Анот на Стевананџиовци
Во Прилеп ановите главно биле сконцентрирани околу Ат-пазар, меѓу Дабничка река, участакот, денешниот дом на културата „Марко Цепенков“, па се до старата пошта. Тука биле ановите на Димко Грабулот, Боцевчињата, Заревци, Солуновци, Плетварци и на Стевананџиовци.
Анот „Шар планина“ на Стевананџиовци бил најпопуларен меѓу другите анови на Ат-пазар, кои биле помали од него. Анот бил распореден на две улици („Ѓуро Ѓаковиќ“ и „Кузман Јосифоски-Питу“) и на булеварот до половина. Бил граден од цврст материјал и за тоа време бил најсовремен во Прилеп.
Стеван Стевананџија го купил анот од претходните сопственици Турци околу 1860 година. Бил реновиран во 1921 и 1931 година, за што било потрошено 30 килограми злато. Во состав на анот имало околу 16 дуќани, така што без дворното место под покрив имало 1407 м2, а заедно со другиот ан имало вкупна површина од околу 2400 м2.
Ановите биле со капацитет од околу 200 патници и околу 60 запрежни коли и во секое време можеле да преноќеваат 40 гости, а во собите се спиело на рогузини. Покрај собите за спиење во анот имало и гостилница. На надворешниот дел од анот имало бакалница, ортомџија, ситничар и брашнар а назад на делот кој излегувал на ул. „Кузман Јосифоски–Питу“ имало огромна работилница, која ја држел чехот Пепи, кој ги поправал тогашните машини.
Во внатрешниот дел имало два огромни ара за добиток, а во целиот комплекс, кој бил обѕидан во круг било дворното место. Шталите биле со настрешници кои собирале 30-40 коли. Во истиот круг, веднаш до шталите имало налбати и бербер, а во дворот имало 2 маази (магацини) изградени од камен и со метални врати.
Во Петок и во Сабота, за на пазар доаѓале луѓе од селата: Годивље, Подвис, Рилево, Зрзе, Маргари, како и од полските села. Се носело за продажба: Сало, мед, јајца, и сено.
Ицко, синот на Стеван Стевананџија заедно со своите четири синови ја продолжил работата со анот. Димко бил ортомџија, Борка бакалџија, Илија работел со гостилницата, а Блаже работел земјоделие и производите ги носел за гостилницата и за продавање, а сопругата на Ицко готвела во кујната.
Ицко, како најстар, ги држел клучевите и раководел со сето тоа. Починал во 1946 година од мака и јад кога власта се му одзела.
Во 1957 година, според решението на окружниот суд во Битола, дел од анот се експроприрал и бил урнат, а останатото е уривано дел по дел, за конечно во 1971 година, во вежба на СВОЗ да биде запалено и уништено добар дел на тоа што останало.
Коментирај