1917: Пред воената болница 210 во Прилепските касарни

Здравство

Здравството во Прилеп

ПРОБЛЕМИ ОД ОПШТАТА И МЕНТАЛНА ХИГИЕНА
Архивски документи за Прилеп и Прилепско од 1906 – 1910 година

Јуни 1957 година
„Народно здравје“

„Во Институтот за национална историја меѓу останатите интересни документи се наоѓа и една протоколна книга на прилепските училишта од овој период.

Овие материјали претставуваат прекрасен извор за една медицинско-историска монографија за овој крај. Меѓу просветните работници во овие училишта денес среќаваме поголем број учители-лекари кај нас и во странство, некои научници од медицинската наука соработници на Пастер и други, а во Скопје работи една бивша учителка во Прилепското училиште познат општествен работник и детски лекар Б. В.

Не е случајно што Прилеп во овој период има поголем број лекари бивши учители, ако се има предвид тешката здравствена состојба во овој крај. При какви услови се школуваат во странство овие учители идни лекари не е потребно да зборуваме. Овде ние наоѓаме, еден вистински патриотизам, желба да се помогне и здравствено на измачениот народ.
Сочуваните документи за животот на Прилепските училишта и тие во Прилепска околија покрај за просветните и училишни проблеми, зборуваат и за состојбата на народното здравје, за општата и ментална хигиена, за борбата против предрасудите и материјалните тешкотии во кои живее населението.

Материјалите се среќаваат годишните соопштенија на училишните настојателства и совети. Тие се однесуваат за успехот и причините за неуспехот во некои училишта во врска со материјалните услови и како последица на истите – слабата здравствена положба во училиштата и во семејствата.
Што се однесува до специфичните услови на хигиена, протоколните книги претставуваат навистина солидна документација за сликата на народното здравје во Прилеп и Прилепско. Овие проблеми се изнесувани и дискутирани, како на учителските совети, на околиските и градски педагошки конференции, така и на годишни и полугодишни родителско-учителски собранија итн.

Во протоколот бр. 1 од 5 септември 1906 година забележана е работата на педагозите од овој град каде што како прва точка од дневниот ред стои прашањето за здравјето на децата и во училиштата воопшто.
Под наслов „Мерки за здравната состојба на учениците“ забележени се дискутираните прашања за општата хигиена во училниците, ходниците, степениците и хигиената на инвентарот. Под точка 2 се вели: „Потребно е да им се обрне внимание на учениците и на родителите за постоењето на известни заразни болести во градот што го косат младото поколение“ итн.

Како болести се цитираат „каплоица“, „шарка“, „дифтерит“ др. Се советуваат родителите да не ги праќаат децата на училиште, доколку се забележат некои знаци кај нивните дeцa за споменатите епидемиски болести. Опишувани се најважните знаци на заболувањата со цел да им се даде можност на родителите да се грижат за здравјето на своите деца.
Под точка 3 во истиот протокол се бара „по eден деликатен начин да им се објасни на родителите потребата од здравствени мерки и против паразитите што се чест сопатник на семејниот живот за борба против вошките“. Земени се решенија да се поведе акција во смисла на пропаганда за здравствено воспитување, подвлекувајќи ja опасноста од нечистотијата на телото итн.

Во еден друг протокол на истото училиште одржано на 22 септември 1907 година се зборува за „здравственото воспитување на народните маси“. Училишниот совет (во централното училиште) бара, покрај другото, надворешна и внатрешна чистоќа, ги задолжува дежурните учители и класните наставници да го проверуваат секој ученик, секој ден при доаѓањето во училиште.

Меѓу останатото на овој состанок на централното училиште се предупредуваат учителите во градот и во околијата за преземање мерки против појавената епидемија кај децата од болеста „дифтерик“. Им се обрнува особено внимание на класните наставници за отстранувањето на секој ученик кај кого што ќе бидат забележани знаци на оваа болест. Во протоколот се подвлекува потребата од влегувањето во потесни врски со учителите во селата и неопходноста од известување на градските и училишни лекари при констатирање на оваа болест меѓу учениците или воопшто меѓу децата во градот и околијата, од овој документ може лесно да се разбере огромната здравствено-просветна одговорност и функција што ја вршел нашиот народен учител.

