Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Теофил Туфекот“

Колумна: „Теофил Туфекот“ објавена во весникот Дневник на 2 декември 2000 година.

„Толку си сме в уши задоени, од дотресок кроени, вијани, чукани, штроени, та што допуштаме вака да се шенкаат со нас? Умот да ни го вадат, да се ладат со нашиот простотилак, со литоста наша и ништоста ни. Џоџолот да ни го развртат, ама и наздраво дупки да ни отворат, во скопци да не сотворат, во стрини расчавчени”.

- Ми вели мене Теофил Туфекот, маж бојлија, прек и опак што не се додржува, за кого се прикажува дека една ноќ, во Втората Војна, во една плевна во Пласница, единаесет балисти на спиење заклал угул сам и не дозволил никој да му кркни за да не ги разбуди другите. Единаесет души, еј, ехеј, а немал повеќе од седумнаесет години, таман замажен, таман почнал мовта да си ја бричи. Значи ми вели мене Туфекот, мој подалечен комшија, пред три дни време, во една смрачка, откако ме сустигна, додека нога за нога, нешто распекмезен, дома си се враќав и уште додава со глас кој не се порекнува, ниту пак упрекум му се застанува:
Слушај кленде ваму, сега тргај пред мене кон накај мене за на рајат нешто лаф да скршиме, машки муабет оти дотука ми е дојдено. Ти ми се гледаш нешто како грамотен и пеан, та си велам докрај ќе ме ислишаш и ќе разбереш што ти велам, што ти думам, што умам…

Тргај, де, не туку ми се нечкај, не туку се шантај и премислувај. Зелката е сторена, а и белачка имам каква во животта не си пробал, а ќе црцниш в душа те мава и од сандалија те бутурисува. Тргнав, немав друго, ама и не ќе се можеше оти ми се чинеше, ако му расипам, има да го кркам дреновиот бастун преку плеќи и уште некоја клоца згора… Додека го изодивме тоа малку пат до неговата куќа на три ката- молчевме, муабетот безбили беше за дома, за на раат. Пред порти го чекаше жена му, една очаклена старица со става на мома, а лице како у младана невеста, оти не можеше дома да доседи преполна љубов- изгорувачка по Теофила Туфекот, нејзиното либе лично, веќе педесет и пет години. Кога го виде се прерадува и крадешкум в лице го целива. На тоа Теофил профучи и с(рска: “Сатрдисај се оттука, Спасијо, за резил си, за жива срамота, што ќе речи комшијата?” Туку што се виде дека мило му е, дека нејзината милост го боцнува таму негде, под левата плешка. В куќи го чекаа снаите: едната го прифати бастунот и паларијата, другата пак палтото од плат громби.

Седнавме во гостинската соба додека Туфекот заповедаше што да се принесе за мезе и од кое дамаџанче ракија да се тури. Спасија донесе леѓен топла вода, сапун и крпа колосана, та, откако му ги собу чевлите и чорапите и клекна пред него, почна да му ги мие нозете. Поправо да му ги милува глуждливите стопала со нежност каква ретко се виѓава. – Што да зготвиме за вечера, за поткаснување, гувеејќи го праша постарата од снаите, онаа од Ристета- син му кој печали во Германија, во фабриките од Мерцедес.
- Ќе извадите од каче од мевцено потсолено и нема да штедите оти гостин аирлија ни дошол и откако ќе го подотсолите, ќе го запржите со некоја сува пиперка и две- три од везанине за да налутува и толку.

Од комињарникон јас ќе пуштам, тоа си е машка работа.

Снаите молчешкум заминаа за да сработат што им заповеда милиот им свекор. Спасија му ги избриша нозете со крпа снег- бела, му обу чисти чорапи, му ги натакна топлинките, крадешкум, в образ го целива. Теофил ја крена раката и замавна небаре е со ниет да ја удри, Спасија потпруса, подбегна смеејќи се и се шмугна низ врата.

- Вака ти е од кога се зедовме, море и од пред тоа, ниту време бира, ни од некого се срами, саде се снова околу мене и ме подбуцнува, ме потштипнува, и на врат ми се беси и кај ќе стаса ме целива.

Јас и давам упрека, ама не баш толку, оти знам тоа од внатре и иде, од душата возљубена, а со тоа нема чаре, ни избава има, ако до куртул ти дошло. У човека, комшија, блатнана сотворба господова се ти е во душата, во таа касела недопразнима, пренатрупана шејој секакви: од милост до пизма, од радост до очај и добрина и прекост, ласка по дете и бес безразложен има во душата, а се е колчопере, измешано. Ама човекот ќе е оној што внатре, во тоа ковчеже, ќе му претежни, што повеќе ќе се стежи и по тоа што ќе го препознаваме и ќе го паметиме…

Јас, да си кажам што ме ломи, што ме громи од четириесет и втората, од онаа кијаметна ноќ, во која оние единаесет ги заклав, за што, безбили, си чул, па навака се ист сон сонувам, нив ги сонувам:

Лежам јас погрбечки на една планинска зарамнина, до еден кладенец, во трева што до појас стасува и в сонце се пулам, топло ми е и милина ме обзема од што насекаде мискојна мириса од тревата расцутена…

И тогаш кога најубав усет ќе ми ја подземи душата, како од никаде ќе се појават тие, оние единаесет мина ќе почнат со мене да блудничат. Ќе ме соблечат угул гол, за да ме галат по градите, по колковите, по бедрата и по срамотата. Кај што ќе поминат со прстите крвави зарешки оставаат, кај ќе ме бакнат гнојни рани ми отвораат, а сите имаат исти лица, го имаат лицето од Спасија, мојава изгора. После се будам целиот спотнат и од ум излезен, понапати дури и врескам, ги штрекам домашните.

Се правев, и по доктори одев, и по бајачки, ама ништо не помогна, лек не се најде, рајат не се заспа. Тие единаесет души што бев ги заклал, еве педесет и осум години, секоја ноќ ме колат. Да не бев од тврдо истерезисан, ама и да не беше Спасија, друшката моја и потпората и утехата, досега ќе се обесев, многу пати ќе се обесев…

Пиј… Та ти велам, комшија, се од внатре ни иде и се внатре се таложи, собитија секакви што низ животта сме ги прегрмиле…
Пиј, де…Врлом лагом си се лаже оној што мисли дека ќе се заборави, дека ќе заборави, саживот се ќе памети, до најдребно, а најмногу лошото ќе го стега, ќе го задушува, ѕрцките ќе му ги вади…

Тогаш, четириесет и втората бев млад, недоветно детиште, та играчка ми се чинеше, нешто како џенк малски, колењето. Ама и ме убедуваа дека за доброто на народот треба да се коли, за нацијата и револуцијата и некои други бабини- деветини, трици и згрувци.

Нема народ, мој комшија, ни нација, ни држава, ниту кесар ил бог зарад кого крв човечка треба да се пушти. Ништо злото не го оправдува, ниту злодеецот нешто го избавува од осветата сопствена… Пиј комшија, пиј мило…

Затоа им се чудам на овие сегашниве, и на едните и на другите, што во време без војна, во тевна време, прават работи заради кои тешто се заспива: (Мамат, матат безочно, крадат, та дури не се либат крвца нечија да пуштат додека тврдат оти се за доброто на народот прават. А ваму мислат дека народот е само овца за пастрма или мисирка за подварок, за Божик. Пуста желба што збрложува, копнеж по власта застрашувачки, пусти( После ни до донесоа свинското потсолено, пржено, што мирисаше на блага зимска ноќ во која снег во големи партали пополека се трупа. И од комињарникот пивме, од таа рајска наслада што лозјата месечеви со нас ја делат…

Кога станав да си одам, полн вомјаза и вино, Теофил Туфекот уште ми рече:

- Најмногу од сите не го разбирам оној Андов, маж прекршен, во годиње подистркалани, кој се што видел и превидел, што, а ќе сети дека некаде власт некаква, макар каква, макар кога, се вести, тој веднаш се потпикнува, се мести како стара мома за мажење.

-Тоа за последно ми рече Теофил- кувенџијата, кој се одбил, сите почести и колајни секакви за воените заслуги и сам, со својот занает куќа на три ката изградил, два сина и три ќерки изгледал и сите ги удомил како што го бива, како што го личи за да не прикажува и секој да заблазнува.

Да му се заблазнува на Теофила кој педесет и осум години, а ќе се пристемни намовнува, модрач помодрува.

- На разделба, негде таму пред први петли, на испраќање до порти со Спасија, ја видов неа како пак в лице го бакна. Само што гнојна рана не му отвори, туку некое миро миризливо почна да му течи низ образите… Или, можеби, тоа беа солзите од Теофила Туфакот.“

Нема Коментари

Коментирај