Колумна: „За ангелите“ објавена во весникот „Дневник“ на 13 април 2002 година.
ОКОЛУ НАС
Има едно прашање, темелно по својата природа и клучно по својата сушност, чиј одговор рељефно ќе го исцрта нашиот психолошки профил, мозаикот душевен, нашите перцептивни можности и сознајни капацитети.
Сиреч прецизно ќе не опише и дефинира промовирајќи не наспроти се друго, каршија сите други. Привидно теолошко, поправо сакрално, прашањето, имено, е од еминентна земна природа, што подолу ќе се види, и гласи: Дали верувате дека постојат ангели? Или уште поодредено: Дали сте сретнале ангел?
Но, претходно, нужно ќе да е, да објасниме што е тоа ангел, за битие какво станува збор и како го доживуваме, по што го препознаваме, ако го препознаваме, ако сме препознале? Описите содржани во светите книги, нам достапни, во оние елегантно и исклучително вдахновено составени измами, по нашиов повод се од извесна, но секако мала, помош. Но, сепак, потпирајќи се на она што таму може да ни биде од полза, да пробаме да објасниме што всушност под тоа тие подразбираат: Ангелите беше да ти биле, како што не известуваат споменатите фантазмагории, суштества етерични и до крај левтерни од што пердувести, а над се лични, како нарисани и мили и премили, кои понапати се појавуваат во улога на човекови заштитници. И тоа таму е се, ни збор повеќе кој ќе ни ја доближи, ќе ни ја направи поразбирлива ангелската природа.
Та во таа насока и по намена таква, од што од висок интерес се чини, еве го нашето искуство: Првиот ангел бев бил го сретнал уште во младини. Од недопица, наврапито, без најава и знамење ино. Беше тоа во конаците на манастирот над селото Прилепец, во скутите на сивата гора Селечка. Плипот народ, по повод празникот манастирски, беше бил се насобрал во големата одаја од конакот, на чија средина баботеше пампур од буре тенекиено згрвелкан и го правеше зимскиот студ снослив, та дури и лагоден…
Влезе тивко, тукуречи како и да не влезе, и без колебање седна до мене. Годините тешко можеа да му се одредат, но беа позни, поодминати, прудолу истркалани. Ми се насмевна и без збор ме погали по образот помеко од со пердув, раката не му ја сетив. Потоа од струненото, ветво, но прано торбуле извади малендраво парче чкорлосан и подмемлосан леб и уште помалундрав откусок пресушена печена тиква. Обете ги преполови, лебот и тиквата, та поголемата половина ми ја понуди мене. Пред тоа бев нешто веќе јал и бев сит, а и тоа што ми го даваше не изгледаше особено привлечно, но го зедов, заради неговата ангелска насмевка го зедов и заради неверојатната количина добрина која ме заплисна од накај него.
Подмемлосаниот леб и пресушената печена тиква во сласт ги изедов. Тој вкус и денес го чувствувам на непцата…
Кога утрото се разбудив веќе не беше тука. Паметам дека беше да сум заспал на неговите колена додека тој нешто тивко за небесата ми зборуваше, за вилаетите горни, за Горна Земја каде често се качувал за да отпочини од сето, од светот…
Вториот ангел го сретнав минатата сабота во Прилеп, на сред пазар, околу ручек време, нешто пазареше: троа младо лукче, зелена салата и компири. Без напор го препознав, веднаш, по држењето на телото, по тоа што, како сите, не газеше по тлото, туку се лизгаше над него, а најмногу по лицето ангелско и по гласот божествен го препознав. “Нужно ќе да е со тебе троа да побеседам, саде неколку думи.”- Ми рече и ме тргна понастрана, на мостот од реавата рекичка. – Време е да се вратиш назад во планињето, меѓу стените и билјето, со реката да се изедначиш, крај неа да коначиш и сред пладне, поттикнат од ѕверињата и пилците, да броиш ѕвезди. Овој пат предолго остана меѓу луѓето, та почнуваш на нив да прилегаш, намќор да си и стушен, тага да те разјадува и коб темна што не се висветлува. Во последно, како читам, глас креваш упрекум недугавите, упрекум малуможните и злочестите, наспроти министрите, со нагласка на Љубета, а и другите. Батали, јалова е работата, не само што никој не те слуша, туку и одекот од она што го говориш може тебе да те заглуши, да се задушиш од зловолата неподнесима. А ним, ним спас им нема, времето ќе ги заборави, туку и да ги запомни, по злохудоста ќе ги помни.
Неподмитим судија е времето и видар невиден. Остави го него да исчисли и прочисти, ти врати се каде што по правдина припаѓаш…
Тоа рече и исчезна мојот ангел.
Ме остави на мостот стежнат, наклапушен од трудната премисла: Дали треба да се послуша гласот на ангелот- заштитник, та да се замине таму, меѓу елементите, во слободата на молкот, сред лековитата тишина? Или да се остане овде, во оваа заглушувачка врева и да се пишува, да се зборува, да се вика, да се крика од болка со која бездушните денизден не ” честат”?
(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)
Коментирај