Благоја Стојкоски – Капелникот
Божји дом
„Дојдете, дојдете во нашиот Божји дом,
да чуете слово Божје и да се насладите…
Домот е за сите луѓе и за стари и за млади
за богати, сиромаси, за вдовици и сираци…“
Благоја Стојкоски – Капелникот потекнува од занаетчиско опинчарско семејство. Како момче ги научил тајните во музиката во соколската музичка школа. Првпат во оркестар засвирил во 1933 година во Соколскиот оркестар кај прилепскиот капелник Ѓорѓи Шабанче, а истата година со овој оркестар, заедно со прилепските Соколи, учествувал на спортскиот слет во Софија.
Во 1935 година основал свој оркестар, но тогашната власт го растурила оркестарот, бидејќи свиреле македонски песни. За време на окупацијата се вратил на опинчарскиот занает.
Во 1944 година се повторно се вратил на музиката и раководел со старите музиканти од соколската музичка школа. Во 1948 година го основал блех оркестарот во Прилеп, а по една година учествувал во создавањето на музичкото училиште во Прилеп, каде што долго време ги учел учениците во тајните на дувачките инструменти.
Тој своите чувства ги преточил во 104 песни, кои не дочекале своја публикација, а од неговата рака се создадени повеќе новокомпонирани композиции, од кои посебно се истакнуваат: Прилепскиот марш, Полка Македонка и други.
Со голема умешност свирел на сите дувачки инструменти за кои предавал во музичкото училиште. Желбата да научи нешто повеќе го одвела во Риека, каде што за неколку години ги совладал тамбурашките инструменти.
По враќањето во Прилеп ги оформил тамбурашките оркестри при Монополот и фабриката „Борка Левата“, а набавил и инструменти со кои формирал џез оркестар.
Во 1955 година за првпат е изведена оперетата „Мамзел Нитуш“ во која учествувал заедно со колегите и учениците од музичкото училиште. Овде Благоја Капелникот се покажал во најдобро светло како виртуоз на виолина.
Со неговиот оркестар ги свиреле повеќето парадни и погребни маршеви, а не заостанувале и популарните мелодии на игранките, организирани во поранешната Соколана и офицерскиот дом на ЈНА.
За време на погребот на Методија Андонов-Ченто властите не дозволиле да свири оркестарот на Капелникот, но набрзо потоа била издадена директна наредба, со која оркестарот морал да свири на погребната процесија.
За време на неговата богата музичка кариера, Благоја Стојкоски-Капелникот соработувал со тогашните видни музичари како Илија Николоски-Луј и др. Од големиот број музички образовани ученици кои ги оставил зад себе попознати се Блага Петреска и Симон Беличанец.
Коментирај