ЗАГРАД И ЗАГРАДЧАНИ
Политика
21 ноември 1934 година
НА ГРОБОТ ОД ГЛИГОР СОКОЛОВИЌ
Прилеп, јули 1934 година
„Поминуваме низ малото збиено село Заград, кое би се рекло дека повеќе личи на осамени куќички од некоја поголема задруга во Сеничко поле отколку на село. Толку е мал Заград а му го дал името на целиот овој простран дел од Прилепско поле.
Го оставаме од нашата лева страна Мажучиште и пробивајќи се низ интересниот пресек на Преслап, фрливме поглед кон Забрчани и Дупјачани. Така, движејќи се по питомата и живописна долина, полека се приближивме до Глигоровото Небрегово. Сите овие села, збиени и жолто-сиви, личат едно на друго, бидејќи биле чифчиски и исполичарски населби, на чии жители не им било дојдено до изградба на поубави куќи, со што само би ги предизвикале Турците.
Старите куќи во овие села се изградени од плитари и се со земјени подови, а додека оние изградени во поново време се убави и светли градби, со што може да се заклучи дека народот е сега сопственик на својата земја. Овие села биле агински чифлици или чифлици на манастирите Трескавец и Свети Јован Бигорски.
Сите турски чифлици селаните ги платиле и преплатиле со суво злато, не чекајќи ја аграрната реформа, додека манастирските имоти се останати како и порано: Селаните ги обработуваат како исполичари (Договор за наем според кој половина од приходот добива сопственикот на нивата, а половина тој што ја зема да ја обработува) и за ништо на светот не би ги оспориле манастирските права врз земјата која ја обработуваат.
И Небрегово е манастирско, главно исполичарско село, но е нешто поголемо село со куќи ѕидани од камен, со поплочени подови и дворови оградени со камени ѕидови.
Насекаде питомост, плодност и рај селски…
Насекаде ниви и ливади, присој (Место што е изложено на сонце, обично на јужна страна) што душа дава за градини, лозја и овоштарници. Исцедни ридчиња за тутун што убаво е огреан од сонцето иако е на поголема висина.
Во полукруг надвиснале Златоврв, Сурун, Мукос, Лута, Леска и падините од каде што од другата страна извира реката Бабуна. Каков видик и слики…
И навистина, на сонцето како позлатен сјае и се издвојува остриот врв на Златоврв, кој се истакнува од лево и десно од сивите грамади на Маркови Кули, и Мукос, кој е намуртен и назбен на највисокиот гребен како ровките варовничка спили од Катунската нахија. (Црна Гора)
Со пошумените падини, Присад е целиот опкружен со честар. Просторот над селото се брани од стока, а местата кои се користат за испаша се ретки, така што селаните се принудени да го користат тесниот простор покрај шумата.
Селата во Заград живеат полуградски живот. Прилеп си го направил своето во поглед на носијата, јадењето и животот на село. Куќите се почисти, собите како-така се послани, се спие на постела со јоргани и јамболии. Жените носат фустан, блуза и елек, а косата ја носат со две пуштени плетенки. Додека бевме таму сретнавме и неколку потсрижени девојки. Само мажите ја сочувале својата селска носија, за која може да речеме дека и се ближи крајот во времињата што доаѓаат.
Ја бараме Глигоровата куќа…
Василије Трбиќ се збуни. Како никогаш да не го видел Небрегово, а колку пати и дење и ноќе има доаѓано од Мукос, заедно со Глигор и сам! Му се замаглило пред очи. Го гледам дека се сеќава на минатото и колку жали за побратимот војводата Глигор. Оди по мене како изнемоштен, како да сака да заплаче. Бидејќи се наоѓаме во еден голем двор опкружен со многу куќи, сите од негови блиски роднини, барам од селаните да ми ја покажат куќата од Глигор. Тие ми ја покажуваат една издвоена двокатница со надворешни скали од килибарно пожолтен присадски мермер.
- Тоа е навистина Глигоровата куќа, но на неговиот татко Сокол е онаа лево, таму е роден Глигор – доаѓа при себе Трбиќ и ги поправа селаните.
Главната куќа оддава впечаток за вистинска домаќинска куќа: простран ходник, помошна просторија од страна и четири соби. Но, тмурна без гласот на домаќинот, без кого била и за време на неговиот живот: Глигор од својата шеснаесетта година излегол во планината со пушка во рацете, откако го одмаздил неговиот татко, кој бил виден човек во селото – и Сокол го убиле Турците…
Во близина на црковната порта, баш покрај селото се наоѓа Глигоровиот гроб, подигнат од неговата мајка. Гробот е мермерен, со не многу голем мермерен крст врз него. На гробот пишува: „Овде почива бранич српске раје, велики војвода Глигор Соколовић, мучки убијен 30 јула 1910 године“.
Натажени се враќаме во општинската судница и од отворениот балкон ги набљудувавме планинските грамади околу прилепското поле и отвореното поле. Мукос е пред нас како на дланка…
Ние сакаме замислениот и потиштен Трбиќ да го поттикнеме да отпочне разговор со нас. Претседателот на општината му даде некаков двоглед и тој набљудувајќи со двогледот почна да покажува места, опишува борби, спомнувајќи луѓе и притоа кажувајќи детали од тие времиња, исто како тоа да се случило вчера. Ги спомна Степанци и Никодин, каде што Глигор раководел со битката, па кога во битката јуначкото срце му се разиграло, тој му се обратил на Јован Бабунски:
- „Сега вие заповедајте, а јас ќе се тепам, инако ќе пукнам…!“
Трбиќ почна да ги вади зборовите како од ракав:
Ене, по оној поток отстапувавме тогаш и тогаш, во онаа шумичка вечеравме, бидејќи Глигор се распосла и не сакаше без вечера да заминеме од Мукос. Во опколената Дабница од заптии и војска се сладевме. Војводите се спуштија на згодно место, а четниците ги распашаа редениците, ставија по еден револвер и бомба во пазувите и почнаа да играат оро пред јузбашијата како помамени. И покрај тоа што и децата знаеја за нивното присуство никој не изврши предавство. Онаму, накај Зрзе, некој си опнат чауш со големи сили го опколи Глигор, а овој и покрај тоа што можеше да се повлече, се утврди кај еден камен, од каде што имаше добар нишан и сосема се занесе во битката, иако требаше да командува со четниците.
Таков беше тој, сакаше само да се бие, а не да командува. Тогаш имаше голема среќа што му дојде појачување. Глигор Соколовиќ беше срамежлив, тивок и на изглед смирен, а во борба жесток, бесен и незапирлив. Со него него човек не смееше да спие заедно во една соба, за случајно да не му текне да сонува некој лош сон: во тој случај тешко човек можеше да го смири, а замислете што се случуваше, кога ќе видеше непријател преку нишанот од неговата пушка…
-Од сите луѓе кои ги погледнав низ мојата брзометка, само тебе те промашив! – Му рече Глигор на Енвер-бег (Енвер-паша) во Солун на еден банкет.
-„Али сполај му на Господа што те не утепав…!“
Од кај Десово витко се издига минарето на џамијата, пркосно и гордо како некој Малисор (Албанци од планинските делови на Албанија, Црна Гора и Западна Македонија, христијани и муслимани, често мешани со словенското население од двете религииски групи), бидејќи и Десовци биле Малисори: од околината на Дарде (Берат), Дебар и Река.
Да го споменеме Расим-ага, најслаткоречивиот арнаутин, кроток на муабет, но лута змија отровница и човек кој ќе го поседуваше цело Заградско поле, да не беше ослободувањето. Заедно со Десово, Трбиќ го става во ист кош и Црнилиште. Во турско тоа беа најзулумќарски села, кои зедоа сила особено по 1911 година, со амин на младо-турската власт. Сеуште се сеќаваме на Исмаил Малечка и Јусуф Бајрактар, големи зулумќари од овој крај. Тука не изостанува ни велешкиот Абдул-ага, кој глобата ја наплаќаше како што ќе му текне.
- „И кајсијата во лозје ќе ти исечам, бре синко ако не ми испратиш што сум ти порачал… Да знаат каурите оти Турчин оште ходи по земјата а не по небото…!“
Овие две доселенички села сакаа да го иселат цело поле, особено за време на младотурците и после убиството на Глигор Соколовиќ, бидејќи нашите чети не можееа да го имаат стариот замав, бидејќи едноставно не знаееја од кого да го бранат нашиот народ. На пример, Браилово беше најголемо село во полето (пред 100 години имало повеќе од 100 куќи) и чисто српско. Но, во 1912 година и последниот Србин се исели оттаму, бидејќи на својот чифлик го примил Мешиш-ага, Турчин наш пријател.
Десовци и на Турците (во полето има нешто малку Турци и потурчени кои зборуваат на нашиот јазик) му правеа зулум. Но, 1912 година и Албанското востание ги доведоја во ред, па сега се целосно мирни и исправни, многу работни и задоволни. Вистинско задоволство е човек да помине низ нивните села. Браилово денес е сосема српско и селаните се станати добри домаќини, а во Десово има околу 20 куќи со доселеници.
Василије Трбиќ во 1910 година поминал полни шест месеци. Го прашувам како воопшто се однесувале спрема него Десовци и Црнилиштанци. Трбиќ прво се замисли, а потоа прсна во громогласна смеа:
- Што да се прави, тешко минато. За жал, се знаевме многу добро. Се однесуваа кон мене толку добро што и денес сме големи пријатели, макар што тоа е скапо платено од двете страни… Е сега сме многу добри! -Го наглси тоа со повисок тон, повторно се насмеа па ми го раскажа ова:
- Кога во 1916 година, преминувајќи го фронтот, почнал да се движи во овие краишта, Василије Трбиќ не бил многу загрижен за бугарските потери, бидејќи Србите добро го чувале, а Арнаутите се правеле несмасни во потерите, па дури и му правеле мали услуги за леб и тутун, не сакајќи да отвораат простор за нови конфликти.
Најпосле бугарските окупаторски власти јавно ги повикале Десово и Црнилиште да се вклучат со свои потери, ветувајќи им не само награди, туку и оружје и ослободување од секаков воен кулук. Но, сите ветувања беа залудни. Арнаутите повеќе сакаа насила да кулучат, да градат патови и да пренесуваат храна за војската, отколку на туѓа сметка да се замеруваат со Трбиќ, на кого му ги открија понудите од Бугарите.
- „На ваш царот раката му е долга“ – му соопштија на бугарските власти во Прилеп првенците од овие села: Што сакат тој может да направит, и кого сакат да го уфати. Току – колко ми да земиме пушки и да одиме во потера на Васиља и на кого да било друг, не можеме, царот да је жив…“
Малку после оваа приказна ја запре нашата кола еден Бајрактаревиќ, син на со право погубен татко во 1912 година. Не само што тешко се одбранивме на неговото гостопримство туку овој Арнаутин се поздрави со Трбиќ како крстен кум: море се прашуваа за мир и здравје као вистински планинци…“
Гр. Божовиќ
Коментирај