Александар Ристески - Шулц

Александар Ристески – Шулц

Александар Ристески-Шулц e роден во 1937 година во Прилеп. Дипломски и магистерски студии завршил на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1962 година.

Својата прва изложба ја имал во 1958 година, а додека во 1965 година, првата самостојна изложба ја претставил во Скопје.
Имал повеќе колективни изложби во Прилеп, Скопје, Белград, Риека и Словенградец.
Со сликарите од УЛУС (Удружење ликовних уметника Србије) изложувал до 1963 година, додека учествувал со свои дела на речиси сите изложби на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија).
Во странство изложувал во Италија (Рим, Торино и Бари), Франција и Бугарија.
Долги години работел како професор во Училиштето за применета уметност во Скопје.

Изработува енформелски, асоцијативни композиции, со мотиви од традицијата, убавините на Македонија, а посебно од родното прилепско поднебје, со маслени бои на платно и панел, цртежи, графички техники, мртви природи, пејсажи и др.

_____________________________________________________________

22 април 1966 година
„Народен Глас“

НАШИОТ ПЕЈСАЖ – ПРИСУТЕН НЕМИР

 
„Во галеријата на Коларчевиот народен универзитет можат да изложуваат творци од сите области на ликовната уметност кои со своето творештво допринесуваат во набојот на ликовниот израз, првенствено младите“. Тоа е исечок од решението за формирање на галеријата.
Неодамна во оваа галерија со десет експонати се претстави прилепскиот сликар Александар Ристески кој на Коларчевиот универзитет изложуваше заедио со скопјанецот Стефан Манески.
По неговото враќање од Белград со Ристески поведовме разговор:

Неодамна Вие заедно со Стефан Манески имавте изложба на Коларчевиот универзитет во Белград.
Која Ви е оваа изложба по ред и каде сте имале досега приредено изложби?

Ова ми е петнаесетта или шеснаесетта изложба. Првата изложба ја имав во 1958 година.Самостојна изложба имав во Скопје во 1965 година, а колективни изложби во Прилеп 1958, 1963, 1965 и 1966 година.
Со сликарите од УЛУС, чии член бев јас, изложував до 1963 година.
Потоа изложував во Скопје 1960 и 1962 година, учествував на изложбата „НОБ во делата на ликовните уметници на Југославија“ што се одржа 1964 година во Белград. Истата година изложував заедно со Мирољуб Ѓорѓевиќ пак во Белград.
Исто така учествував и на втората Октомвриска изложба на која се изложуваат најдобрите дела створени во Србија до таа година. Учествував и на третото биенале во Риека во 1964 година, а во 1964 година имав изложба во Словенградец и на сите изложби на ДЛУМ.
Во странство сум изложувал во Рим, Милано, Торино и Бари во 1965 и 1966 година. Во меѓувреме имав три студиски патувања во Италија, Франција и Бугарија

Како беше примена Вашата изложба во Белград, кај публиката и критиката?

Приемот на изложбата кај пошироката публика беше повеќе од добар. Коларчеаиот универзитет е жариште каде што се одржуваат културно-уметнички дејности и публика имаше редовно.
Беа водени многубројни дискусии со посетителите. Тие се прашаа, за се се интересираа и испитуваа.
Посебно ме радува оценката на изложбата од кругот на ликовните уметници од Белград – оценката на оние луѓе кои учествуваат во ликовниот живот и се носители на критериумот зо постигањата од областа на ликовното творештво.
Што се однесува эа приемот на критиката можам да речам дека голем процент од нашите ликовни критичари, со своите „можхости“ за рецензија на еден ликовен квалитет се сомнителни и ако не и рамни на ништо.
Инаку конкретно за нашата изложба со Махески пишуваа: Сараевско „Ослобоѓење“, „Политика“, „Нова Македонија“, „Борба“, Радио Белград и др.
Значи тој ликовен настан ги натерал тие критичари да се зафатат со истиот. За приемот на изложбата зборуваат нивните критички осврти.
На крајот нивно е да пишуваат, а наше е да сликаме, да твориме.

Во врска со Вашата изложба имавме можност да го прочитаме и следното:
„Често му е потребно да се завлекува во извесна таинствена опна на смислата за да може да излета од неа како раскошна  пеперутка во цветот на сликарството“.
Се сложувате ли со ова мислење па Мома Капор?

Со мислењето на Мама Капор делумно се сложувам.

Што е тематска преокупација во Вашето сликарство?

Природата пејзажот… Нашиот прилепски, македонски пејсаж.

Не само Прилеп, туку и целата Македонија е тло за инспирации за творештво, за уметници. Нашата земја е мајка на добри уметници, таа ги раѓа.
Често присутни се дискусии на тема: модернизам, реализам и за апстрактно сликараство. За што Вие се одредувате?

Дискусии има многу, а јас верувам и сум само за добро сликарство.

Публиката, таа што единствено е „повикана“ да ги оценува вредностите како да се спротивставува на дел слики кои се изложуваат?

Нормално, било и ќе биде така. Публиката, гледачите да се спртиставуваат на дел слики.
Исто така нормално е и сликите на кои гледачот им се спротиставува да бидат добри слики, или обратно сликите кои се одобруваат да бидат лоши слики.

Во Прилеп повеќе години постои сликарска колонија и Мермерскиот симпозум. Нашите прилепски сликари како да се надвор од овие манифестации. Кажете ни нешто за овие манифестации и изнесете свои предлози?

Сликарски колонии како и симпозиуми има во повеќе наши градови, а тоа што имаме и ние посебно ме радува.
Но нашите можности за контакт со уметници гости не се на потребно ниво. За тоа кој е крив јас „не знам“. А знам дека ниеден од нас, „прилепските уметници“ немаме сопствени ателјеа, свое катче. И заради тоа мораме да контактираме во кафеана или приватно во стан како „домаќини“, а не како творци, како уметници.
Прилеп, како град е предодреден за испирации.
Прилеп како град, домаќин на сликарска колонија и вајарски симпозиум мора да биде и Прилеп кој ќе му даде на своите уметници можности и услови, како за работа така и за живот. Само во тој случај ние би останале прилепски уметници.
Но за жал досега во Прилеп во овој поглед не е сторено скоро ништо.
А како дело на тоа е фактот што скоро сите прилепски уметници станаа уметници на други градови кои имаат поправилна политика во однос на ова прашање.

На што работите моментно?

Моментно работам на две композиции за изложбата „НОБ во делата на ликовните уметници на Југославија“ која што треба да се оддржи во Домот на ЈНА во Белград, а која ќе биде втора по ред.

И на крајот е нашето вообичаено прашање, што Ве врзува со Прилеп?

Тоа е пејсажот, поднебјето (Кое е исклучиво топло – питомо),  пејсаж кој сврзува, кој што расте и што не дава мир во душата на уметникот.

М. Талески

Нема Коментари

Коментирај