Бомболовци
ДА НЕ СИ ТИ ОД БОМБОЛОВЦИ?
Носители на историјата на Прилеп од постаро време се земјоделците и занаетчиите, меѓу кои најпознати се семејствата на Бомболовци и Аџи-Здравевци. Овие две семејства, со своите големопоседнички имоти, биле познати ширум Европа. Бомболовци и Аџи-Здравевци се најстари прилепски семејства, кои ја формирале градската населба на Прилеп. Своите куќи ги лоцирале покрај самата градска река, а дуќаните и мазите во старата градска чаршија.
Пишуваните документи за лозата Бомбол датираат од 30-тите години на XIX век. Тогаш од некое село на Мариово во Прилеп дошол Мирче Бомбол. Тој бил трговец со тутун и текстил и постојано тргувал на големите прилепски панаѓури. Неговите ткаенини биле меѓу најквалитетните, бидејќи ги набавувал од Брно, Чехословачка. Откако создал капитал, со својот другар Аџи Илија, изградил фабрика за тутун во Араста-чаршијата.
Мирче Бомбол е роден при крајот на XVIII век, неколку месеци по смртта на татко му. Се школувал при поп Христо во Прилеп. Мајка му, која се занимавала со производство на тутун, умрела од чума околу 1820 година и Мирче бил прибран от вујко му К. Белазелков, кој му го ограбил наследството и го избркал. Слугувал при Аџи-Кочовци, а подоцна започнал самостојна работа. Во 1870 година ги посетил Светите места во Ерусалим и станал аџија. Уште од 1866 година бил член на прилепската црковна општина. Водел голема грижа за училиштето и за црквата. Под негово раководство бил направен прочуениот прилепски иконостас, кој бил изработуван три години.
Пријателството со Илија и парите што секојдневно се множеле му овозможиле на Мирче да се ожени со сестрата на партнерот – Марија. По женачката тој си изградил куќа покрај прилепската река, на тогашната улица „Далматинска“, во која се вселил во 1815 година. Марија му родила повеќе деца, но тие не останувале многу живи. Сепак, среќата им се насмевнала, та Мирче и Марија бескрајно им се радувале на единствените синови – Коста и Ордан, кои успеале да избегаат од прангите на злата судбина.
На постарите генерации на прилепчани им останал во сеќавање Мирче Бомбол. Тој имал два сина – Коста и Ордан Бомбол. Првото занимање на Бомболовци им било земјоделството, а потоа и приходите од малите и ниски дуќанчиња, кои ги издавале со наемнина. Тие отсекогаш биле жедни за земја и ја ценеле како најголем основен капитал со трајна вредност, но премногу бил тежок патот по кој можело да се дојде до тоа парче земја.
Турската власт во целост ја имала приграбено плодната земја во Румелија, во која спаѓала и Македонија. Турските закони биле познати по својата суровост, која била наменета за немуслиманите, им го ограничувала правото на сопственост на земја сѐ до 1856 година, а таа била една од битните одлики на петвековното ропство. Сѐ до овој историски датум, до донесувањето на „Танзиматот“, христијанинот не можел да поседува ни феудален спахиски имот, ниту пак тимарски или зијаметски имот со годишен приход од над 10.000 акчи. Со донесувањето на „Танзиматот“, конечно и на рајата ѝ се дозволува да може да поседува недвижен имот – земја, како и да се шири во границите на феудалните турски односи.
Со донесувањетона „Танзиматот“, Мирче Бомбол добил можност да стекне што поголема површина на обработливо земјиште. Парите за него не претставувале пречка за купување на чифлик. Според сеќавањето на старите, Мирче Бомбол се збогатил со трговија со мариовскиот ’рж некаде околу 1852/53 година, за време на сушните и неплодни години. Селото Крушевица и денес е познато по својата убава и плодна земја. Токму тука Мирче закупил неколку ниви, на кои произведувал ’рж, но истиот го откупувал од селаните и го продавал на прилепскиот пазар. Еден шиник ’рж чинел пет франци. Тие сушни години Мирче максимално ги искористил и спечалил големи пари, како што и тој самиот говорел: „Додека земав само од дуќаните кирија, знаев колку пари имам, но откако почнав да произведувам и продавам крушевичка ’рж, ни самиот не знам колку пари имам“.
Околу 1868 година, Мирче Бомбол го купил турскиот чифлик во селото Врбјани, заедно со Мето ќаја и 25 фамилии момци за обработка на земјата. На бегот му измерил шиник злато, израмнет со штица, а потоа својот феудален имот го проширил во селата Коњари и Крушевица. Во 1924 година, неговиот син Ордан Бомбол во еден свој запис забележал: „И ние самите не можевме да ја знаеме колкава хектарска површина поседуваме, бидејќи истата не е мерена“. Површината ја знаеле и одредувале според товарните кила со фрлено семе за посев. Во Врбјани годишно се фрлале 1.200 товарни кила со семе, во Коњари 600, а Крушевица – 350. Годишно засејувале околу 1.500 хектари земја и исто толку оставале угар за да се засее и во наредната година.
Ваквите феудални имоти, во сопственост на христијаните, биле ретки во Румелија, а поготово во Македонија и Прилеп. Имотот на Бомболовци е еден од најголемите феудални имоти во Македонија. Производството од година во година сѐ повеќе се зголемувало. Во прво време, производството го мерел со товари, а потоа веќе почнал да го мери и смета со вагони. Вагонското производство на жито го пласирал надвор од земјата, и тоа во Грција, Бугарија, Србија, Германија и Франција, а со својот капитал за кус период станал прочуен рентиер, поврзувајќи се со европските рентиери од Франција, Италија и Англија. Во високите кругови на овие земји си обезбедил почесно место. Мирче Бомбол ја пречекорил турската царштина и неговите деца почнале да се школуваат во дворските школи по Англија и Франција. Мирче Бомбол починал на 5 декември 1890 година.
Ордан Бомбол заминал да учи во Англија, заедно со децата на видни и прочуени личности, каде што се школувал и еден Черчил, завршувајќи заедно со него и Правен факултет. Ордан Бомбол во печатницата „Караџица“ ја издал првата книга за родниот град Прилеп. Меѓу 1900 и 1907 година Ордан работел како судија во Трново и во Варна, во Бугарија, а во 1910 предавал политички науки на француски јазик. Во периодот од 1919-1920 година, Ордан бил избран за градоначалник на Прилеп.
За да ги зголемат приходите, а истовремено и да ги намалат расходите во земјоделството, Ордан и Коста Бомбол почнале први да воведуваат механизација во обработката на земјата. Од европските и американските фабрики се снабдиле со плугови „Р-Sack“ и со трактори со железни тркала и вршалица „Clayton“. Оваа вршалица била огромна машина, така што при влечењето не можеле да ја потегнат ни еден чифт волови.
Чифчиите во чифликот не ги примиле со радост овие модерни механички средства за обработка на земјоделските култури, плашејќи се дека еден ден нивниот труд ќе биде заменет со машини, а тие ќе бидат избркани од чифлиците. Наместо да почнат да ги користат за работа, тие почнале да ги кршат. Жетварката ја спалиле на гумното заедно со снопјето. За спалувањето на жетварката, Ордан Бомбол говорел: „Селаните со погрешна сметка, една пријатна вечер, ја запалија жетварката, и наместо да го спасат амбарот со жито, тие се веселеа како некогаш свирепиот Нерон, кој се радуваше и веселеше, гледајќи го пожарот во Рим“.
Во своите стари години, Мирче Бомбол целата организациона работа му ја препуштил на постариот син Коста Бомбол, кој за разлика од својот брат Ицко, повеќе бил наклонет кон земјоделството и трговијата, кои му биле најголемото задоволство во животот. Неговата цел била да има повеќе земја, аргати и да произведува што поголемо количество на жито. Било оправдано што тој ја имал преземено целата организациона работа, во однос на управувањето со големите површини на земја, која што секоја година им носела товари „злато“.
Бомболовци земјата ја обработувале со постојани аргати и сезонски работници. На аргатите, кои биле населени по чифлизите, им била дадена можност да одгледуваат жива стока, со цел да не им пропаѓа сламата и сеното, како на турските бегови. И така, за да можат да си обезбедат храна за себе и за стоката, чифчиите биле приморани повеќе да работат, отколку што работеле порано.
Начинот на користењето на работната снага опишан е во писмата, коишто останале сочувани од времето на Коста Бомбол. Во едно писмо, испратено од Михајло Д. Крцуноски од Прилеп до Коста Бомбол во Солун, од 6 август 1902 година се говори: „Почитуван дедо Коста Х. М. Бомбол. Писмото што ни го напишавте го примивме и сѐ што напишавте разбравме. Ти пишуваш за аргатите дека, кога ќе си дојдиш, оти ќе им платиш. Катаден ни идат на дуќан и плачат, како си ги сакаат парите оти се сиромаси, па ние видовме-невидовме, на едни му плативме, а другите нема ден да не дојдат по пари. Јас ги бркам оттука и им велам оти оваа работа не е моја, но тие пак идат, но да знаете дека и на другите ќе им платиме, оти се сиромаси…“.
Во писмото сликовито се прикажува еден од начините на обработка на земјата со наемните работници, како и односот кон нив. Со чифчиите на чифлизите командувале ќаите. Под нивна команда, чифчиите морале да работат од зора до мрак. Ќаите им ги запишувале и одредувале надниците. Според податоците од писмата, изгледа дека ќаите не биле постојани како кај турските бегови. Во истото писмо, Крцуноски му пишува на Бомбол: „Во Коњари го пративме Шијакот, во Крушевица син му од Коне. И двајцата знаат да пишуваат, ќе можат да запишуваат за работата“.
Бомболовци секогаш гледале што поголемо количество од житото да го продадат уште на нива. Со тоа го олеснувале начинот за сместување, не изложувајќи се на трошоци за магацински простории и квалитетно одржување на житото. Секогаш и на секој начин гледале, житото од секоја реколта да не го внесуваат во своите мази, но да најдат потрошувачи, па било на еден или на друг начин да го потрошат. Во секое време давале жито на заем, но под неколку услови. Како прв услов, житото да го врати оној што го добил, ако не може да им го врати, тогаш да им го плати, а во случај да не може ни да го врати, ни да го плати во определеното време, тогаш во висината на вредноста на парите им плаќале лихва, а доколку не се согласувале на тоа, наплатата се вршела по судски пат. Крцуноски на Бомбол уште му пишува: „На Илија Димов, како што ни пишуваш, да го стегнеме да ни ја даде пченицата, откако го заплашивме дека ќе му направиме ксефестро (забрана), ако не ни ја даде пченицата. Но, тој човек воопшто не се занишува од такви работи, и еве пак го викнавме на дуќан и му кажавме за сѐ што ни напиша, но тој рече дека за оваа работа ќе ти пишел тебе и не знаеме што да правиме овде, со овие работи… Како што ти пишавме и понапред во писмото, не знаеме што да правиме, оти за да му се направи ксефестро, треба да дадеме уште 10 франги“.
Во фамилијата на Бомболовци била забележана голема слога уште меѓу браќата Мирче и Ицко, кои живееле долго време во заедница. Нивната слога ја пренеле и на своите синови. Двајцата синови од Мирче долги години работеле во заедница и се бореле на заеднички план во ширењето на богатството. Тоа го пренеле и на своите наследници. Коста Бомбол имал тројца синови: Ицко, Јован и Данаил, кои во заедница живееле до 1907 година. П. Д. Петров, во своето писмо од 30 јуни 1907 година, напишано во Солун, а испратено до Јован Бомбол, пишува: „Најмногу се радуваме за тоа што ни пишавте дека сте се погодиле за делбата меѓу вас, па дури и за грижата за мајка ви – госпоѓа Нушка. Се надевам дека ќе постигнете согласно решение пред Божик…“.
Писмото потекнува и сочувано е по роднински врски, бидејќи Нушка, повторната жена на Коста Бомбол, по потекло била од Егејска Македонија. Браќата делбата ја правеле во однос на живеење по куќите. Коста Бомбол останал да живее во старата куќа, а Ордан во новата. Делбата на браќата во семејството не донесла некое колебање во однос на работата.
Покрај трговијата со жито, брашно и други земјоделско-сточарски производи, за остварување на поголеми приходи, тие ги прошириле дуќаните и отвориле нови анови и кафеани. Дуќаните и кафеаните ги издавале под кирија. Висината на киријата била различна. Меѓу пишаните податоци се сретнува и еден договор од 1918 година. Договорот е направен за кафеаната, која се наоѓала на Пашиќева улица. Таа им била дадена под наем на Стојан Сурлаџија и Илија Дамески, на 12 ноември 1918 година, на три години користење. Првата година требало да плаќаат по 20 франги, а вторите две по 60 франги, но под услов да му платат за втората и третата година по 30 франги однапред за 6 месеци. При потпишувањето на договорот, наемниците платиле веднаш во готово 22 и пол франги, од кои 2 и пол франги биле за до крајот на 1918 година. Договорот од името на сите наследници, потпишан е од Јован Бомбол.
Семејството Бомболовци познато е како носител на економската сила во јакнењето на градот. Коста Бомбол, во 1904 година, прв во Прилеп донесол погонска машина на петролеј за мелење на жито. Мелницата била изградена во близината на старата градска бања, а местото за градење на млинот го купил од Зорлевци. Подготвувањето на мелницата значело и прво навлегување на прехранбената индустрија од овој вид. За прв пат низ историјата на Прилеп, низ ситата и камењата на мелницата протекло како река просеано бело домаќинско брашно, што било ново изненадување на населението од градот и околината. Дотогаш житото се мелело во прости воденици, градени по реките, од кои се добивало многу неквалитетно брашно.
Монтирањето на моторниот млин го извел првиот прилепски и македонски инжинер, кој тогаш студирал во Белгија. Тоа бил Данаил Бомбол, синот на Коста Бомбол.
Првите дни, откако проработил млинот, секојдневно бил посетуван од населението, кое се чудело околу машините и нивната сила во однос на мелењето на житото по водениците. Брчењето на моторот внесло немир меѓу луѓето, но само за кусо време. Поимотните семејства веќе почнале да размислуваат и да бараат да внесат по нешто ново во градот.
Машинскиот инжинер Данаил Бомбол, користејќи ја својата способност, ја преправил машината од погон на петролеј во погон на саугас. Со преправањето, машината станала попродуктивна, поекономична, а трошоците околу набавувањето на движечката енергија на машините биле сведени на минимум.
Градењето на млинот, Коста Бомбол го започнал во 1903 година. Михаил Крцут од Прилеп му пишувал на Коста Бомбол во Солун: „Почитуван дедо Х. М. Коста Бомбол! Со ова писмо имам намера да ве известам… Овде анот го измеривме и вдолж, и на широко, и како што сакаш ти воденица да се направи тука, и бината да биде одделена околу-наоколу, ама место нема, оти ќе остани многу тесно, и ќе нема место алатите каде да се наредат, а и пенџерињата нема да можат да се затвораат. После ти нема да го бендисаш, оти внатре има испикано и туѓи кошеви…“.
Со подигнувањето на моторниот млин, Бомболовци почнале житото да го преработуваат и продаваат. Така се појавил и интерес кој прв да купува брашно од млинот на Бомболовци. Млинот ги принудил производителите да го продаваат своето жито и да купуваат брашно, бидејќи не можеле да дојдат на ред да сомелат од своето производство на жито, или пак морале да го носат по простите воденици и да го мелат по стариот начин.
Бомболовци во тоа време имале неколку студенти, кои студирале по разни факултети низ Европа. Ордан и Јован Бомбол ги завршиле студиите на правните факултети во Англија, а Данаил Бомбол завршил Технички факултет – машински оддел во Белгија во 1905 година. По завршувањето на студиите се вратил во Македонија, со цел да работи тука. Во цела Румелија тогаш постоела само една француска компанија, која ги градела железниците, а чие седиште било во Солун, но во нивниот машински парк бил вработен француски инжинер. Отако се уверил дека повеќе нема да најде работа по завршувањето на Факултетот, повторно се вратил во Белгија да студира и за две години го завршил и градежниот смер на Факултетот. Во 1908 година повторно се вратил во Македонија. Но, во Отоманската империја на овој дел ништо не се градело. Бил принуден да замини во Бугарија, каде што се вработил во компанијата за градење на железници.
