Писмо од германскиот војник Антон Мокел до својата пријателка Елза
13 ноември 1917 година
Канатларци
Антон Мокел од Лудвигшафен за време на Првата светска војна, служел како наредник и болничар во резервната болница 1 во Ландау.
Тој бил на служба во Германија, Франција и Македонија. Мокел испратил вкупно 23 писма, кои и ги напишал на својата пријателка Елза во периодот помеѓу април 1917 година и март 1918 година.
Драги Елза!
Многу сум среќен што повторно открив мал знак на живот од вас.
Драга Елза, чудно е што не ја добивте мојата пошта, затоа што ви испратив 3 разгледници и писмо. Честитката за вашиот роденден е испратена на 2 ноември, но најверојатно ќе ја примивте на 7-ми или 8-ми.
Почитувана Елса сакам да ви кажам дел од патувањето до Македонија: „Јас со неколку цивили и 6 лекари отпатувавме од Вирцбург, останавме во Минхен уште два дена и каде што бевме додадени на поголем превоз од 700 војници. На 25-ти патувањето продолжи уште 7 дена со воз кон Градско кое е во јужна Србија.
Од таму, патот го продолжив со автомобили до теренската болница. Ништо не видов од Виена и Будимпешта, кои беа само на поминување. Штета, а баш сакав да ги видам овие градови. Храната не беше најдобра на патот.
Кога сите пристигнавме на лице место бевме уморни како кучиња.
Нашата теренска болница е составена од шатори, каде е многу жешко во текот на денот и многу студено во текот на ноќта. Инаку, тука се уште има денови, каде што преку денот е 25 – 30 °. Храната што ја јадеме е многу добра, повторно се здебелив.
Околината овде изгледа мрачно, не се гледа дрво и грмушка колку што може окото да види, само единственото нешто што можете да го видите, се бескрајни ливади и голи планини кои имаат висина до 1500 – 2000 м.
Населението е прилеично валкано, мажите имаат само стари партали врз себе, а жените наместо здолништа носат широки шалвари со живи бои, и никогаш не забораваат да го покријат лицето и носот.
Значи, сега дозволете ми да ве поздравам топло и наскоро да напишам повторно
Вашиот пријател Тони
Исто така многу топли честитки до вашите родители.
Коментирај