8 ноември 1992 година... Полагање свечена обврска на војниците од прилепскиот гарнизон на АРМ

АРМ

Армија на Република Македонија

На 17 ноември 1991 година, Собранието го усвои Уставот на Република Македонија, според кој Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а одбраната на државата се организира со сопствени вооружени сили.

На 21 февруари 1992 година, претседателот Киро Глигоров и претставниците на ЈНА потпишаа договор за дислокација на ЈНА од Македонија, со краен рок до 15 април. Армијата повлекувањето го заврши пред определениот рок, така што на 27 март 1992 година, македонската територија ја напушти и последниот нејзин војник.

Со одвлекувањето на опремата и вооружувањето, со кое располагаше ЈНА на територијата на Република Македонија, нашата земја остана со скромни борбени средства и воена опрема, која беше во рамките на Територијалната одбрана. Сепак, со нив успешно почна да се спроведува обуката и да се подготвува новоформираната Армија на Република Македонија за извршување на својата уставна улога и задачи.

Претходно, македонските војници организирани во Територијална одбрана успешно го извршија преземањето и обезбедувањето на границите и воените објекти на Република Македонија.

Во 2001 година, со почетокот на воениот конфликт во Македонија, Прилеп е еден од регионите со најмногу доброволци во безбедносните сили. На 8 август 2001 година, во заседа поставена од т.н ОНА кај местото Карпалак, на автопатот Скопје-Тетово, нападнат е воен конвој на АРМ, главно составен од војници и резервисти од гарнизонот „Мирче Ацев“. Во нападот животот го губат прилепчаните: Нане Наумовски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај