Трудови од Благоја Ристески – Платнар, објавени во списанието за литература, уметност и култура - „Стремеж“
Прилеп
Април, 1982 година
КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Од арахангелот крилото
врз плешката го сети
Лактите ти се скрстија
а крстот болсна над веѓите
Тоа Бог те означи
за проклетник и видар
Да ги споиш семињата земни
во певот
каде трат и чичка ‘ртат
Словата да ги разлучиш
и благо да глаголиш
На паствата сивилото да го лечиш
Во Кутмичевица далечна
три илјади калуѓери
три илјади слепи чеда
гласот твој жежен под сводот го ловат
одекот времето го пронижува
Овошје заврзува глогот и чемрее
1747 ЛЕТО
На езерото водата горка
злорада кучка ја лока
Тврдината празна, разорена
до сонот се напина
Волчји влакна растат под каменот
Прснато е на поморот вимето
Арсение чесен
не кревај ги очите кон небесата
воздухот цеди восок и олово
Прокоби се сноват по спилите
Од верниците телата помощрени се веќе
Молчи Арсение
молитвата твоја подземи заточија
Босилок железото ти расцутува
Пранги ѕвечат во поплакот сенароден
Кој кон Стамбол
ќе те покрене Арсение
трула на коњот вилицата
здробено од братот коленото
Патиштата прав и пепел во свеста
Троглави змии вадат рибарите
Допушти ја смртта-родителка
Арсение
Патрику
АЛОВ КАТМЕН ТРЕНДАФИЛ
Џбун-трендафил
крв на трнот ледена
Девицата?
Гостинот ноќен?
Тапка снегот и покрива
Џбүн-трендафил
пенушката нагрлена
суво за повик грлото
Невестата?
Коњаникот иден?
Грепка мракот и сокрива
Џбүн-трендафил
светол кладенецот
ѕвона вдлабени магли
Доилката?
Детенцето понесено?
Напнат сводот сè прекрива
ЧИНИСИ ДИКАТ НЕВЕСТАТА
Танка промената претанка
врзопче светлина
под ризата до земи
Ѕвезда на бедрото и почива
Лудо јава по поле лудо
дорат-ветар
од зората воздишката
не го гледа не го слуша
Срмата месечева
елек и заплела
Капетан-девојче на соне
се насмевнува:
Под леските тревата Полегната
туја шушна
и побегна
Коментирај