Благоја Ристески – Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Порака“

Колумна: „Порака“ објавена во весникот „Дневник“ на 6 април 2002 година.

МЕТОДИ ВРЛО

Се надевам дека ќе ми простат моите читатели, оние ретки, благонаклони и трпеливи битија, за беспримерната постапка со која овој текст ќе биде лишен од украсите, од тропите…

А пред се исказов што следува нема да биде алузивен, алегориски или метонимиски, што е типично за каков годе книжевен дискурс, туку ќе биде крајно поедноставен и директен, како говор на дете. Тоа е затоа што она што ќе го кажам да не може да биде толкувано, заради повеќезначноста на кодот, никако поинаку освен така како што е изговорено, поправо запишано: Нам, на оваа генерација живи луѓе закатанчени во државава, по се судејќи ни е дадено да го доискрепиме најморничавото поглавје од македонската историја, од таа промискуитетна орџоганка, која никогаш, ама баш никогаш и со ништо не не израдувала. Не не оставила раат, миг макар да здивнеме, да отпочинеме, да не сме саде на штрек, ни сон да немаме, ни заспивачка…

Но, ете, некако се преживеало, криво, лево, се дотуркало довдека, до ова темно време, потемно ни друго, ни слично. До ова време на целосна бесмисла и на сите нивоа, какво пред ова не било, а и не ќе го биде оти не ќе да е можно да се повтори ваква концентрација на здивени луѓе, на безмилосна глутница злодеи инсталирани во врвот на хиерархијата, во власта.

Дојдени тука по темелна и целосна “негативна селекција”, каква умееше да спроведе само Џугашвили, без опус, без знаење, без каков годе опит, само со партиската книшка и бескрајната сервилност кон врховниот; со јасна цел: да се потомори, да се доискраде до се што, на сеедно кој начин, ќе се дојде.

Оние, што колку до вчера по пазарите крадеа лубеници, сега се дулеџии; оние, што до пред некоја година во Бугарија шверцуваа чорапогашници и д’фки, а отаде бањарки и полномрсен кашкавал, сега се директори на царина плус благонадежни; оние што сѐ што знаат, сите вештини темни, ги научија во поправните домови и универзитетите во Идризово, сега „блескаат“ со славата на понтифекси и министри, на банкари и чифликсајбии…

Оти се е сломено, урнато, здробено, се што човеку би препорачано од историската селекција како нему прилежно и принадлежно, достојно нему, појдено е во пуздер.

Ти можеш да се искозиш, возрасен еж да родиш пробајќи да се усовршиш во она што си го одбрал како професија, како љубов и среде апсурдот смисла некаква, џабе ќе ти биде, начисто бадијала. Се што твоите смерни родители те подучувале по однос на моралните надзори, на она што се смее и што е забрането, сега е како парталав и реав чорап превртено наопаку.

Ова е време на некои кои се никој и ништо, време на џабелебари и криминалци, на ашлаци и шарлатани, време на шупливи луѓе. На оние кои со гноен табан го газат лицето на сопствениот народ, на оној ист што ги избра и кој, безпоговорно, им веруваше дека не ќе се како претходните…

И испадна така, како претходните не се, ами се дамбетар: Ако претходните лажеа, овие сушат, ако крадеа, овие обираат, ако претходните беа антидемократи, овие а ќе го слушнат зборот демократија се фаќаат за пиштол; ако претходните, за своите потреби, државата ја претворија во полициска, овие од државата и полицијата направија циркус; ако претходните создаваа меѓуетничка напнатост, овие имаат таква војна…

И сето тоа низ невиден цинизам, како да му се потсмеваат на овој народ, како да се шенгаат и шегачат со својата нација, со сите во оваа Македонија…

Но, за да не виси кажаното да конкретизирам: Еве, на пример, Љубе, првиот државен мајтапчија и поет-аматер, ако навистина завршил правен факултет, како што се фали, тогаш има апсолутно право од даскалот да си ги бара парите назад, оти тој, даскалот, меѓу другото, не го научил што тоа значи поимот презумпција.

Та затоа, заради никаквиот учител, бившиот ученик Љубе јавно го осуди сегашниот професор Љубомир (Фрчкоски, да сме на јасно) за примање поткуп од непознатиот атентатор врз Глигоров (цврц!).

И сето тоа по принципот “виновен си се дури не го докажеш спротивното”, кој е директно преземен од Сталинизмот, од таа гнојна тртка врз лицето на историјата…

Но, овој тазе дунстеризам и не ќе беше толку важен ако во себе не крие јасна порака: “Кога можеме Фрчкота, без каква годе аргументирана поткрепа, да го обесиме на столбот на срамот, тогаш за некој таму периферен колај работа, митисер не ни пука…”
Туку, се си мислам, дека зад тоа се крие уште нешто поморничаво, дека Фрчкоски, скандалот околу него, е тука за да го оттргне вниманието на народот од вистинската тема: Од палатите на Водно, од замоците во Владимирово и Делчево, од провизиите и корупцијата, од распродажбите, по багателни цени, на државниот имот, од стечаите и безработицата, од елементарниот глад на народот, кој не гледа никаква иднина. Од очајот, од длабокиот, темелен очај.

(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)

Нема Коментари

Коментирај