но што ако мене ни најмалку не ме интересира ниту филозофијата, ниту тој Аристотел!
Ако воопшто ништо не ми значат ни Платон, ни Спиноза, Хегел, ниту едикојси од мртвите или од живите филозофи!?” Ова прашање е сосема легитимно. Навистина, зошто на некого не би му изгледало и беспредметно и залудно да се занимава со што и да е друго освен со збирање пари, стекнување моќ, или едноставно, со седење и чекање животот, каков е таков е – да му помине без возбудување, без разочарувања, без идеали!?
И така ништо не може да се смени, зашто и најбогатиот и најмоќниот, сосема како најбедниот и најслабиот, ќе заминат таму од каде што враќање нема!? Имам сретнато многу луѓе што не го сакаат ниту шампањското, ниту добар зелник, за кои кавијарот не е ништо особено, а добрата книга, врвниот тутун, музиката на Бах, операта на Верди, како и сите Есхили и Шекспири, Јаневски и Конески, драмите на Платнарот, расказите на Мехмети, песните на Ана Димишковска, филмските режисери или големите актери, бесмртните примадони (а меѓу нив, најмалку две македонски Анастазии), ниту нешто им значат, ниту во нив нешто наоѓаат! Да се разбереме. Тие луѓе многу нешта пропуштаат; нивниот живот е без низа вредни содржини – пусто чемреење – но тие бездруго не се злосторници. Не се криминалци. Нема никаква причина врз нив да се применуваат некакви принудни мерки за превоспитување. Како што нема ни оправдување евентуално да ги присилуваме да јадат, да пијат, да го читаат она што не го сакаат или да слушаат музика што не им е блиска. Штета за тие што немаат вкус. Длабоко сочувствуваме со тие што не можат да развијат усет за убавите нешта, како и тие што немаат сила да стремат кон најдоброто во себе. Жално е што на некои луѓе Аристотел не им значи ништо.
Но, да расчистиме – тоа не е грев! Ниту убавината, ниту добрината, ниту филозофијата и Аристотел не треба да се наметнуваат. Немојте ништо од тоа да го правите со одбивност и со гнев. Подобро – немојте воопшто ни да го правите. А на езотеричниот час стасав навреме. Во крошната од големиот орев, раскошно раширена до споменикот на Аристотел, здогледав еден бел јарец. Остана горе, неподвижен, повеќе од цел час. Ме бендиса да поверувам дека тоа Аристотел го беше испратил. Колку да потсети дека и еден обичен јарец стреми кон тоа да се воздигне; дека и на него му е подобро кога е повисоко.
Коментирај