Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Маршалот“

Колумна: „Маршалот“ објавена во весникот „Дневник“ на 2 февруари 2002 година.

Јунаци на нашето време.
Поетас дицит парвам инсанијам (поетите зборуваат малку чукнато), милувале, со благ потсмев, да речат старите Латини. Од тогаш како што, макар со површен увид, може да се утврди, по однос на споменатите, ништо видливо не се менило: и денес и овде, во нашево земјиче колку лешниче, поетите продолжуваат да зборуваат со даден степен на чукнатост.
Особено поетите аматери, а поособено оние орални логодијареисти на кои, кога по повод клучен, ќе им тупниш микрофон пред уста…

Ете за таков, до пред некој ден, го сметав и нашиов, предметниов: За бенигна појава, за забавен феномен, за ешек, шерет згора, малку пцора, туку нејсе, сепак доволно зајден и триш толку патетичен, неоти возљубена келнерка, за да служи за рашена на широките народни маси кој од земи се ака а некој запука.
Мислев дека тој, заради дефект во биолошкиот компас, залутал на погрешно место во ептен погрешно време, но под вистинската команда на неговиот наредбодател.

Сепак, како дошол, така, со соодветна брзина, и ќе си појде, ќе го исправи патот кон анонимноста на која, поправо, и и припаѓа. Ќе исчезне онака тркалобразен, сунизок, добро ухранет и во маскирна униформа, сосе ритуалната пршута и виното.
Но, дека лагом плитком беше да сум се лажел болно узнав откако, на една локална телевизија, го ислушав неговиот говор во Крушево – градот под Мечкин Камен, таа дефинитивна логичка малформација, таа кавга со значењата и смислата, а пред се тоа невидено, торжествено интонирано историско кривоклетство.
Морници, како усвитени парички, по плеќи ми поминаа кога чув, а на родените уши не сакав да им верувам, дека под иста “застава”, како што рече на својот “македонски”, ги става крушевските самоубијци, предводени од Никола Карев и Питу Гули, и Тодор Александров.
А овега, вториов, дури и високо пред нив…

Добро, си реков, влегувајќи во солилоквијална логомахија, човекот има право на заблуди, на погрешно читање на историските факти, а пред се на нивно произволно толкување. Се разбира дека е така, но се дотогаш додека фалсификаторот не се наоѓа на таква позиција, на каква се наоѓа нашиов, од која заблудите може мошне широко да ги распространи, како каколот што се шири, како семето на расколот…
Туку и уште некако ќе го голтнев Крушево сосе него таму, како интија што се голта, и ќе се приплатев во надежта дека, со Господа Бога на помош и со плочките на гради, се на тоа ќе се сконча, на тоа и таквото тревливење, ако не дојдеше на ред Битола, градот под Тумбекафе, градот на конзулите и ТАТ.
Ете таму, како што не известија оние медиуми врз кои не е положена раката на царот, ама и по некој жив сведител, нашиов “јунак над јунака”, влегол во полн триумф, како Маршалот во свое време, а може да е и нешто фазла. Таму ти била чиста унерија плус скандирање и негови кадра носење, небаре Битола е Газиместан, за што само уште хелихоптер фалел…

И како последица на тоа, што секако требаше да се очекува, ги скостија од ќотек непослушните ученици од гимназијата во Неготино. За кои ресорниот надлежен, оној “прочуен микрочипист”, во миг на луцида интервала, утврди дека се хомологни (што ќе рече плукнати исти) со терористите на ОНА…

Добро, важи, се ќе признаеме и под дереџе секакво ќе се ставиме само, риџбом страшном ве молам, не ни ги тепајте децата, оти тоа е последното што овој народ може да го издржи. Не децата! Еве ние сме тука за да не давите, да не стрижите, да не молзите до крв.
(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)

Нема Коментари

Коментирај