Петар Башески

Петар Башески

Петар Башески е универзитетски професор, современ македонски поет и писател. Роден е на 9 јули 1938 година во Прилеп. Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а Филолошки факултет, група англиски јазик со книжевност, француски и италијански јазик во Белград, каде и што магистрирал во 1978 година.

Петар Башески беше долгогодишен професор по англиски јазик на Економскиот факултет во Прилеп од каде што и се пензионира.
Како познавач на повеќе светски јазици, во 1986 година е избран за лектор по македонски јазик и литература на Универзитетот во Неапол, Италија.
Преведува од англиски, француски и италијански јазик.
Песни, преводи, раскази и театарски критики има објавувано во „Стремеж“.
Има објавено 15 книги поезија со тематика за историските голготи и небиднини во вековната егзистенција на македонскиот народ.
Необјавени му останаа повеќе романи, драми и биографијата коишто му изгореа во Мариово, во пожарот на 8 септември 2013 година што ја зафати неговата куќа каде живееше околу триесет години далеку од цивилизацијата.
Бил редовен член на Друштвото на писатели на Македонија.

Позначајни дела му се книгите: “Нож во каменот“ (поезија, 1989), “Чувари на кулите“ (поезија, 1990), “Вестител“ (поезија, 1991), “откопување на душата“ (поезија, 1992), “Злодоба“ (поезија, 1992), “Чемерни години“ (поезија, 1993), “Апостолот“ (поезија, 1994), “Маглите на Кајмакчалан” (поезија, 1995) “Пофалба на светлината“ (поезија, 1997), “Песни за Бојан и Бојана” (1997), “Јас Григор Прличев“ (поезија, 1998) и “Воин на зборот” (поема, 2000), “Пред крајот” (2004), “Евангелие по себе” (2013), “Александрида”.
Добитник е на повеќе награди за поезија од кои позначајна е првата награда за поезија за книгата “Нож во каменот” објавена на италијански јазик, а доделена од градоначалникот на Неапол. Следат наградите: “Град Кварту”, Апулија’88“ (Рим), “Деи Диоскурел“ (Рим), Златна плакета “Лаурент”, “Сребрена плакета”, “Лано-златен медал”, “Ванчо Николески” (Битола), награда на “Мариовско-мегленските средби“ и на “Празник на липите“ (прва награда).
Бил пратеник во Генералното собрание на Светскиот Македонски Конгрес и активно учествуваше во сите негови активности и културни манифестации.
Почина на 5 септември 2016 година во Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај