Боротино се наоѓа во југозападниот дел на Прилепско Поле, на левата страна од реката Блато. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Кадино Село на исток, Загорани на југ, Пашино Рувци и Обршани на запад и Врбјани на север. Главниот пат со правец исток-запад го дели селото на два дела: северен, кој се нарекува Горно маало; и јужен, Долно маало.
На крајот на XIX век, селото било дел од Битолската каза на Отоманската Империја. Според податоците од 1873 година, селото имало 175 жители мажи. Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, селото во 1900 година имало 280 жители христијани. Според податоците на бугарскиот публицист Димитар Мишев, селото имало 120 христијани.
Во почетокот на XX век во Боротино живееле околу 280 жители. Според пописот од 2002 година, во селото Боротино живеат 277 жители, сите Македонци.
Археолошки локалитети во атарот на село Боротино:
* Петков Вир – населба од римско време;
* Селска Црква – населба од римско време;
* Тумба – населба од бронзено време;
* Рудина – неопределено од непознат период;
Во спортскиот живот во Боротино доминира фудбалот, кој се игра од 1985 година. Фудбалскиот клуб „Боротино“ успешно се натпреварува во Општинската лига на Градот Прилеп.
Коментирај