Ексхумација на телата од Цена Богоева - Џинорозот, Христо Николов Секирчанец – Ковачот, Трајко Марков Ристески - Брко (Сандански) и Киро Иваноски - Шими

Со чекан по срцето…

Едно заборавено ѕверство

Извадок од книгата „Судењата како последен пораз“ од Јован Павловски, 1977 година

УДИРАВМЕ СО ЧЕКАНОТ ПО СРЦЕТО

Изјава на Георги Трендафилов, поранешен групов началник во Околиското полициско управление во Прилеп, пред Народниот суд:

„Во месец јули 1944 година уапсивме 10 до 15 луѓе од Прилеп, меѓу кои: Цена Богоева, Трајко Марков–Сандански, Киро Шими и Ристо Николов–Ковачот. Многу ги тормозевме и тепавме по табаните со гума. Цена, Трајко, Киро и Ристо беа удавени, а другите беа пуштени дома.

Беа удавени на овој начин: Полицискиот командант Молов ми рече веднаш вечерта, во 9 часот, со агентите Коло Желев и Димитар Јорданов да дојдам во командатурата. Во 9 часот во мојот кабинет дојдоа: Молов, Коце Георгиев, Коло Желев, Димитар Јорданов, Кнчо Бојанов и полицајците Дончо и Камен Каменов, а на стража беа поставени доверливи полицајци.

Од мојот кабинет преминавме во едно мало сопче и на подот фрливме едно ќебе. Молов нареди да се донеси Трајко Марков. Тој му ги врза рацете, го легна на кебето и му го стави околу вратот јажето, кое на крајот имаше по едно дрво долго 20 сантиметри, а дебело 3 сантиметри. Едниот крај од јажето го држеше Молов, а другиот Димитар Јорданов. Нозете му ги држевме јас и К’нчо Бојанов. Додека Молов и Јорданов го давеа, Коце Георгиев, полицискиот началник на вториот участок, го удри со чекан неколку пати по срцето. По 10 минути Трајко беше мртов…

Го соблековме гол и го фрливме во дупката до нужникот во дворот, која беше специјално за тоа ископана дента. Потоа го донесовме Ристо Ковачот. Јажето го тргавме јас и Коло Желев. Додека ние го давевме Ристо, командантот Молов со чеканот го удри трипати по срцето, по што го пуштивме јажето. Ковачот беше доста силен и не умре, така што бевме принудени целата работа да ја повториме уште еднаш. И него го соблековме гол и го фрливме во дупката. Потоа го донесовме Киро Шими и со него се сврши.

Последна ја донесовме Цена Богоева, и ги врзавме рацете и ја легнавме на ќебето. Желев и К’нчо го тргаа јажето и ја давеа, јас ја држев за нозе, а Молов ја удри по срцето едно 7-8 пати, и таа брзо умре. Неа не ја соблековме гола, туку и го соблековме само џемперот и по кошула ја фрливме на истиот начин во дупката. За да не се разбере убиството, облеката им ја закопавме во друга дупка.

Дргиот ден ги побаравме нивните домашни и јас и полицискиот командант Молов им рековме дека затворениците ги пуштивме дома.
Кај Трајко Марков најдовме 9000 лева кои ги зедовме. Од тие пари јас добив 5500 лева за да ги поделам со своите агенти. Молов задржа за себе 1000 лева, а со 2500 лева си купи канцелариски материјал…“.

СО ЧЕТВОРИЦАТА ЌЕ СВРШАМ ВЕЧЕРВА

Изјавата на Коло Желев пред Народниот суд:

„Кога го свршивме сослушувањето, записникот му го предадов на командантот Љубен Молов. Тој уште истиот ден ме викна мене, началникот Трендафилов, Кичо Бојанов, Димитар Георгиев и началникот на вториот участок Коце Георгиев и ми рече вечерта во 9 часот да бидеме во полициското командантство.

Ние сите се собравме во 9 часот во канцеларијата на началникот Трендафилов од каде што отидовме во друго сопче до канцеларијата. Тука Молов извади едно јаже, долго околу 2 метра, на чии краеви имаше врзано стапчиња долги околу 30 сантиметри и 3 сантиметри дебели и еден чекан тежок околу 6-7 килограми и ни рече:

Решив со четворица да свршам вечерва, а другите утре ќе ги ослободиме! Со тоа сите се согласивме. Во собата со нас имаше уште 4 полицајци: Камен Каменов, сега полицаец во Кула, К’нчо Желев, сега полицаец во Стара Загора, Дончо, сега писар во криминалистичка служба и Васил клучарот. На стража пред затворот беа сменети полицајците со Камен и Дончо, Васил клучарот беше поставен пред надворешната врата, додека пак К’нчо остана со нас и помагаше при закопувањето.

Прво го викнавме Трајко Марков. Командантот му ги врза рацете на грбот и ни рече:

-Сега ќе видите како се дави без никој да разбере!

Во сопчето беше послано едно ќебе. Го легнавме Трајко на подот, а командантот јамката од јажето му ја фрли околу вратот. Нозете му ги држеше Димитар Георгиев, а началникот Трендафилов и командантот Малов го тргаа јажето, додека, пак, Коце Георгиев го удри Трајко 4 пати по срцето. Така затегнато го држеа јажето 10 минути и кога го пуштија Трајко беше мртов. Го соблековме гол и сосе ќебе го дигнавме и го закопавме во дупката што беше ископана тој ден, божем за скривница. Дупката се наоѓа 6 метри лево од клозетот во дворот на командантството. Кога се вративме со ќебето, Кичо го донесе Христо Николов–Ковачот. И нему командантот му ги врза рацете, го легна на ќебето и му ја стави јамката околу врат. Јас и началникот Георгиев го тргавме јажето додека командантот Молов го удираше со чеканот по срцето. Трипати го удри…

Кога го пуштивме јажето тој уште дишеше. Тогаш командантот ми рече да го стегаме јажето 15 минути додека Ковачот не престане да дише. Тогаш и него го соблековме гол и со ќебето го фрливме во дупката.

Истото му го напраавивме и на Кирил Шими. Командантот заедно со Кичо ги тргаа краевите, а началникот го удри со чеканот 4 пати. Бидејќи овој беше послаб умре за 10 минути.

Последна ја доведоа Цена, на која јас и Коце го тргавме јажето, а командантот со чеканот ја удри трипати по срцето. Цена умре за седум минути. Неа и го сблековме само џемперот и ја фрливме во дупката кај другите.

Сето ова траеше од 9 до 12 часот ноќта. Расположението за време на давењето беше весело. Потоа, пред да се разделиме се договоривме кога ќе бидеме прашани пред јавноста да кажеме дека сите се ослободени. Утредента мене лично ме праша сестра и на Цена каде е, и јас и одговорив:

-Ја пуштивме со другите!…“

5 коментари

  • Георги May 27, 2016

    Кога и каде беше судењето на тие ѕверови и каква беше пресудата?
    Македонија треба сите овие ѕверства врз нашите луѓе подобро да ги документира и да не се заборават. Луѓето премногу се занимаваат со недоволни информации од антиката а борбата за слобода во втората светска војна во која загинаа, колку што знам околу 25000 луѓе од Македонија (Вардарскиот дел) многумина не ја споменуваат.

    Respond
  • Vesna July 18, 2016

    Денес ни е поважно да се занимаваме со Александар и Филип, а на овој дел од нашата историја или забораваме или ги напаѓаме токму овие што страдаа и гинеа за оваа денешна Македонија.

    Respond
  • Александра September 29, 2016

    Јас сум правнука на Трајко Марков Сандански и многу е тешко кога читаш вакво нешто и кога неправдата вака си поиграла со некој твој. Ова речиси и да не се споменува во нашата историја. Жалосно но вистинито…

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc