Лилјана Зајковска

Петнаесетгодишна ученичка – диригент

ПЕТНАЕСЕТГОДИШНА УЧЕНИЧКА – ДИРИГЕНТ

ЛИЛЈАНА ЗАЈКОВСКА УЧЕНИЧКА ОД IV КЛАС ОД ПРИЛЕП САМА ГО ПОДГОТВИ ХОРОТ НА ОСМОЛЕТКАТА ЗА СМОТРИТЕ

Прилеп, 28 мај 1957 година, „Нова Македонија“,

Аплауз, незадржливо ракоплескање и одушевување на исполнетата сала со публика. На луѓето им беше необично што со хорот на осмолетката „Добре Јовановски“ раководеше ученичка. Тоа беше пријатно изненадување од смотрите на хоровите, оркестрите и пеачките групи што се одржува во салата на Вишата гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп, во рамките на Денот на младоста. Дали Лилјана Зајковска сама го подготвила хорот? Тоа прашање прелета во мислите на присутните, бидејќи диригентот беше ученичка. А таа слободно се држеше на сцената. Немаше никаква трема и сигурно диригираше.

Од кога раководите со хорот на Осмолетката? – ја запрашавме.

- Имавме учитела по пеење. Кога таа си отиде, добивме хонорарен наставник, но и тој си отиде – рече Лилјана. – Во март имавме младинска конференција и тогаш се формираа активите кај нас. Се формираа сите секции, додека за хорската секција директорот рече дека немаме услови да ја формираме. Моите колешки рекоа дека јас можам да го подготвувам хорот. Тие знаеја дека пеам убаво. Кога директорот ме запраша дали ќе можам да го подготвувам хорот, му одговорив потврдно. Започнав со 20 ученици, а од ден во ден хорот постојано се наголемуваше и достигна 70 души.

- Дали некој ви помагаше во подготвувањето на хорот?

- Не. Музиката ја засакав уште како дете, а потоа во хор пеев од први клас. Лани работев заедно со учителката. За овие неколку месеци со хорот приготвив пет песни: „Зурли трештат“, „Чук седи“, „Борјано, Борјанке“, „Долу во селото“ и „Дејгиди Делче војвода“.

- Вашиот прв настап пред публика?

- Првпат настапив на една приредба во Градскиот театар, а потоа во Тутуновиот Комбинат и сега на смотрите.

- Како се чувствувавте на првиот настап?

- Отпрвин чувствував страв, но брзо се ослободив и сè одеше добро – ни рече малата Лилјана Зајковска.

Лилјана Зајковска е ученичка во четврти клас. Родена е 1942 година во село Варош и е многу добра ученичка. Како што вели таа, кога би добила уште по математика четворка, би била одлична. Математиката ѝ е проблем. Инаку, музиката ја сака најмногу и ќе се запише на Средно-музичкото училиште во Скопје. Се занимава и со литература – пишува раскази. Покрај тоа што трипати во неделата одржува часови со својот хор, таа има и други обврски: работи во фолклорната група во Осмолетката и во драмската секција.

Трудот на 15-годишната ученичка Лилјана Зајковска е награден. На смотрите Лилјана доби посебна пофалба од жири-комисијата за нејзиното вонредно залагање во организацијата и диригирањето со хорот при Осмолетката „Добре Јовановски“.

Петар Поповски

Нема Коментари

Коментирај