Благоја Челоски – Руското е основач на една од најреномираните групи во 70-те години. Групата „Руското“ била составена од: Благоја Челоски-Руското – гитара и вокал, Мирко Мојсоски – труба, Павле Костоски-Павката – саксофон и кларинет, Мирко Ѓорѓиоски-хармоника, Кирил Ангелески-Пузано – бас гитара и Миле Мирчески-’Цмба – тапани.
Со широк репертоар на забавни македонски и странски мелодии и специфични мексикански рефрени, биле своевидна атракција, а нивните настапи по игранките биле масовно посетувани. Свиреле во сите градови, на повеќе значајни манифестации. Четири години биле заштитен знак на музичката манифестација „Весел караван“, организирана од РТВ Скопје, која во тоа време била своевидна потрага по музички таленти.
„Прилепските чалгаџии муабетат киривџиски…“
„Аналлија гник, аналлија чучек, аналија дис“. Или на македонски – „Жената има бујни гради и напрчен задник“. „Баламурката е картовџика“ – мераклија за секс.
Тоа е терминологија на дел од прилепските музичари, која тие ја викаат киривџиски јазик. Десетина прилепски чалгаџии сеуште користат стотина зборови и ги чуваат како амајлија од старите музички мајстори: Палилулевци, Шиндевци и Тутунџиовци. Тие велат дека јазикот го употребуваат за никој да не ги насети што муабетат кога одат по свадби.
Руското е најстар киривџија
Седумдесетгодишниот Благоја Челоски-Руското од Прилеп е еден од доајените на кафеанската свирка. Уште, со мака, тегне по струните на гитарата, иако го издаваат прстите. Но, јазикот на чалгаџиите не го заборавил. Добро го владее киривџискиот „дијелакт“ научен од неговите музички учители во текот на 55-годишниот чалгаџиски стаж по кафеаните. Вели дека тоа е наследство од мајсторите на музиката Шиндевци и од останатите киривџии.
„Кирис е музика. Го научив по неколкуте први свирки. Сакав-нејќев, нужно беше да се разбирам со колегите. Не може да не се совладаат зборовите на чалгаџиите, кога, од дете, катаден сум во друштво со музичари, со уметници, полни со дух. Не сакаат секогаш да ги разбере средината или да им го чуе зборот. Некои се чудат, оти не разбираат. Малку љубоморно и самобендисано, киривџискиот збор го пренесуваме единствено во нашиот еснаф – вели Челоски.
Не знае точно кој го создал. Вели дека е речник на музичарите, кои се чувствуваат привилегирани оти муабетот им е мистериозен. Сепак, открива.
- Велиме „еве го гнико иди и балумори да прават карто“. Тоа значи момчето и девојката ќе водат љубов. Невеста се вика борија, а зет – мандако. Ајанасас е недобар. Слабо чакато е малку пари. Боријата убава – баламуро ајнасас-невестата арна, а момчето не го бива. Баламуро ја носи боријата во седмиот месец на копање. „Врталото дојде на чакмак“. Тоа значи дека е време за фајронт – пренесува дел од терминологијата на музичарите Челоски.“
„Дневник“, 24 февруари 2011 година
Коментирај