АНТИМИНСОТ НА АЛЕКСАНДРИСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА ВО ЦРКВАТА „СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ“ ВО ПРИЛЕП
Во 1961 година, на таванот од административната зграда на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, според сведоштвата на прота Борис Талески, расфрлани во таванската прашина, биле пронајдени три четвртасти платна. Откако биле лабораториски исчистени и реставрирани во Народниот музеј во Прилеп, за едното било утврдено дека е Свет Антиминс од 1727 година, од времето на Охридската Архиепископија и истиот беше опишан во „Вистина“ бр. 88. За второто платно долго време се сметало дека е Света Плаштаница, имајќи ја предвид неговата површина од 66,5 х 53,5 см. Но, откако бил дешифриран и прочитан целиот текст, било утврдено дека и тоа е Свет Антиминс, и тоа од Александриската Патријаршија. Додека, пак, третото платно е Свет Антиминс од Светогорските манастири од 1842 година.
Овие три Антиминси биле складирани на таванот од тогашниот прилепски архиерејски намесник, прота Павле Наумоски, заедно со други богословски и историски книги на српскохрватски јазик. Според кажувањата на неговиот прислужник, тоа се случило при капитулацијата на Кралството Југославија, во април 1941 година, кога прота Павле емигрирал во Грција. За време на окупацијата, книгите биле симнати од таванот од тогашниот архиерејски намесник и биле однесени во Бугарија.
Накусо, да се потсетиме за значењето на Антиминсот во Православната Црква: Меѓу повеќето црковни предмети, без кои не можи да се извршува Светата Литургија, спаѓа и антиминсот. Антиминсот (старогрчки: ἀντί –наместо и латински: mensa – маса, трпеза) претставува долгманесто, четвороаголно платно, врз кое се претставени Христовите страдања и Неговото полагање во гробот и се поставува врз ЧеснатаТрпеза (Светиот Престол) во Олтарот. Антиминсот може да ја заменува Чесната Трпеза и врз него можи да се служи Света Литургија и на секое прилично место. Во антиминсиот се пришиени дел од мошти од светител или маченик и врз него стои потписот на локалниот епископ.
Според Теодор Валсамон, „антиминсот означува дека свештенодејствата во храмот се извршуваат со благослов на епископот“. Појавата на антиминсот датира некаде околу VIII век. Во древната црква, тој се користел таму, каде што немало олтарни трпези за извршување на Светата Литургија. Се користел и во време на воените походи, а го користеле и монасите за служење на Света Литургија низ пустините. Во почетокот, тој не бил изработуван од платно, туку најчесто од камени плочи, дрвени даски, оловни плочи, печени глини, а има и ретки случаи кога бил изработуван и од слонова коска. Денес, антиминсите се изработуваат од платно од лен, коноп, памук или свила.
Александрискиот Антиминс е печатен (без податок каде) преку целото платно, во сите три маргини, на старогрчки јазик, со големи букви од грчката азбука. Во третата маргина, надворешната, се забележува името „Јоанис“, кое можи да биди или на граверот, или на печатарот.
Централното сиже на овој Свет Антиминс е оплакувањето на Христа. Во првата внатрешна маргина, до главното сиже, е богословско-богослужбениот текст, во кој се говори дека „е направен и осветен од Блажениот и Свет Патријарх Александриски Господин Господин (без да е нагласено името)“. Во средната, потесна маргина, на нејзиниот долен крај стои дека е „подарен од Митрополитот Тиваидски Арсениј во годината од спасоносното воплотување 1730“.
Се поставува прашање: Од каде и овој Свет Антиминс во прилепската соборна црква? Прва претпоставка е дека, според еден заборавен автор и дело, Александриската Патријаршија вршела пропаганда во Охридската Архиепископија, во прво време директно, а подоцна, кога се осамостоила Романската Црква, и директно преку неа.
Втора претпоставка е дека архиерејскиот намесник на Прилеп, прота Павле, кој го складирал Светиот Антиминс, и кој долго време, пред да биди свештеник во Прилеп, бил архиерејски намесник и во Крушево, од каде, пак, многу печалбари оделе до Александрија и соседните места. Некој од овие печалбари, или заради пропаганда, или од верска побуда и ревност, донесол подарок на својата црква. Кога во 20-тите години од минатиот век, црковната власт ги прибирала богослужбените книги на старогрчки јазик, најверојатно и овој Свет Антиминс бил прибран од прота Павле и истиот не бил испратен до Епархиската власт во Битола.
Третата претпоставка е дека источните патријаршии за време на Отоманското ропство многу осиромашиле, така што биле принудени да продаваат Свети Антиминси и миро за издршка и опстој. Во таков случај, не било тешко некој од македонските печалбари да купи Свет Антиминс, уште повеќе кога се гледа дека овој не бил осветен ни од Александрискиот Патријарх, ни од Тиваидскиот Митрополит Арсениј. Зборовите „на подарок“ се само една формалност, уште повеќе што на овој Антиминс не се пришиени никакви свети мошти.
Четвртата претпоставка е дека Александриската Патријаршија имала манастирски имоти во Романија. А, во Романија на печалба оделе многу прилепчани, од кои еден има донесено и Л’вовско Четвороевангелие на романски јазик. Охридската Архиепископија во тоа време била материјално и културно ослабната, па од 1727 година таа немала можност да печати Свети Антиминси, туку ги цртале со наједноставно сиже на Христовиот Крст, каков што се среќава на неколку ретки Антиминси: Прилепскиот, Радобилскиот и Пелагонискиот.
Според тоа, ова се четирите претпоставки за тоа, како се нашол овој Свет Антиминс, од една толку далечна земја и Патријаршија, во прилепската соборна црква „Свето Благовештение“. Најверојатно, не се исклучени и други претпоставки за наоѓањето и доаѓањето на овој Антиминс во Прилеп.
Денес, овој свет антиминс, како стар и редок споменик на црковната историја и култура, грижливо се чува во музејот на црквата „Свето Благовештение“.
Протоереј Златко Ангелески
Коментирај