Колумна: „Лупус канис“ објавена во весникот Дневник на 3 март 2001 година.
„Оваа кукавичка зима, овој безпримерен дефект на климата, за каков во моето паметење место нема, која хистерично сака да ја преуреди својата природа, сопствената нарав да ја кривосотвори за во пролет, ако и се здаде, да се престори, ден из ден слушаме дека, ете, глутници волци в село беше да ти влегле, влегувале. Дека по селана наши ридско- планински и по некои полски, не само кога е темно, мрак кога по клбоно земно е воспоставен, ами и кога е видно, кога се е ачик и се ти се гледа, волците-крволоци си се шпацирале и соодветни зулуми, згора на тоа и дејствија морничави, беше да ти практицирале, срам да ги јади и арам да им даде Едноногион. Не само што по стадана наши, за мила убавина што ни се и за дика по прилика дивна, посегале, ами и по пчошкине мрши беше да се загнувале, да би изгинале и главата не им била, да би.
Туку што тоа ти е така од векутума па навака: Волкот три ѕвиски годиначки и две бравчиња лански за едно куче миначе менува, оти знае, препредениот, врз основа на своето еонско месојадно искуство, јагнешкото ти е чиста холестеролска бомба, а пчошкото ем посно, ем слачно од мерата згора. Тоа истото го знаат и кинезине, народ канисоворен, мадар и премадар, за акшам да те фати и да си пукнеш во кожата додека некој од нив си го прости Господ наш семожен.
Ајде тоа и некако, у волка и ќудтта волчја, ама што, како што не известуваат, додека пред камерине се кадросуваат, селанине-нашине хранители и крепители на сушноста наша, волчиштана озабени и здивени и скрвени беше и на ратарине и овчарине, значи на нив самите да се молѕнувале, да ги опколувале и сардисувале со намера јасна: до ак да им дојдат и со нив троа се погостат. Само што нашиве, од родов наш и нашево говорно подрачје, никако не се давале, веднаш усук фаќале и соодветни марифети ускладувале во одбрана на телото свое и душата склупчена…
Е ова не се додржува, нит се докрепува ваква лага мрска, иако е од нашите, од најмилите, што е многу, многу е. Демек, сакаат да не уверат граѓанине од по селана наши, со триста сили и во заден час успевале, на врат на нос, да откинат, некако да куртулат од челустине волчји алави, спас да дофатат без да бидат укасани, макар чепнати. Види мажи, мажи четворни и геројствени небаре арслани непобедими, алал им млекото што го цицале дури ти биле голуждрави и безсилни, ама уште поалал боскана што ги доела …
Туку ајде да видиме што чудовиште ќе да ти е тој- волкот, што ѕверка и лиот каков. Европскиот волк (лупус канис) му припаѓа на семејството каниди, во кое се наоѓаат уште и чакалите, лисиците, кучињата… По својата градба и прилагоденост на примордијалниот императив да се опстане, тој е анатомско чудо: неговата нормална телесна температура е помеѓу 39,7 и 39,9 целзусови степени, што е највисока меѓу сите цицачи и му овозможува исклучителна експлозивност при напад или бегство.
Познавачите тврдат дека не постои животно (мечка, лав или тигар…) кое, кога би биле со иста телесна тежина, би можело да го победи!
Наоѓајќи се на крајот на синџирот, или на врвот од еколошката пирамида, неговата улога за системот е од непроценливо значење: ја чисти природата од слабите, болните, или малформираните единки кај животните со кои се храни. Значи ја одржува, поправо подобрува, нивната генетска кондиција. Тој е изразито територијално животно кому му требаат околу стотина квадратни километри ловна територија за да опстане(тоа ќе рече дека во Македонија, во најдобар случај, не може да има повеќе од 200- 300 волчји семејства, или волци самустраци). Неговата лукавост и мајсторство за прикривање и прикрадување се легендарни: многу малку се тие што можат да се пофалат дека виделе волк, а камо ли убиле. Единствен негов непријател е човекот со кого, по секоја цена, го одбегнува контактот, та од тука сите тврдења дека волци нападнале луѓе се апсурдни. Барем во Европа таков пример не е забележан! Туку од каде ќе да беше тој уплав хтонски кој врз искуството не се потпира, од кои мусандри скрити ја присобира својата темна сила? Одговорот е недвосмислен: од воспитанието, поправо од традицијата, од беззабите бапски приказни со кои, во предолгите зимски ниќи, на голиштарчињата страв в коски им се протиња. Само да си припомнеме на онаа морничава, канибалистичка скаска во која волкот ја јаде бабата од Црвенкапа, за потоа ловџијата, со царски рез, да ја спаси од неговиот стомак. Каква крвава конструкција, која злоупотреба на литературата! Но, тоа ќе да е занемарливо и за каков годе спомен невредно, ако е само изолиран пример, ситен дефект во наследството. Туку што не ќе да е така, ами напротив: нашите животи се преоптоварени со несватливи заблуди кои како завештанија, од кога сме пркнале, ги тенгариме. Нивната улога во она што се вика наш “внатрешен свет” е клучна и гибелна.
Еве еден попис кој, ниту оддалеку може да биде затворен: не учеа дека се што не опкружува, елементите, сета природа, се нашите смртни непријатели. Дека таму, надвор, не демнат невидени ужаси,”миракули на грозоморието”, стварни и сенишни, од озабени ѕверови до вампири и таласуми, од акрепи до нави. И најневиниот инсект, молецот или скакулецот, и гугутката која одвај ја преживеа минатата зима, и враната која на страната сончева од нашата стреа гнездо беше да свила, се тука за да кобат и злослутат, на главата да ни работат, наспроти нашата кревкост. Та затоа треба да се ништи се што пишти или пее, се што ползи или лета, природата сета на која,се разбира, и ние и припаѓаме…
И ете ја бесмислата, темпираната бомба во нашата свест чиј фитил, уште од рано, го запалија нашите баби. Бомбата на омразата. Разорителната омраза, не само кон се што го опишува амбиентот во кого опстанува нашата неспоредлива ништост, туку, пред се, кон самите себе, кон родот свој и породот сопствен. Волкот, тој совршен професионалец, тоа биолошко ремек дело, на луѓето не напаѓа, туку човекот го ништи и него и себе. Во Европа, освен на Балканот, волците се истребени. Да се надеваме, со надеж врла и грамадна, дека еднаш, когада е, како да е, тоа истото ќе им се случи и на овие, вториве. За доброто на волкот и крајот на пизмата,таа особина само човеку примерена која,со божествена прецизност, го исцртува ликот негов врз потплуснатиот пергамент на смртта.
Коментирај