Во еден друг протокол од 1907 година се постава прашањето за односот на физичкото кон менталтото здравје на учениците. Во него се вели: „Да се има предвид едно основно правило дека здравјето на учениците е во зависност и од еден друг фактор, т. е. од преголемата ментална преоптеретеност на ученикот, како надвор од училиштето, така и во самото училиште. Ова преоптеретување се одразува на умствените и физички сили нa децата (учениците) поради што се бара побрзото завршување со годишните испити во училиштата, а во смисла на подобрување на здравствената состојба на децата.
На крајот во овој протокол се вели дека преоптеретеноста во училиштата и во работата во семејствата и земјоделието се одразуваат многу тешко врз психичката состојба на децата, манифестации на прерана нервозност, раздразнување, малокрвност и општо слабеење на детскиот организам.

Во протоколот бр. 5 од истиот месец се вели: „Прашањето за затворање на забавачниците поради појавената болест „дифтерик“ се постава многу остро. Веќе три недели како се распуштени децата од вишиот курс на забавачниците и ова ќе трае неопределено време“. Училишното настојателство со писмо бр. 244 го бара затворањето на некои други училишта поради споменатата епидемија.

Во протоколот бр. 11 од 12 декември 1907 година меѓу многубројните прашања разгледувани од учиЛишниот совет, на прво место е поставено прашањето за „Сиропиталиштата“, а на второ место како најважно е поставено прашањето „за мерки со кои најлесно ќе се ограничи злото во здравствен однос во првите одделенија на прилепските училишта“.
Меѓу другото овие прашања се мотивирани со тешките услови (економски) како причина на лесното заболување на децата, а особено, како се вели во протоколотт „да се има предвид сиромаштијата на децата, особено на тие што се без татко и мајка“. За овие деца основно прашање е нивното згрижување и грижи за нвното здравје. На овој совет остро се постава неопходноста за прибирањето на децата без родители во едно централно „Сиропиталиште“ во Прилеп. За значењето на ова прашање советот решава да се постави истото на наредната околиска-педагошка конференција што редовно се одржува секоја година за време на коледните празници. Конференциите разгледуваат најосновни педагошко-метод ски прашања, проблеми за успехот и особено место му е дадено на прашањето за здравствената состојба во училиштата.

Во еден друг документ од 14—30 декември 1907 година се вели: „Здравствената положба на децата во училиштата многу компромитирана поради тешките економски услови на семејството и слабото здравје.“ Не помалку се обрнува внимание на преоптеретеноста (физичка и умствена) на учениците, а што е најважно не се спазувани принципите на педагогиката и детската психологија што се однесува до возрасните особености и способности на ученаците.
За тоа од какво значење се овие собранија на учителите доволно е да се види дека ваквите конференции со гореспоменатата проблематика се држат по неколку дена и биваат продолжувани и во наредните собранија на учителските совети.

Во протокол 14-ти од истата година се вели: „Повторно се поставени на дневен ред прашањата за здравствената состојба на учениците и семејствата. Уште поинтересни се материјалите од овие Советувања кои третираат општо-политички и други проблеми поврзани тесно со редовното посетување на училиштата и за здравствените прашања поврзани со хигиената во училиштата на Прилепската околија.
Како важен политички момент кој влијае на правилниот успех на училиштето како и на редовноста на учениците се подвлекува следниот факт: „Покрај влијанието на туѓите пропаганди, како главни виновници за нередовноста на училиштата се поставуваат прашањата за хигиената во училиштата во Прилепско“. Понатаму, во протоколот се вели дека поголем број од училишните згради со ништо не соодветствуваат на хигиенските и педагошки услови за правилно развивање на наставата и здравствената положба на учениците.
Меѓу училиштата чии што згради не соодветствуваат на хигиената се споменуваат училиштата во селата; Кривогаштани, Вранче, Дрен, Топлица, Вејчани, Дуње, Витомирци, Клепач итн.“

Нема Коментари

Коментирај