Благој Ташков Корубин е роден во 1921 година во Прилеп во маалото Воденички Камења.
Потекнува од старо прилепско семејство. Основно училиште и Гимназија завршил во Прилеп. Како член на Литературната секција во Гимназијата го напишал и првиот прозен состав на српски јазик „Живот у Прилепу и околини“ (1937/38). Бил активен член во „Трезвената ложа“ во Прилеп. Исто така, членувал и во воспитната група за кандидати за СКОЈ, по чија обука во 1939 година станал член во месниот комитет на СКОЈ, а во јуни 1940 година и член на КПЈ.
Во 1940 година бил учесник во Илинденската демонстрација во Прилеп. Есента истата година се запишал на студии на Педагошката група на Филозофскиот факултет во Скопје. Тука формирал македонска група од 15-18 членови на КПЈ и на СКОЈ, а во студентскиот дом каде што живеел, бил еден од уредниците на Ѕидниот весник, каде што објавувал свои политички написи. Истовремено ја раководел и скоевската група во средното техничко училиште во Скопје, а бил задолжен за стручна помош и на партиската ќелија во работилницата на Папатеодоси и на ќелијата на шивачките работници.
По потпишувањето за пристапувањето на Кралството Југославија кон Пактот, вечерта на 26 март скопските студенти излегле на скопското корзо со пароли против пактот и војната. Таму, пред демонстрантите, говорел на македонски јазик, поради што морал да се спасува со бегство од режимските агенти.
По окупација станал борец на Првиот прилепски народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“ и учествувал во првата востаничка акција во Прилеп, поради што бил уапсен од бугарската фашистичка полиција. На 25 ноември 1941 година, на групниот судски процес во Битола, бил осуден на 7 години и 6 месеци строг темничен затвор. Целиот период на НОБ го минал во Скопскиот затвор и во затворот во Хасково (Бугарија), се до септември 1944 година. Таму бил член во партиското раководство формирано од Лазар Колишевски.
За време на неговиот престој во затворот напишал неколку песни, од кои зачувана е песната „Песна на скопските затвореници“. По ослободувањето работел во Прилеп, а потоа во Скопје како јазичен редактор во издавачкото претпријатие „Култура“ до 1946 година.
Во 1947 година, на тогашен литературен конкурс, ја освоил првата награда за расказот „Првите излегуваат“.
Од 1946 до 1953 година работел како раководител на Одделот за печат во Институтот за здравствено просветување на НРМ. Во периодот од 1947 до 1948 година ги продолжил студиите на Филозофскиот факултет, на групата за македонски јазик. Во 1948 година, по Резолуцијата на Информбирото бил репресиран.
Дипломирал во 1952 година, а во јануари 1953 година преминал на работа како асистент во Одделението за јазик на Институтот за фолклор, по два месеци осамостоен како Институт за македонски јазик, од каде што, како раководител на Одделението за современ јазик, во 1986 година заминал во пензија.
Бил долгогодишен претседател на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија и на Сојузот на друштвата за македонски јазик на Македонија. Автор е на повеќе стручни и научни книги, голем број статии, сеќавања, прозни состави, четири стихотворби и други прилози. Бил посебно посветен во истражувањата на практиката на македонскиот јазик и повеќе децении ја уредувал рубриката „Јазично катче“ на дневниот весник „Нова Македонија“ и бил долгогодишен уредник на списанието „Македонски јазик“ и „Литературен збор“.
Починал на 17 февруари 1995 година во Скопје.
Драган Савевски May 24, 2016
Голем борец за Македонија и македонскиот јазик , посебено обележен преку осовременувањето на говорниот и литературен јазк. Ми беше чест што лично го познавав како него така и целото негово потесно и пошироко семејство. Со голема почтит., Драган Савевски