На работното место политички се судрил со бугарската интелигенција, со кои работел во компанијата. Од нив бил навредуван со погрдни зборови и бил нарекуван „гасеница“. Така навреден, Данаил го напуштил работното место и заминал во Цариград, каде што се пријавил и барал работа. Бил испратен да работи за француската компанија „Compagnec Antrepries general ponvla construex-tonde route dans l’enpirotogon“ со седиште во Бруса. Оваа компанија ги изведувала работите околу градбата на патиштата, што се граделе во Турција.
Данаил имал можност да го види местото Бруса, за кое уште од деда си слушал приказни: „Кално валкај, суво шпаркај, да не одиш во Бруса по просо“, но токму приказната од дедо му го снашла и него. Со компанијата работел повеќе години, истакнувајќи ги насекаде своите квалитети и способности како инжинер. И во 1911 година, како главен инжинер, ја проектирал браната на реката Хулифер, во близината на Бруса.
Големите економски достигнувања на семејството Бомбол, биле и главна движечка снага за културно-образовните подвизи, кои ги правеле во зачетоците на формирањето на културата во Прилеп.
Во првата половина на XIX век постоело и едно средно училиште, таканаречено „женско училиште“. Поимотните граѓани од Прилеп, своите деца ги испраќале да го завршуваат средното образование во соседните балкански држави. Во 1892 година, од угледните семејства во Прилеп се формирал иницијативен одбор за градење на ново средно училиште, познато под името „машко училиште“. Градењето на училиштето било на доброволна база во работна рака и материјални средства. Меѓу повеќето истакнати семејства што учествувале со над 30 франги доброволен прилог бил и Мирче Бомбол, кој дал 500 франги, а побарал од неколку прилепски семејства да го зголемат прилогот на 100 и 150 франги. Ордан Бомбол бил првиот директор на новоизграденото училиште. Тој се пријавил да работи како директор една година како доброволец, без материјален надоместок за работата, да ја организира наставата, а освен тоа, материјално и со инвентар да го опреми училиштето.
Коста Бомбол бил еден од првите членови на прилепскиот револуционерен комитет во 1894 година. Позната е неговата револуционерност и тактичност во донесувањето на Одлуката за формирање на револуционерен комитет во Мариово. Во тоа време, во Мариово бил познат и прочуен мариовскиот ајдутин Толе Паша. По прашањето на мариовскиот револуционерен комитет, прилепскиот револуционерен комитет се разделил на две групи. Едната била на мислење и дала предлог прво да се ликвидира Толе Паша, за да не им се меша во работата во Организацијата и оваа група ја предводел Петко Карамбелев. Втората група била на мислење и се бореле да го прифатат Толе во револуционерната група, а потоа да пристапат во формирање на револуционерен комитет за Мариово. Мислењето на втората група победило, а токму на чело на оваа група бил Коста Бомбол.
Коста Бомбол сфаќањето кон личноста на човекот го гледал низ призмата на трудот и капиталот, не базирајќи се на верата и националноста. Својата ќерка ја омажил за Гркот Михаил Крцуноски. Оваа свадбена свеченост ги изненадила прилепчани, кои почнале да реагираат и да го осудуваат за неговиот морал, како човек којшто извршил предавство на верата и националноста. Но, тој без никакви испади продолжил и понатака да се придржува до својот став. И за свој син зел снаа Гркинка. Така, кај голем број прилепчани почнал да создава политичка сомнителност. Но, врз него никој не можел да изврши претопување, ниту грчкиот владика во Битола, кој бил носител на ширењето на грчката партија и убиствата низ Македонија.
Во 1906 година, по налог на грчката партија, Коста Бомбол, претставен како Македонец, бил убиен во џамија во Битола.
Луѓето во Прилеп се рамнеле на градската сцена по имотот. Тоа го забележуваме и низ писмата и во семејството на Бомболовци. Женењето и мажењето се вршело само по имотна линија. Ако се оженел некој од овие видни фамилии за девојка од бедна фамилија, тој бил потценуван како неспособен и со некоја прикриена дефектност. Вредноста на младоженецот се ценела со богатството што ќе му го донесела невестата. Која девојка ќе донесела повеќе злато и џеваири, се сметало дека таа е подобра, повредна и побогата. Тоа се забележувало и кај сите занаетчии, трговци и други професии.
За женењето на Ицко од кај Нешковци, Коста Бомбол им побарал 425 франги, за да ја земе девојката Васка. „Почитуван дедо Коста Х. М. Бомбол. Еве, со ова писмо, идам да ве известам за работата од Христаќи, оти се расипа по оваа причина. Пред пет дена, овде беше Тако Дамески и него го ополномоштиле Нешковци за таа работа и тој кажа оти до 400 лири даваат, а повеќе не, па на крај се кандисаа до 425 лири да дадат, но рубата да биде од тие пари и џевеирите, ама ние не се кандисавме, оти ти ни пиша 400 лири, а рубата и џеваирите тие да си прават. Освен тоа, тие не сакаат чупето овде да го донесат за да се видат, ами прво да им дадеме нишан и после да ја донесат. Ама, нека е жив Ицко, оти многу се стега за женење, а за Велигден ќе си дојди и гледајте-прајте, оти има и други чупи таму што ќе ни ги дадат и сите се од Солун, како на пример чупето од Ташку Инели…“.
Писмото било испратено од Михаил Крцуноски од Прилеп, зетот на Коста Бомбол. Свршувачката била направена на 500 лири, од кои пари се направила и рубата и џевеирите. Но, при земањето, Нешковци му дале пари колку што чинела рубата и џевеирите, а не му ја дале целата сума, која била договорена.
Ицко Бомбол се навредил од тоа и решил да ја остави жената, но Коста Бомбол веднаш пристапил да го реши прашањето, за да не дојде до отстапување. Зел една меница и му потпишал на синот 500 лири, како да му ги дале Нешковци, а при делбата со браќата, таа сума си ја одделил и си ја зел. На таков начин, Коста Бомбол не дозволил да го омаловажи својот син, ниту пак да ја омаловажи снаата, па 500 лири да бидат причина за раскинување на бракот, кое нешто тогаш било многу ретка појава.
За Коста Бомбол 500 лири не претставувале ништо, бидејќи тој расплагал со огромен капитал, кој се забележува од неговите сметки, кои оттогаш останале запишани во страниците на неколку листови од тргувањето со жито. Во 1889 година, во месец мај, сметка со број 2/14 покажува салдо од 84.233,11 франги… Понатамошен коментар за богатството на Бомболовци и не е потребен.
Како и сите богаташи, и Бомболовци, по завршувањето на Втората светска војна, изгубиле сѐ. Дел од нивните дуќани се урнати, заедно со Араста-чаршијата, а другиот имот им бил национализиран. Во 1948 година, на 82 годишна возраст, умира и Ордан, а две години подоцна, урната е и нивната куќа, точно по 100 години откако е изградена.
Сепак, ниедна сила не била моќна да го избрише името на Ордан Бомбол, како и неговото дело и неговата заложба за просперитет на овие простори. Бомбол и ден-денес е персонификација за богатство и моќ, а во Прилеп сеуште на оној што сака да троши многу пари му се поставува прашањето: „Да не си ти од Бомболовци?“.
Протоереј Златко Ангелески
euridika November 15, 2014
Gospodine Zlatkojasno e deka poseduvate informacii za semejstvoto Bombol ,no za zal imate netocni podatoci i informacii za mojot pradedo Jordan Hristo Bombol.Toj doktoriral na Sorbona na Pravni i Politicki nauki,se ozenil za Bogdanka Ljapceska od Resen.Ako vi se potrebni informacii i pisani dokumenti od mojot pradedo moze da me iskontaktirate.Poseduvame i fotografii od Prilep nekogas…