Прота Анастас Налетоски, или како што постарите прилепчани го запамтиле од кажувањата на нивните претци – поп Налет, е една вистинска енциклопедија, своевремен историчар и хроничар, свештеник со висока интелектуална способност. Роден е во занаетчиско семејство во 1820 година. Неговото семејство потекнува од Поречието (Бродско-кичевско), но поради постојаните притисоци од Турците, кои ја посакувале неговата најстара сестра, која била вистинска убавица, тие биле принудени да го напуштат родното огниште и да се преселат во Прилеп, најверојатно во 1825 година. Во Прилеп ја купиле куќата од некој турчин по име Налет и оттука го добиле и прекарот Налетовци, кој подоцна го попримиле и како семејно презиме. Најпрво завршил келијно училиште во Варош, а кога го отвориле и првото основно училиште во Прилеп, во 1843 година, иако во поодминати години, се запишал и таму и истото го завршил.
Како момче, во годината кога се градела црквата „Свето Благовештение“, заедно со своите врсници одел да ги собира камењата, на коишто седеле жените пред портите, и истите ги носеле кај мајсторите кои ја ѕидале црквата.
По ракополагањето најпрво бил свештеник по селата од поранешната Лаговска општина, а потоа бил поставен за свештеник во „Свето Благовештение“. Протоерејот Анастас бил свештеник со нагласен темперамент и многу карактерен човек. Со итрина се снаоѓал во сите животни прилики, а особено тоа го правел пред турските власти, кои секогаш се восхитувале на неговата итрина и снаодливост, па заради тоа бил омилен не само меѓу своите парохијани и сограѓани, туку и пред турските власти, кои во лицето на поп Налет гледале карактерен лик, достоинствен и храбар маж, кој секогаш се бранел со вистината, против кого никој не можел да приговори со ништо. Тој бил вистински стожер во семејството, пример на вистински родител и татко, кој своето семејство го воспитувал во духот на прадедовската вера и обичаи. Неговиот син Мијајле, иако го изучил бојаџискиот занает и работел како бојаџија, одлично ја познавал богослужбата и долги години бил црковен псалт во црквата, се до неговата смрт во 1937 година.
Протоерејот Анастас Налетоски живеел 105 години. Како парохиски свештеник во црквата „Свето Благовештение“ бил активен цели 62 години, се до 1904 година, кога поради кревкото здравје се повлекол од активна служба на 84-годишна возраст. Починал на 23 август 1925 година и бил погребан во нивната семејна гробница на старите градски гробишта во Прилеп, која постои и денес.
Коментирај