1917: Германски војници гледаат девојки од прилепско кои газат кал за правење на црепни...

Грнчари

Грнчарството е нераскинлив дел од традицијата на сите народи. Керамиката, како најмногуброен подвижен археолошки материјал сведочи за материјалната и духовната култура на населението и се јавува на секој археолошки локалитет, независно за кои фази од развојот на човештвото се работи.

Со појавата на грнчарското тркало, овој занает претрпува многу промени во однос на формата, материјалот, начинот на изработувањето, декорирањето и сл. Од груба, рачно изработена, прераснува во керамика со фина фактура и висок квалитет на изработка.

Покрај производите за секојдневна употреба, керамиката имала големо влијание и во развојот на сакралната архитектура. Во римскиот период, гробните конструкции на т.н. гробови на две води, биле покривани со плочи од керамика – тегули, а во внатрешноста на гробот на покојникот, вообичаено било и ставањето на керамички садови, специјално изработени за оваа пригода (луцерни, паници, балсамарии, унгвентариуми, чаши и сл.). Сето ова говори за секојдневната улога на керамичките садови во минатото, без чие присуство не можел да се замисли секојдневниот живот.

Во минатото со грнчарство се занимавале главно сиромашните семејства. Грнчарите со своите раце изработувале врвни дела, каде што секој производ е уникатен и има единствена вредност. Грнчарските садови се изработуваат од глина, најчесто на грнчарско тркало придвижувано со нога и се декорирани на примитивен начин со боја, графит и примена на релјефни мотиви.

Изработените бардаци, стомни, тави, грниња и други производи се сушат и печат во специјални печки кои претходно се загреваат и по 30 часови.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc