1908: Српски војводи од Македонија за време на Хуриетот

Српското четничко движење во прилепско

Српското четничко движење

Идејата за создавање на српска четничка организација произлегла од страна на др. Милорад Гоќевац, шеф на лекарската белградска комора. Во 1901 година во Белград се спријателил со војводата Стојан Донски, од кого ги дознал статутите и методите на Македонската револуционерна организација (МРО). Кај Гоѓевец се пројавила идејата за основање на една организација врз такви начела, со што почнал да сондира луѓе за основање на таква организација, а набргу наишол и на истомисленици меѓу македонската емиграција во Србија.

Меѓу првиите кои успеал да ги придобие биле Лука Ќеловиќ, Васе Јовановиќ (со потекло од Македонија), Живојин Рафаиловиќ, а набргу кон оваа група се приклонува и пензионираниот воен министер Јован Атанацковиќ. Во летото 1903 година, во куќата на Атанацковиќ во Белград, го основале Српскиот комитет на четничката акција (СКЧА). Нивната основна цел била да се уништи четничкото движење на МРО, отстранување на турската власт од Македонија, Косово и Јужна Србија и нивно присоединување кон тогашното кралство Србија. Тие решиле ораганизацијата да се вика Српска револуционерна организација на чело со Централен револуционерен таен комитет, по примерот на МРО и нејзиниот Централен комитет.

Во почетокот СКЧА го презел мотото на македонските револуционери и МРО – „Слобода или смрт“, но подоцна биле користени и останатите: „Со вера во Бога“, „За крстот чесен за Слободата златна“, „Обединување или смрт“, „Со вера во Бога за Крaлот и Татковината“ и др. Во почетокот, војводата и сите останати добивале плата од комитетот, но подоцна откако се укинале платите, финансиски средства за издршка на четата и за дејствување на терен добивал војводата. За поделбата од обилната материјална пропагандна сума, главни задолжени реализатори биле српските конзули во Скопје и Битола.

ПРВИТЕ ЧЕТИ ВО МАКЕДОНИЈА

Првите српски чети биле формирани во Кратовско, Кумановско и Порече. За водачи на четите во почетокот биле поставувано старите арамии и одметнати војводи од МРО, а подоцна биле назначувни и офицери од српската војска. За прв српски војвода во Македонија бил назначен Мицко Крстев(иќ) од село Латово. Прв организатор на четничка акција на теренот бил Аксентије Бацетовиќ. Тој воспоставил два горски штаба за Источното и Западното Повардарие, ваквата поделба останала се до Балканските војни.

Први раководители на овие горски штабови биле полковникот Илија Јовановиќ за источно Поварадрие и капетанот Сретен Рајковиќ за западното Повардарие. Раководителите на горските штабови биле бирани од младите офицери, кои сакале да учествуваат во движењето, а тие морале да поднесуваат извешатии до Централниот комитет.

Ранетите и болните четници, кои не можеле да бидат префрлени во Србија, биле згрижувани по србоманските села во Македонија и во просториите на српскиот конзулат во Скопје, каде што ги лекувал др. Михаил Шушкаловиќ, со што почнало да егзистира илегална четничка болница. Четниците, исто така, биле лечени и во интернатот на српската гимназија во Скопје, а биле прифаќани и од српските хуманитарни друштава, како што биле: „Српски браќа“ и „Коло на српските сестри“.

Една од најголемите пречки за продор на српските чети биле четите на МРО, кои не дозволувале присуство на било какви други воружени чети во нејзината територија. Особен успех во агитацијата и организацијата постигнал Воислав Танкосиќ. Тој во 1904 година создал канали за оружје и муниција на релацијата Врање-Скопје-Прилеп-Битола-Порече, со што го олеснил навлегувањето на српските чети.

Во 1904 година Милорад Гоќевец и Лука Ѓеловиќ ја создале првата чета предвидена за Порече, која се состоела од 23 четника на чело со Ангелко Алексиевски(иќ) родум од Мидинци кај Кичево. За нејзиното преминување преку границата биле задолжени капетанот Рафајловииќ, мајорот Крсте Смилјаниќ и капетанот Добривое Павловиќ, а главен предводник им бил идниот велешки војвода Василије Трбиќ. Четата на 25 мај се нашла кај реката Пчиња, притоа војводата Алексиќ убил еден Албанец, бидејќи не сакал да ги пренесе преку реката, за што дознал кајмакамот на Куманово, кој веднаш организирал потера, која кај селото Четирци ја опколила и ја разбила четата.

И покрај почетниот неуспех, кон крајот на јули 1904 година, преку граница се префрлаат бројни чети кои делуваат во Скопска Црна Гора, околината на Прилеп, Порече и Дримкол. Во средината на август се префрлаат уште две чети на Козјак, а при крајот на септември, уште осум чети. До декември во Македонија биле формирани уште четири чети, а исто толку чети биле префрлени и од Србија. До март 1905 година, биле уфрлаат четири чети на левата страна од Вардар, а се формирале уште четири србомански чети.
Првата воружена србоманска чета на територијата на Македонија била создадена во селото Крапа од одметнатиот војвода на МРО Мицко Крстев.

Четата на почетокот броела 6 четници, но набрзо ја достигнува бројката од 30 четници. Ова не поминало незабележано од МРО, кој организирал координирана акција за опколување и уништување на четата на Мицко. За таа цел биле вклучени четите на Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев и Ѓурчин Наумов. Првиот судир се случил во Црешнево, каде што Мицко и поставил заседа на четата на Ѓорѓи Сугарев, која што успеала да се извлече без жртви. По заседате Мицко се префрлил на левата страна на Треска и се спуштил на југ. Организациските чети, следејќи го Мицко, се собрале во селото Слатино, каде што пристигнал и Даме Груев со неколку селски милиционери. Во меѓувреме Мицко тогаш ги предал здружените чети на турските власти, кои испратиле војска во селото, по што започнала престрелка. Четите успеле да се извлечат, но Даме Груев во борбата бил ранет и останал во селото. Следниот ден дошол Мицко и го заробил Груев, со што започнала едномесечна заложичка драма.

Организацијата ги презела сите мерки за ослободување на Груев, со што биле испратени закани до српските конзули во Битола и Скопје, доколку ако не биде ослободен Груев тие ќе започнат истребувачка војна. Околу 20 дена по судирот во Слатино, српскиот конзул од Солун го известил бугарскиот трговски агент Атанас Шопов дека Груев бил ранет и бил лекуван од Србите од Кичевско, потенцирајќи дека Груев бил под заштита на тамошна српска чета на чело на која се наоѓал негов познаник.

По едномесечното заложништво, Белград му наредил на Мицко да го однесе Груев во Скопје и да го ослободи. Мицко го предал на главниот инспектор за српските училишта во Македонија – Јован Ќирковиќ, а тој го предал на истакнатиот член на Организацијата во Скопје – Ѓорѓи Николов. Потоа Груев се упатил кон Куманово, а од таму за Бугарија. Грабнувањето на Даме Груев била првата голем успешна акција на воружената српска пропагнада во Македонија, со што четата на Мицко го отворила патот на српската пропаганда во Македонија.

На состанокот од 4 јули 1907 година во Белград, на кој присутвувале претседателот на Главниот комитет, неговиот помошник, шефот на конзуларното оделение, генералниот српски конзул од Скопје и раководителот на штабот за Источното Повардарије, била донесена одлука да се преуреди самата организација, со што таа ја изгубила својата независност и се нашла под контрола на српската држава. Српските чети продолжиле да егзистираат, но сега под закрила на државата и истите учествувале во Балканските војни и Првата светска војна, по чие завршување биле распуштени.

Српски четници сликани за време на Хуриетот во Скопје.

Седат: Тодор Алгуњски (Куманово), Коста Миловановиќ – Пеќанец (Пеќ), Александар Цене Марков(иќ) (Тетово), Ѓорѓи Ристиќ – Скопјанче (Пеќ), Јован Бабунски (Мартолци), Јован Цветков Долгач (Кошино), Милан Бабов(иќ) (Прилеп);

Втор ред: Живко Гвоздиќ (Вучитрн), Михаило Јосифов(иќ), Глигор Соколов(иќ) (Небрегово), Иса Бољетинац (Косовска Митровица), Турски офицер, Јован Довезенски (Довезанце), Тренко Рујанов(иќ) (Крапа);

Трет ред:
Коста Дренковски (Прилеп), Наце Ресенчанец (Ресен), Непознат, Стеван Недев(иќ) (Битола), Непознат (Прилепско), Бошко Вирчанин (Порече), Јован Мајка (Крушевско);

Четврт ред: Ангелчо Станков(иќ) (Богданци), Дане Стојанов(иќ) (Крапа), Зафир Премчев(иќ).

3 коментари

  • Мићко August 23, 2013

    Пишувам од Белград, Србија па се извинувам однапред за грешки во постов.
    Нема скоро ништо напишано за војвода Глигор Соколовиќ од Небрегово, прилепско. Њега викаше вториот прилепски крал. Имаше чета со преку 1000 прилепски четници. За жал е дека во Прилеп не постои споменик и улица со негово име.

    Respond
  • PSF August 23, 2013

    Благодариме за добронамерната критика,,,
    За Глигор Соколовиќ сеуште немаме направено пост но набрзо ќе ги префрлиме овде и неговите слики.
    За него можете да прочитате и да видите некоја слика во албумот „Војна и мир 4“ на нашиот ФБ профил „Прилеп Стари Фотографии“
    https://www.facebook.com/prilep.starifotografii/media_set?set=a.486337601435720.1073741829.100001784547553&type=3

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc