БИТКАТА КАЈ АЛИНЦИ И БАКАРНО ГУМНО…
Првата балканска војна формално била започната од Кралството Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучиле и останатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна.
По поразот на турската војска кај Куманово, а потоа на линијата Црн Врв-Кочани, Вардарската армија во хаос се повлекува на југ. Но, бидејќи немало гонење од страна на Србите, турската војска преку Орешани, Катланово и Сарамзалино непречено се спуштила во Велес.
Гледајќи го повлекувањето на војската, Зеки-паша, командант на Вардарската армија, дефинитивно ги согледува размерите на поразот во Кумановската битка. Затоа одлучува Петтиот корпус со сила да ја сопира војската што со возови бега од Скопје и Велес кон Солун, а потоа да организира прегрупирање на линијата Велес-Прилеп-Битола. Првата фаза на одбрана била Бабуна, каде што командантот на Вардарска армија сметал дека може подолго да ја задржи српската војска.
Турските позиции на линијата Плетвар – Козјак – село Крстец – караула Присад – планина Мукос, всушност се протегаат по гребенот на Бабуна во должина од 10 километри.
На трети ноември утрото започнала битката на Бабуна, но односот на силите бил драстично на страна на Србите. Турската војска на овој фронт имала само околу 15.000 војници а српската околу 50.000 војници.
Добро укопани турците покажале невидена фанатичност во одбрана на своите позиции со тоа што србите биле принудени за секоја османлиска позиција да се борат гради в гради.
Но по истоштената и гладна турска војска по тридневни борби и со мали резерви на муниција под закрила на ноќта, почнала самоволно и неорганизирано да се спушта по патот кон Прилеп и Битола.
БИТКИТЕ КАЈ АЛИНЦИ И БАКАРНО ГУМНО
По повлекувањето на турскиот Петти корпус на позициите кај Алинци, кои го одвојуваат полето околу Прилеп од Пелагонија, по барање на командандот на турската Западна армија, со противнапад да се поврати Прилеп, командатот на Вардарсклата армија е присилен, наспроти својата веќе издадена наредба за повлекување, да издаде нова наредба за противнапад.
Се разбира, никаков противнапад не бил можен, па војската по првиот обид се повлекува и останува на позициите кај Алинци чекајќи го ударот од српската војска на релативно добрата одбранбена линија која има добар преглед кон Прилепското поле речиси до Прилеп.
Сртовите над селото доминираат во просторот, и заедно со понискиот венец од ридови кај Бакарно гумно, го пресекуваат овој дел на Пелагонија речиси на половина.
На 6 ноември месното население ја известува командата на Српската Коњаничка дивизија дека во реонот на Галичани се забележани турски претстражни делови. Командата на 1-та армија му наредила на 4-от коњанички полк да го извиди правецот кон Алинцино таа наредба не била извршена.
Командата повторно и наредила на Дринската дивизија да формира еден одред и заедно со Коњаничката дивизија да изврши извидување на правецот кон Битола. Командантите на Дринската и на Моравската дивизија наместо да постапат по наредбата, тие ги довеле дивизиите од реонот на Пештерица до близината на Прилеп и овде долго се договарале која дивизија прва да влезе и да ја започне свеченоста на влегувањето во Прилеп. На 6 ноември во 8.30 часот започнало дефилето, а околу 10.00 часот една турска артилериска батерија од 13-та Низамска дивизија отворила оган врз еден ескадрон од Коњаничката дивизија, кој штотуку излегол од Прилеп за да го извиди правецот кон Битола.
Српската војска веднаш излегла од Прилеп и ги распоредила своите единици а српската артилерија успеала да запоседне соодветни позиции почнува со оган кон турските позиции.
Српскиот напад на позициите кај Алинци, односно Бакарно гумно, одел преку три насоки:
Првата насока преку селата Галичани и Веселчани водела во Чепигово, давајќи можност да се блокира левото крило на турската армија. Втората насока водела од Прилеп кон селата Алинци и Тополчани, излегувајќи директно на централниот дел од фронтот на турските позиции, и третата насока преку западните падините на Селечка планина, преку селата Лагово и Рувци, излегувал на патот кон селото Канатларци, односно го блокирал десното крило на турската армија.
Сметајќи дека главните српски сили ќе нападнат во насока на патот Прилеп – Битола, командантот на Петтиот корпус, Кара Саид-паша, одлучува со најголема сила да го запоседне потегот од Бакарно Гумно до Алинци, со тоа што позициите западно од патот да ги брани 15-та Низамска дивизија, со околу 6.500 војници и 17 топови, а позициите источно од патот, 13-та Низамска дивизија со околу 6.300 војници.
Дел од долината југозападно од Галичани бил доверен за одбрана на самостојната коњичка бригада, односно на околу 600 коњаници а штабот на Петтиот корпус на 6 ноември околу 9 часот тргнал од Тополчани кон позициите кај Алинци.
Откако излегла на огнена линија, турската батерија околу 11 часот почнала со гранатирање на Дринската дивизија на оддалеченост од околу четири километри. Првиот плотун паднал во српски пушки потпрени во купола, значи додека српските војници не биле во борбена позиција, а потоа следувале нови плотуни од страна на другите турски батерии од позициите кај Алинци. Иако огнот на турската артилерија бил многу силен, загубите на српската сили биле незначителни поради гаѓањето од голема далечина. Меѓутоа, значаен бил моралниот ефект, затоа што единиците биле на отворен простор, во рамнина, па дошло до голема мешаница и паника а комората на четвртиот пешадиски полк на српската војска во хаос побегнала кон Прилеп, а со тоа се создала паника и кај останатите српски војници на позициите кај Баакарно гумно.
Српскиот генерал Павле Јуришиќ-Штурм, истиот оној што, како полковник, се разбира, го зазел Зебрњак со јуриш, сега, со цел да се ублажат загубите, и покрај паниката кај неговите единици, и под оган на турската артилерија, наредува по секоја цена да се заземат борбени позиции на отворено поле и да се покрива развивањето на Моравската дивизија. Сепак, и покрај развивањето на единиците во висина на борбените позиции на турската армија, српската војска е сопрена со силен пешадиска оган откај реката Беравица, од каде требало да се тргне во јуриш.
Во подготовката на јуришот учествувала целокупната артилерија на Дринската, Моравската и Коњичката девизија. Користејќи го дејствувањето на артилеријата, прв во напад тргнува Шестиот пешадиски полк, но биле буквално засипани од турски пешадиски и артилериски оган. Јуришот започнува околу 15 часот со настојување што побрзо да се влезе во одбранбениот распоред на турската војска. Првиот ред српски војници паѓа покосен од турскиот оган, но вториот продолжува да се движи, а потоа третиот и таканатаму. Гледајќи ја таквата фанатична упорност на српската војска, според српски извори, се разбира, турската војска не ја дочекува борбата гради в гради, туку почнува да се повлекува уште по првата фаза на јуришот. Повлекувањето било по патот кон Битола. Еден дел од турските сили, поточно Самостојната коњичка бригада, се повлекла преку Чепигово.
Кога виделе дека комплетната турска заштита отстапува кон Битола, српските полкови, кои биле најблиску до фронтовската линија, почнуваат гонење, но, иако речиси цело време трчале, не успеале навреме да стигнат во реонот на мостот на Црна Река, преку кој турските сили се повлекувале кон Битола. Кога се спуштила ноќта престанале пукотниците на целиот фронт. Српската артилерија не успеала да се премести на следните позиции за да може да го бие преминот преку мостот на Црна Река, каде што турските сили се натрупале чекајќи премин преку реката. Благодарејќи на ноќта успеале да се префрлат на другиот брег и да продолжат со отстапување кон Битола.
Во борбите кај Алинци српските загуби изнесувале 1.378 луѓе, а само 6. полк загубил 28 офицери и 1.000 војници. Турските загуби изнесувале 500 луѓе. Големата загуба кај српската војска е последица на недисциплината, слабото извидување, погрешното известување, непотребната парада во Прилеп и поради други слабости во српското командување.
СРПСКА ВЕРЗИЈА НА АЛИНСКАТА БИТКА И БИТКАТА НА БАКАРНО ГУМНО…
Резервниот потпоручник Станимир Лилиќ, носител на Караѓорѓева ѕвезда со меч за своето храбро војување на македонскиот фронт за време на Првата балканска војна, во своите спомени опишува неколку од најголемите и најкрвави битки на територијата на Македонија. Според него, битката кај Бакарно гумно е една од битките кои, како што вели, никогаш нема да ги заборави: „Бакарно гумно, – пишува Лилиќ, – е рид од неколку стотина метри меѓу Прилеп и Битола на кој Турците имаат свое силно упориште.
Кога на 24 октомври влеговме во Прилеп, пешадијата се задржа северно од градот за да се одмори. Прилепчани, љубезни и насмеани луѓе, ги колнеа Турците, велејќи дека одвај чекале да заминат од Македонија. Сите беа возбудени затоа што веруваа дека Турците засекогаш заминале од градот, но не знаеја дека на Бакарно гумна има силни турски сили кои се престројуваат повторно да влезат во градот. Битката со тие турски единици на Бакарно гумно траеше цели 11 часа, а разбивањето на турската линија се случи дури околу еден часот по полноќ. Мораше да се тргне на јуриш за конечно последните турски позиции да бидат пробиени и да се отвори пат за пробив кон Битола. Го поминавме Бакарно гумно и продолживме да го гониме непријателот низ Пелагонискоото поле кон Битола“, пишува Лилиќ.
Коментирај