Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Уа, депутати“

Колумна: „Уа, депутати“ објавена во весникот Дневник на 4 јануари 2001 година.

„Надвор снежи. Некое ситно и ретко снеже ромори, како да се умори зимата та отстапи пред себе, од својот катил- нарав наново би поразена, од мразот сред срцето згазена, урнисана.

А толку долго за пролет сакаше да ни се претстави, да не измами, нас лековерните, со цутот на бадемите, дека ете, неможното е можно, а долното- небесно. Дека климата од оловото на зимата, од мрачното и мачното поведение, ќе направи златна пролет…
Значи проектот не успеа и нашата надеж оти до пролет со пролет ќе дотуркаме, стоплени и просветлени, срамно би запретана во плитките, смрзнати, гробишта на човечката несоодветност. Ќе тресиме клинци, од студ усвитени, и годинава, чаре друго ни нема. Оти од сега па се до тревен или цутар, сета одговорност за нашата опстојба, за тоа дали ќе се преживее, ја презема мразот…

-Чекај, уступи се и молкни, ни слово понатака, ни буква, ми срска некој во мене и ме препали. Та нели намерата ти беше друга, нели се ниетеше, небаре Мишел Фуко, нешто за историјата на проституцијата да пишуваш? Да ја претресиш, согледаш и обгрлиш таа, за себе, од мерата згора, возбудлива тема, особено проституцијата и другиот курварлак сега и овде, особено кај нас, поособено меѓу нас. Оти како што се чини и видливо и очебијно стана, дибидус ачик, со тој камењарски занает, со таа лезет- професија почнаа да се занимаваат и аматерите и дунстерите, оние на кои не им текнува и оние за кои никому не му текнува: Мажи доклинкани и спурени, чиј алат дамна му го потомориле пајките или, пак, е фрлен на баџа, а може да е во некои други тавански простории зафрлен, заборавен, напуштен и тажен; жени оклембешени и процовцани чии гради споени со бедрата сочинуваат едно и единствено повесмо истуткано месо, а венерините брегови, тие бавчи месечеви од чии плодови дрочни некогаш се сладеле витине момци вивнати, мажи кршни и бојлии, се одбрани делии, нафатиле мемла и пајажина, запуштени и искубани…

Ете за тоа сакаше да пишуваш, скубе еден и невреден, скуд ти студот, а гладот стоплувачка. Вместо тоа, ти што: му ја писна некоја пејсажна, плус климатска прозодија да подзатуткуваш за народон да го бајбуткаш и хартија да трошиш која може во многу поприкладни цели да се искористи: Да му се објави кадро на оној задграничен студент Флорофски (што може да се преведе како Билјан или Цветко), а не ќе да е лошо, на пример и на оној Даневски кој смрдливи зборчиња, без да му се бурбати и поткрева, низ уста беше решил да тркала…

Се вели, упатените во таа проблематика и практика тврдат, дека во секој човек, макар лит лингур бил, плиткоумен, малоумен и безумен макар, има уште еден, дека секој од нас беше да ти бил хомодуплекс. Е еве ти го на што ќе да е така, овде се прешле душо- толкувачите и другите психијатри, скроз се слизнале, барем што се однесува до мојава дребност, во мене ги има многу повеќе, илје- милје ги има во мене, јас мора да сум ти хомополиплекс. Како да сме на ат- пазар, како мојава ништост сама по себе да ти е ат- пазар, или ветво- пазар, та навасала навалица и турканица од таму некои фодулџии и пуваџии што ми се креваат на големо, исто како Петре Ѓупца- ситничарот во продавањето, и се некои мадри совети и инструкции ини ми делат. Смркнати и стушени, како сето расположливо знаење на дуњава да го сошмукале, со сурати кои понапати на гас- маски прилегаат, ќе почнат да ми заповедаат: -Има да пишуваш, да пишуваш за прашања од врло национално и повесно значење и квит, ќе ми подвикне некој од мене, мене. Под постојана угроза ти ја држат нацијата, на кумплунг- што се вели, некои таму ванчомихајловисти, србокомунисти и други југоносталгичари плус бугарофили.

Ден-за-ден се нови и нови докази влечат од архивите на совеста историска, од немливите долапи на подзаборавеното, од закатанчените мусандри каде се засолнати најдлабоките тајни на народните колебања. Не е важно кој е во право и колку се во право по однос на етногенезичните прашања, нам ни требаат дејци и други прчипетли кои ќе застанат зад форификациите на националниот одеон и толку.- -Пушти го тој налудничав будала, со шепот ќе се интимизира некој друг од толпата во мене, со мене, ти не си герој, ниту пак за тоа имаш чере, ни конституција. Патриотизмот и другите, таму подобни чувства и дејствија се редукционистички, ја намалуваат свеста, го ослабуваат логичкото мислење, ја укинуваат можноста за целесообразни синтези, го разоруваат нашиот спекулативен апарат. Од бескрајно сложениот онтос прават едноставен инструмент за одбрана на татковината (одредница сама по себе матна и нејасна). Тебе ти е дадено суб специе етернитатис да мислиш, да пееш и драматичариш. Твоите теми се глобални и општозначни, космополитистички- со збор, оти твојата кондиција е лиристичка, а капацитетите драматичарски, кленде еден и шанкуре. Напред кон возвишеното, надстварното, неможното- кон љубовта напред, кон тој чифлиг во кого само реткому е дато да заседне и да се слади…

-Не слушај го, мајтап тера со тебе тој циник, ќе му се спротивстави на овега обраќајќи ми се мене, таму некој трет. Ти си интелектуалец (ама килав збор) и по својата природа и судбина мора да се тангираш од собитијата кои, сега и овде, му се случуваат на твојот народ. Неподносителна му ја прават сегашноста и наполно неизвесна иднината. Ако не ти, и некои други тебе слични, тогаш кој друг ќе застане во каршилак на општата загрозеност на општите интереси. Кој ќе не брани од волци- врани, од алавине ашлаци и народомрсци, кои ова државиче, како леблебиче, за своја прчија го прогласија. Не ќе мине ден значи ден- из- ден, се со нови ујдурми не честат, со нови закони за нормалниот ум човечки исцело непоимни, како што е овој најтазе Закон за пратениците. Оној де, на онега, погоре споменатиот, септички интонираниот, Даневски. Ти ги мислиш тие пратениците, избраниците, тие депутатите, кога ќе ги видиш како очите си ги вадат и за срце се фаќаат, како во бес, дури и за пес што е неприличен, меѓу себе се спутумат и пцујат, дека тоа нешто за народецот домолзен се потресени, за усудот негов и севозможните дертови и крвави исцеденија. Ех што те гледам недоветен, мое сештоверно свирипиле, та тоа ти е театро, Караѓоз, панаѓурски игроказ, тоа нивно пелтечење дека ги интересира саде народното добро и сенационалниот раат. Ги виде ли како се туркаа кој побргу за законот да гласа и тие од позицијата и оние, другите душегрижници, од опозицијата. Резил невиден, срамота недокрепима, плус брука за очи да ти капат! Се прогласија себе за државно благо на кое рамно ќе да му нема, сите топтан, овие сега и оние што ќе дојдат, така на невидено и по список. Со ѕид од алабастер си се оградија и со други, за плепсот и рајата незамислими, парични надоместоци. Да не ме сустапува мојата нарав и воспитание таква мрсна пцост овде би шлапнал што тепето да ти се сврти. Ако јас се прашувам,поправо ти или сите ние во тебе сосе тебе, би требало да се донесе Закон за заштита од пратениците! Од таа социо- патолошка малформација, ако сакаш троа поучено. Уа, депутати!- декшавај, не додржав…

-Ами асаматијасот Гошев?, некој четврт, од последните редови ќе подвикне…-Што Гошев, ќе му се цакни петтиот, тој не е од оваа приказна, оти е исклучок што не го потврдува правилото…- И ете така во овие последни мигови на овој век, кој треба што побрзо да се заборави и во заборавот потомори, сред мене има таква караница која, се се бојам, во тепачка и џенг друг може да премине. А јас, навистина, бев со ниет да пишувам за историјата на проституцијата. Белки, надом врлом си се надевам, и ќе ми се здаде во следното илјадагодишје.“
(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)

Нема Коментари

Коментирај