Бугарска карта со приказ на битката кај Добро Поле...

Пробивот кај Добро Поле

Битката на Добро Поле или Пробивот на Добро Поле е битка која се одиграла на 15 септември 1918 година на висорамнината Добро поле во Мариово на денешната Македонско-грчка граница, меѓу војските на Централните сили (Бугарија и Германија) и Антантата (Франција, Англија, Србија и Грција).

Откако е запрен напредокот на бугарската армија во Романија и Грција, набрзо состојбата на фронтот се влошила, а истовремено во Бугарија се намалила и политичката поткрепа за војната. Бугарија била соочена со мал стопански потенцијал, сериозен недостаток на храна и со голема инфлација, која ја уништила слабата економија.

Од 1 јануари до 13 септември 1918 година, воените дејства на Македонскиот фронт биле намалени. Овај период бил искористен од командата на Антантата за подготовка на општа офанзива, со цел да ја исфрлат Бугарија од војната. Планот на сојузниците бил истовремено да им нанесат удар на Централните сили во три точки на Македонскиот фронт. На запад во битолскиот реон, на исток во дојранскиот реон, а главниот удар бил замислен да се нанесе во реонот на висорамнината Добро поле.

БИТКАТА…

На линијата на Добро Поле се наоѓале Втората и Тратата пешадиска дивизија на бугарската армија, кои биле во состав на Единаесеттата германска армија, со тоа што Втората дивизија била во состав на Шеесет и првиот германски корпус, а Третата дивизија под директна команда на Единаесеттата германска армија.

Утрото на 14 септември во 7.00 часот, силите на Антатата започнале со артилериски напад на бугарските и германските позиции, додека во меѓувреме сојузничките авиони вршеле постојани бомбардирања по цела должина на Добро Поле.

Најкрвави борби се одвивале на позициите од митралеските одделенија на Десеттиот и Триесеттиот полк на Втората дивизија, кои биле распрскани и вкопани по должина од 7 километри на фронтот. Тие, иако поддржани со само 28 артилериски орудија и опколени од непријателот, одбиле да се предадат и позициите ги држеле до последен војник. По цена на огромни жртви, Французите ги уништиле митралеските гнезда едно по едно од близина со пламенофрлачи и рачни гранати.

На 15 септември, Дваесет и деветтиот полк при Третата дивизија, изложен на јак артилериски оган и со големи човечки загуби, бил принуден да ги напушти позициите на врвот Шејновец, при што во позадина се повлекле само 15 офицери и 260 војници. Истиот ден, Шумадиската дивизија, која била во состав на Втората армија, ги зазела позициите на Слоново уво, Ветерник и Гола Рудина, а Седумнаесеттата француска дивизија ги освоила рововите околу Кравица. Во меѓувреме, Тимочката дивизија ги зазела Борова и Обла чука, а Сто дваесет и втората француска дивизија го зазела Добро Поле и дошла во подножјето на врвот Сокол.

На 17 септември, Втората српска армија успеала да го совлада големиот отпор на Централните сили и во содејство со Моравската дивизија од Првата српска армија избила на Кучков камен, од каде што настапила кон Ѓурков камен. Тимочката дивизија ги освоила Тополец и Студена вода. Првата армија, гонејќи го непријателот пред себе, избила на линијата: Кучков камен – Мелница – Бешиште, а во меѓувреме Коњичката дивизија стигнала до Полчиште.

На 18 септември, Првата српска армија и покрај силниот отпор на бугарската војска, избила на Црна Река кај Расим-бегов мост. На 20 и 21 септември силите на Антатата ја пресекле комуникацијата Прилеп-Градско во самиот центар на фронтот, со што дошло до масовно отстапување на Централните сили, кои биле концентрирани на фронтот северно од Битола, со цел да се повлечат во правецот Прилеп-Велес.

ПОСЛЕДИЦИ…

По пробојот на Добро Поле, исцрпената бугарска војска се побунила и се повлекла кон Бугарија, а фронтот постепено се растурил. Силите на Антантата почнале да напредуваат кон Бугарија, при што наишле на незначителен слаб отпор. На 29 септември 1918 година Бугарија била принудена да потпише примирје во Солун, со што официјално излегла од војната.

Подоцна, со Нејскиот мировен договор, на 27 ноември поразената Бугарија ја загубила Западна Тракија, која и припаднала на Грција, териториите на Цариброд, Босилеград и Струмица му припаднале на Кралството СХС, а јужна Добруџа ја зела Романија. Воената сила на Бугарија била редуцирана на минимум: дозволени и биле најмногу 20.000 војници, била укината војната обврска, а голем дел од вооружувањето им било предадено на сојузниците.

Исто така, Бугарија била обврзана да плати воена репарација од 2,25 милијарди златни франци, односно 445 милиона долари на оштетените земји (подоцна од овој долг и се простени 3/4), а била обврзана да ги врати архивите, уметничките и слични предмети, кои биле однесени од окупираните земји.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc