Колумна: „Маклатура“објавена во весникот Дневник на 28 септември 2002 година.
„Благоја Ристески Платнар – Секојдневие…
Еве, повторно сум принуден да го напуштам својот вообичаен јазик, оној по кого ме препознаваат и заради кого, плиткоумно се надевам, ме милуваат моите читатели, оние малку одбрани и доволно возлени.
Да го напуштам за да не дојде до погрешни толкувања или, низ екскурси, сенчења на исказот. Значи повторно да проговорам како дете малундраво и малузнајно, дете неупатено во занаетот на заматувањето, на усложнувањето до неразбирливост, оти предметната тема, или темите, така захтева.
Оти тие, темите, се доволно сложени и наполно неписателски, за да можат да поднесат дополнителни компликации кои метонимискиот јазик, сам по себе, ги создава.
Значи да пишувам за собитија од кои на мојата кревкост и се бурбати, сафрите и се креваат и благонаклоната чувствена утроба превртува. Ми се чини дека најзгодно е да се почне со неколку автобиографски цртички.
Овие избори некако, криво лево, без некои посериозни последици, ако се изземе карикатуралното отекување на усните од херпес симплекс тип 1, ги преживеав. А можеше сешто да боде, оти мојава занемарливост беше, онаа морничава ноќ во Прилеп, со мојот драг пријател Петар Гошев, кога него го нападнаа и кога над нашите глави испукаа цел шаржер патрони од калашников.
А бевме со ниет, во кафетеријата “Булевар”, надвор на масичките, тукуречи на тротоар, да испиеме по едно еспресо и по чаша минерална вода. (Овде сакам да ревидирам една глупава изјава на младиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ дека Гошев бил полупијан: Тој е, така речи, тотален антиалкохоличар што, соодветно, ми оди на живци.)
Туку што заборавивме, а можеби и не знаевме, очигледно обајцата, дека изборите не се суверен израз на демократијата, ами тотална војна, валкана војна до истребување.
После моето раскантано “фиќо” морав да го прогласам за возило за екстракција, за борбено возило со кое беше извлечена од поприштето жива сила (се мисли на Гошевата и мојата).
Таквата промоција, во борбено возило, на таа крнтија воопшто не ми се допадна оти кон него, кон “фиќото”, ми создаде дополнителни обврски во смисла на грижа и нега…
Туку што ова, со сигурност, немаше да го споменам, барем не вака јавно, ако не се збиднеше и вториот настан кој со претходниов е поврзан со длабока, темна врска, а во кого, ни крив, ни борчлија, повторно се најдов во центарот.
Имено, мојава маргиналност е оној кој, на една конференција за печат, беше посочен од директорот на прилепската печатница, од тој фин господин и мошне успешен во се што ќе пофти, со кого сме блиски уште од младини.
Ме покани да ручаме заедно во гостинската соба, која се наоѓа во кругот на печатницата, за нешто да си позборуваме околу печатење на книги, оти беше се заниетил да стане и сериозен издавач…
И токму ми донесоа мезе сирење и една жолта, а пак нему минерална вода (да ти се плукнам во среќата, се на антиалкохоличари наидувам, та морам и јас на таков да се градам), кога, до заби наоружана, со исукани калашникови и во панцирна облека, во печатницата бувна полиција.
Не само што влезе внатре, туку и од сите страни го сардиса објектот, а нас не зароби, исто како во пусто турско или српско, ил бугарско. Небаре печатницата е воен објект во кого се кријат терористи и други злодеи опасни по државата и народот, а всушност таму беше народот, работниците кои, извесно време, не ги пуштаа да си одат дома, при своите кои се, исто така, народ.
Па сега гледај му го умот и крој му паларија на оној, челникот, кој беше да ја издал наредбата, на оној угостителски работник од Челопек. На таква брука и маскара не само што не сум присуствувал во овие позамашни годиње од кога сум под лачите на Богородичното јајце, ами ниту сум можел да замислам.
Туку нејсе, би и помина и мојот херпес пополека се повлекува, оти таква беше да ти била еволуцијата на вирусот, туку што овие никако да се мавнат, и понатака продолжуваат да се резилат и себе, ама и сите нас и овде и пред туѓоземјаните: Лавовите почнаа да ги претепуваат новинарите, ама и меѓу себе почнаа да се толчат, што, секако, е логичен крај на таа инсталација која ни ја подметна повторно оној прочуен “жабицар” од Челопек. Туку, на пример, што да се каже за онаа брадосана ем чикмосана агрикола сподоба, за оној Ѓорчев – ратарот, кој сака да не увери дека може да се земе под наем поголемиот дел на струшкото крајбрежје само за 150 евра.
А кога новинарите ќе го прашаат нешто околу таа багателна кирија, тој ја менува темата и почнува да подвриснува нешто околу извесната, неизбежна, ама и наполно логична коалиција помеѓу
” За…” и ДУИ: Војната заврши, сега е време да се “резбари дрвото”- што би рекол ил милиор фабро – Езра Паунд, храбро да се воспостави мирот за што, како за ништо друго, сите средства се допуштени, пожелни и можни…
Но, корона на се, во ова продолжено време на безвластие, тупурдиса Никола Груевски, она момче кое толку долго за нешто разумно се налагаше, лажен впечаток оставаше, ете тој, затскриен зад Министерството за финансии, го повика македонскиот народ на општ арамилак, на кражба на сите од сите кои немале фискални каси што, рака на срце, е без друг пример за споредба во светската историјата на криминалот.
А, насловот? Е, насловот е позајмен од последната исповедна (што е правило) колумна од кривичарот Ѓорѓи Марјановиќ, попознат како бесмртен преведувач на уште побесмртниот Пруст, во која тој нешто околу изборните резултати се сомнева.
А се сомнева (што повторно е правило) секогаш кога, на сеедно кои избори, неговата партија или тој самиот, ќе изгуби (што е врвно правило кое не поднесува исклучоци). Та затоа ми се чини дека се претходно, вклучително и последниов параграф, е тешка маклатура која треба да се стутка и да се фрли на ѓубриштето на заборавот.
(Авторот е писател)“
Коментирај