Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Волтер“

Колумна: „Волтер“ објавена во весникот „Дневник“

БЕЗУМНОСТ

Лишен од анималистичките задоволства на глупоста, оној кој на умувањето му се предал е постојано прогонуван од толпата и власта, оти на првите им го опишува безумието на ропската покорност, на другите мизеријата на надреденоста, а на сите заедно отсуството на вечноста.

Погледнете го оној градинар, драга госпоѓице онаа небесна фигура на
на упорност, наведната над земјата ровка, како со невидено трпение и мајсторство, во полн занес ги прекопува леите со цвеќиња. Со нежност прилежна ги засадува кревките стракчиња од темјанушките, од перуниките и криновите, од трендафилите и розите.
За него не постои ништо надвор од тој свет на билките шарени на тревките миризливи, на ботаниката од страста негова, кои, откако ќе расцутат ќе го галат нашиот поглед. Можеби само понапати, во свеста несигурна, ќе му блесне сликата на пет-шесте засмеани, бридави дечиња, кои, врескајќи се бркаат низ дворот на неговиот скромен дом, таму некаде во трошните предградија на мизеријата докрепима. Сомнеж не го разјадува, ниту јанѕа некаква го тормози и никогаш не се депрашува кој сум и зошто сум, од каде доаѓам и кон на каде сум упатен.
Додека јас мила моја, далеку од своето семејство пополека ми бледее во сеќавањето и љубената Франција, прогонет од клерот и волјата на самодржците, сеуште, со трагична упорност, се занимавам со големите
проблеми на човекот и светот, та дури и Бог, Пастирот семожен, под прашање го доведувам…
Да, му завидувам, драга госпоѓице, туку што никогаш, под ниедна закана или ветување, со него не би се менувал.
Велат дека ова, шетајќи се едно студеникаво предпладне по непрегледните, беспрекорно уредени паркови од дворецот
Сансуси, каде го живеел своето предолгопрогонство, прибран тука под милоста на Фридрих втори Велики, манијакалниот и крволочен пруски крал, Франсоа Мари Аруе Волтер и го рекол на некоја недугава дама
од кралската придружба.

Оваа анегдота, која му се припишува на велеучениот енциклопедист, со мирна совест и радо би ја потпишал секој кој со самоуништувачката професија на слободното мислење се занимава, оти таа во себе ги
епитомизира клучните особини на мудроста: Умот е заведлив, кој до него ќе се допре, кој ќе го достигне, за секогаш ќе биде
прокажан, Како етеризираниот болен, мудриот, лебди во сферите надстварни, отаде физичкото, сред надчулното. Слободното мислење е самонаместена стапица во која одбраните, најретките меѓу нас, до
броволно и драговолно се вплеткуваат и никогаш, за ништо и со ништо не би ја замениле. Излезот од тој лавиринт, умниот, сам го заѕидува со циглите на презирот општ и презирот кон себе, конецот од Аријадна не го прифаќа за да остане внатре, сред спознанието горко, во центарот на епистемите на болката, сам и очаен. Оти осаменоста е неговото панцирно руво со кое од глупоста се штити, а очајот неговата архимедова потпорна точка врз која тагата грамадна ја потпира.

Седнат на работ од најоддалечениот северен гребен и загледан во брановите од морето солзи кои не ќе се достатни да го исплачат светот, мудрецот тивко и едвам чујно тони во бездната на скепсата и
се прашува, оф колку растревожен се прашува: Кој сум јас, од каде доаѓам и зошто сум, ако воопшто сум во ова кусо траење до исчезнувањето? И летот од смрзнатата вечерна птица подолго трае и
издивот последен од ѕверот смртно ранет подалеку ќе се чуе, и одекот негов подолго ќе трепери низ клисурите, од мојот
живот што е привид, од сенката сенка, невидлив одраз во огледалата беспрекорно избрусени, непостоечки.

Туку сепак, и покрај се, то, го прифаќа сопственото отсуство, или присуство кое со мирна душа отсуство да се нарече е можно, не заради себе, поправо најмалку заради себе, туку заради апсурдот на миспењето кое до апсурдот на постоењето неизбежно води. До таа критична точка на која, како од брегот на заборавот, се научено, промислено и спознато во парампарче се разбива, после што зјапнува суверената белина на испразнетата егзистенција. Лишен од анималистичките задоволства на глупоста, оној кој на умувањето му се предал, го избрал патот на аскезата, на екстатичното страдање. Постојано прогонуван од толпата и власта, оти на првите им ја опишува удоста на поднесувањето, безумието на ропската покорност, на другите бесмислата на владеењето, мизеријата на надреденоста, а на сите заедно отсуството на вечноста (-смртта), тој е самоосуден постојано да линѕа од немило до недраго. Стан и пристан да нема, само понапати по некое привремено засолниште, каков што беше дворецот Сансуси за Волтер или аутодафето за Џордано Бруно…

Најгрозоморното за најмудрите!
Ете го императивот кој ја потресува оваа планета. Ете ја историјата на светот собрана во една реченица. Но, не жалете го оти тоа е неговиот избор, оти само тој имаше избор и знаеше. Оф, со колкава сигурност знаеше дека се што е привремено е непостоечко, барем во иднината, та така и хоробата, страдањата на телото, болката душевна ја нема или ќе ја нема во иднина та која станува стварна само кога ќе е сегашност, поправо во минатото кога ќе се пресели. Туку што се било како да не било оти не е: Помнењето, ако го има, не е егзистенција!
А, поетот една празнина, ќе рече поетот.

Нема Коментари

Коментирај