„Стремеж“, бр. 1 од 1.I.1965 година

За животот и смртта на Ордан Михајловски – Оцка

Револуционерно минато: Литература, Паганини и револуција

Меѓународниот празник на трудот, Први мај, во 1942 година битолчани го дочекаа со една голема загриженост и неизвесност надвиснати над нивниот град и групата партизани што се беа сместиле некаде во близината на нивниот град.

Во градот под Пелистер владееше вриеж, но малкумина знаеја што станува, иако насетуваа дека се работи за „хајка” против партизаните. Окупаторот ги беше раздвижил до заби вооружените полкови што беа упатувани во потера по партизанскиот одред „Пелистер”, што туку формиран. Низ градот и кон Баба Планина се движеа голем број камиони, моторизирани и пешачки единици. Всушност малкумина знаеја дека тоа окупаторот, под раководството на генералот Маринов и злогласниот полицејски начелник Ќурчиев, го спроведува однапред подготвениот план за уништување на новоформираниот партизански одред.

Веќе на 3 мај, кога осамна убав ден, исполнет со синило и ведрина, борците на Битолскиот партизански одред беа собрани во столетната букова гора над селата Ореово и Буково. Овој одбор млади борци цврсто беше решил да ја прифати борбата со неспоредливо побројниот и повооружен непријател. Партизанскиот одред не знаеше за веќе извршената блокада на северниот дел на Баба Планина, ниту за бројните мерки што ги презедоа фашистичките единици против одредот. Окупаторот ги затвораше сите врвици и патишта што водеа по околните села и ридови и постепено го стегаше обрачот.

И ете уште еден пример: дванаесетте борци од овој одред против себе имаа илјадници до заби вооружени фашистички војници. Но, друг излез немаше освен да се спротивстават и во таа безизлезна ситуација во одбрана на своите животи и идеалите. Се збраа на краток договор. Тоа беше последниот партиски состанок на комунистите од одредот. Едногласно одлучија да се борат до последниот куршум, се поделија во две групи, се простија меѓу себе и секој си одбра по едно од дебелите букови стебла.

Не се чекаше долго. Беше нешто после осум часот кога започна вистинскиот грмеж, каков во Битола и блиските села дотогаш не се чул. Но борбата не заврши набрзо, таа траеше се до приквечерината.

Во оваа борба загина и Ордан Михајловски – Оцка

РОДЕН И ИЗРАСНАТ ВО РЕВОЛУЦИОНЕРНА ФАМИЛИЈА

Ордан Михајловски е роден во Прилеп, во 1921 година, како прво дете на Марко Ристевски, еден од најстарите револуционери во Прилеп. Марко Ристевски членувал во Социјал-демократската партија уште од 1919 година, кога партијата била легална и кога во Прилеп учленувањето се вршело јавно. Кога во Прилеп се формира првиот Местен комитет во 1939 година на чело со Кузман Јосифовски, во него членува и Марко Ристевски, или „Стариот” како го викаа неговите другари. Детството Оцка го поминува во Варошко Маало, а основното училиште го завршува со одличен успех во училиштето „Кралевиќ Марко”. Натамошното негово школување беше отежнато зашто единствениот приход на неговата фамилија беше од обработката на тутун, којшто тие денови имаше мошне ниска цена. Напорите на неговите родители Оцка да изучи и со тоа да го отфрли тутунарското колче не беа мали. Но во 1933/34 година пред овие нивни настојувања се испречи уште и една мерка на тогашната власт, која донесе решение за плаќање на школарина. Бројот на родителите што можеа да ја плаќаат таа школарина беше мошне мал, така што поимошливите родители се застапија за укинување на ова решение, бидејќи неговото спроведувње ќе значеше затворање на училиштата. Така Оцка сепак го продолжи школувањето во прилепската гимназија, каде воедно ја започна и својата револуционерна работа.

Со револуционерна работа Оцка започнал во 1938 roдина, најпрво како член на воспитна група, а потоа како член на СКОЈ.

Првите скоевски групи во прилепската гимназија ги формира Крсте Црвенкоски во 1939 година. Формирањето е извршено на заеднички состанок во домот на Оцка. Беа формирани две групи. На едната секретар беше Крсте, а на втората Менде Црвенкоски. Оцка беше во првата група во која членуваа учениците од осмите класови. Активноста на групите веднаш се почувствува меѓу средношколската младина. Прва задача на скоевската организација беше преземањето на литературната дружина во гимназијата, што беше единствената јавна форма на натамошното политичко и идеолошко делување сред средношколците. Токму заради тоа и дирекцијата на гимназијата настојуваше раководењето на литературната дружина да го преземат луѓе приврзани кон режимот.

Скоевците извршија навремени подготовки за избор на ново раководство на литературната дружина и во октомври месец, во школската 1939/40 година, на изборите, во тоа потполно успеаја. Сите раководни места ги зазедоа Скоевците, токму онака како што беше планирано од скоевските групи. Оцка беше одреден да раководи со секцијата за културен и забавен живот. Се организираа често предавања од областа на идеологијата и литературата, а воедно се збогати и културно-забавниот живот. Се развива голем интерес за читање на книги. Оцка покрај тоа даваше прилози и за ѕидните весници, а не беше помал и прилогот на Оцка – музичарот. Во оваа активност на скоевските групи, посебна помош укажуваа напредните професори Бошко Бабовиќ и Реља Новаковиќ.

За кусо време скоевската организација и бројно се зголемува. Раководена од Крсте Црвенкоски, којшто беше член на Партијата, таа разви широка идеолошка активност. Често се одржуваа состаноци на кои се изучуваше развитокот на општеството, историјата на СКП(б) и др. Нејзината активност беше забележлива и надвор од гимназијата, а дружбата со работничката младина е зголемена. Единствениот парк во Прилеп, односно „Брдото“, стана најпривлечно место за состанувања и дискусии на прилепската младина.

1941.

Македонија – под окупација.

Пред Партијата нови, мошне тешки задачи. Партијата требаше да ги разбие илузиите кај голем дел од народот дека дошле „ослободителите“.

Таа година и Оцка стана член на Партијата, додека татко му и натаму беше член на МК.

Кога Оцка се увери во тоа, му се обрати на „Марко“:

- Татко, се гордеам со тебе. Се надевам дека и јас нема да те посрамотам.

Тие денови окупаторот чинеше големи усилби да ја фашизира прилепската младина, посебно средношколската. Ѝ пријдуваше преку организациите „Браник“, „Отец Пајси“ и други, притоа се пропагираше силата на тројната оска, додека во поглед на СССР се служеа со разни лаги.

Од друга страна, прилепските комунисти, во таа почетна фаза на борбата, развиваа голема политичка активност. Се организираа разни друштва во кои се собираше младината. Голема беше улогата на Фудбалскиот клуб „Гоце Делчев“. Сите натпревари што ги играше овој клуб побудуваа голем интерес, а фудбалските натпревари се претворуваа во политички манифестации, бидејќи навивањето беше користено за извикување на пароли, како што беа: Напред црвени, напред пролетери, победата е наша, или „Долу чорбаџиите”, особено кога се одржуваа средбите со месниот клуб „Македонија“.

„ПАГАНИНИ“ – ЉУБИМЕЦ НА ПРИЛЕПСКАТА ГИМНАЗИЈА

Оцка беше голем музички талент. Свиреше на виолина, а во тоа негово музицирање уживаа сите што имаа можност да го чујат, посебно неговите другари. Свиреше со голем занес и токму заради тоа неговите другари го викаа „Мал Паганини“. Оцка беше раководител на оркестарот што беше формиран во првите денови на окупацијата. Оркестарот беше формиран по директива на Партијата, а целта беше и преку оваа форма на делување да се собере младината.

И по природа Оцка беше музичар, чувствителен, тивок, мирен, а токму заради тоа тој беше омилен меѓу своите другари што го викаа од милост Маркис. Беше висок, имаше долгманесто лице, кадрави коси. Беше голем мечтател, во себе носеше скриена борба: во гимназијата книжевноста му беше омилен предмет. Поезијата посебно ја сакаше и самиот пишуваше песни што ги читаше на состаноците на литературната дружина во гимназијата. Уште како ученик водеше дневник во кого бележеше многу настани, а истиот го продолжи и во деновите на борбите на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев”.

Оцка во гимназијата беше афирмиран како поет, додека во градот беше познат како музичар. Музиката и поезијата се преплетуваа, а подоцна кон тие негови особини се придружи и револуционерната активност.

Веќе на 10 октомври 1941 година Оцка беше во пазувите на Марковите кули, наоружан со револвер. Таа вечер се сретнавме кај Институтот, беше заедно со Чашуле. Требаше да ги вооружиме со пушки борците на првиот партизански одред. Мирновременските мисли, концертите и литературата, љубовта и воопшто младешкиот живот, требаше да се фрлат на заден план. Претстоеја други мисли: исполнувањето на историските задачи за кои мечтаеше во годините пред тоа. Оцка беше спремен за извршување на најтешки задачи и лични жртви. Се гордееше и тие чувства не ги прикриваше, зашто на ветувањето што му го даде на својот татко секогаш се сеќаваше. Пред него стоеше нов живот.

ПРВИОТ ХРОНИЧАР НА ПРИЛЕПСКИОТ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД

И покрај вонредно тешките услови за борба и живот во Прилепскиот одред, Оцка не ја запостави желбата за пишување. Тој во своите песни изразуваше длабока верба во животот, во успехот на борбата, За тоа зборува и неговата песна „А бре Македонче, каде се спремаш”.

Единствениот сочуван документ за животот и работата на првиот партизански одред, е дневникот на Оцка. Во неговиот дневник е опишана акцијата на овој одред од 8 ноември, кога беше нападнато селото Царевиќ, што се наоѓа источно од Прилеп.

Еве некои извадоци од тој дневник:

„И одеднаш бевме на нозе – спремни! Одново затропаа матарките, канчињата, зашумеа шаторските крила и ќебињата, заштракаа чарковите на пушките. Си ги прегледавме спремите. Сѐ е в ред. Падна команда за строј… И за миг сите, еден по еден, си застанавме на своите места. Се направи една долга притеснета редица, слична на танец жерави.”

Или:

Времето веќе наближуваше… Наредено беше да се соберат стражарите и да дојдат на средсело. Треба да се тргне. Сите се спремивме, ги нарамивме пушките и се собравме купче. Ред беше да се земе збогум од селаните. Но за проштавање требаше да запееме. Грмнавме:

Абре, Македонче,

Каде се спремаш!

Бојот те чека,

бој за слобода.

Бој за слобода, за Македонија.

За Македонија, земја поробена.

Селаните порадосни. Некој запеа со нас…

Се збогувавме. Секој еден по еден редум ги стиснавме и другарски ги затресовме рацете на селаните:

- Живи биле!

- Среќно!

- Со здравје! Со живот! На пролет сила ќе биде!

Одредот тргна… Марширајќи со издигнати пушки тупаници запеавме:

Слобода е мила, слобода е сé.

За неа се живее, за неа се мре.

Зазуни гласот на сите страни… Се озвиваа планињето… Каква убавина да си слободен – силен!

Каква радост кога во срцето ни освива едно исто:

Македонија слободна, слободна ќе биде!…

Оцка рано загина. Немаше време да ги афирмира своите можности како литерата и музичар, но и она што го остави зад себе јасно зборува за неговите можности. Имаше голема желба да го наслика тутунарскиот Прилеп, да напише роман за него, да одржи концерт со својата виолина, но желбите не ги реализира, загина мошне млад, во напонот на своите творечки можности.

„МИШКО“

Откако во декември 1941 година го напушти Прилепскиот одред „Гоце Делчев“, Оцка беше упатен на работа во село Лавци, крај Битола. Беше илегалец во куќата на Менка Бавтирова, заедно со Киро Крстевски и Марика Јосифовска. Илегалците ја раздвижија организацијата во селото и околината. Нивната активност за кусо време се почувствува.

Кај Лавчани Оцка беше познат како Мишко. Нежен и вонредно чувствителен, Оцка и за тетка Менка беше Мишко, илегалецот од Прилеп, кого таа токму заради тоа го засака.

Се сеќава таа на една декемвриска ноќ, кога Оцка за првпат дојде во нејзината куќа, изморен и премрзнат, та дури одвај се движел. Подоцна таа заради тоа му се шегувала:

- Ајде, море, и ти си ми тргнал партизан да бидеш, – му велела таа.

- Кој, јас? Има да бидам партизан, и тоа каков? Ќе чуеш за мене, – одговарал со извесна навреденост Оцка.

Во редовите на младината во село Лавци името на Мишко стануваше сѐ поприсутно. Младинците зборуваа:

- Се видов со Мишко…

- Така рече Мишко…

- Мишко замина во тоа и тоа село, ќе се врати ли?

Престојот во Лавци Оцка го користи рационално. Пишува сеќавања, го продолжува водењето на дневникот, забележува стари македонски зборови, што не ги чул до тогаш. Помагал и во куќата. Но најрадостен бил кога требало да се оди на состанок со скоевците.

Тогаш зборувал: Другари, ние сме синови на нашите дедовци – Илинденци. Со голи раце тргнавме да го изгониме непријателот од нашата земја. Ако денеска сме мали групи, треба да се организираме, ќе станеме голема сила.

Така беше сé до 22 април кога над селото Лавци се формира Партизанскиот одред „Пелистер“. Во одредот Мишко беше одговорен по агитпроп. Спремаше песни, разни програми, сé до трети мај, кога меѓу последните пушки престана да пука и неговата.

(Објавено во „Стремеж“ – год. ХI, бр. 1 од 1.I.1965)

Нема Коментари

Коментирај