Прва светска војна: Орачи од Прилепско...

Земјоделството во Прилеп и прилепско…

ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ВО ПРИЛЕП

Градот Прилеп не е познат само како „град на тутунот“, туку Прилепчани се занимавале и со одгледување на одредени житни култури.

Податоци за обработката на земјата во Прилеп датираат уште од времето на XIII и XIV, кога Прилепчани ги обработувале метосите, нивата и лозјата од манастирските имоти.

Во 20-тите години од XVIII век, во Прилеп првпат се спомнува одгледувањето на едно ново растение, од кое се добивала црвена боја, но името не му се спомнува. Се претпоставува дека растение било „броштица“, односно „крмуз“. Според една султанска заповед од 1723 година, производителите на оваа култура во Прилеп имале добри приходи од неа и почнале да ги прошируваат површините за садење. Во еден документ од 1765 година, се спомнува дека од одгледувачите на памук во Прилеп им биле одземени 35 оки непреработен и 18 оки испреден памук за великата Порта во Цариград.

Со аграрната реформа и колонизацијата во времето на СХС, за земјоделците се предвидуваше решавање на социјалното прашање. Но, поради големите даноци, тие се најдоа во уште потешка положба. Земјата се обработувала со плуг, а по планинските места со рало. За обработка на земјата се употребувал запрежен добиток, најчесто волови и биволи а поретко коњи.

Првиот европски плуг во Прилеп е донесен во 1881 година од семејството Бомболовци. Врз негова основа, Ицко Гавазот изработил нов модел – „Прилепска плужица“, која се употребувала низ цела Пелагонија. Во 1928 година, Ордан Бомбол го донесол првиот трактор на погон со петролеум. Заради олеснување на работата, Хаџи Илија и Бомбол донесле и жетварка „Clayton“, но селаните исплашени дека нема да бидат викани за аргати, ја запалиле.

Забележано е дека Чехот Пепико донесол машина – вршачка, но таа изгорела за време Првата светска војна. Во 1921 година, Првата прилепска трговска банка купила од Чехословачка стара вршачка, но поради дотраеноста, воопшто не била употребена.

Петар Попантоски во 1924 година се запишал на Вишата лозаро-овоштарско-градинарска школа при Земјоделско-Шумарскиот факултет во Прага. Школата ја завршил во 1928 година и станал прв земјоделски стручњак во Пелагонија.

Попантовци во 1924 година од Прага купиле жетварка „Clayton“ која ја употребувале на сопствениот имот во Варош каде што беле сопственици на 30 хектари обработлива земја. Во 1928 година купиле вршачка „Clayton“ која освен за свои потреби вршеле услуги и на други лица, а во 1929 година набавиле и „трактор со железни колца“.

Во Прилеп најмногу се одгледувале сортите на пченицата „црвенка“ и „стара бела“, кои давале приноси од 6 до 8 метрички центи (Квинтали) по хектар, но со одличен квалитет (1q=100 кг). Пченката давала приноси од од 18 до 20 метрички центи (Квинтали) Од житариците најзастапена била ’ржта.

Најпозната сорта на ’рж била Мариоскиот ’рж кој поради квалитетот најмногу бил извезуван. Исто така се се сееле и јачменот, овезот, просото и гравот.

Од индустриските култури се одгледувале: афион, анасон, метли, бучинскиот кромид, прилепската диња и лубениците „Караѓуле“ и „Солунка“ кои најмногу се одгледувале во околината на Канатларци.

Од прилепската црвена пиперка се правел прочуениот прилепски пипер кој бил баран низ целиот Балкан. Бил застапен и сланутокот (Наут) кој се користел за добивање на леблебии, кафе и сточна храна. Во Прилеп и прилепско била застапена и лозата, но филоксерата речиси целосно ја уништила. Лозарството почнало да се обновува од 1924 година со калемена лоза на американска подлога. Во Прилеп успевале кајсиите, јаболката, крушите, праските а од сливата џанарка се печела добра и јака ракија.

Нема Коментари

Коментирај