Полковник Стефан Илиев...

Полковник Стефан Илиев

Полковникот Стефан Илиев е роден на 29 јуни 1869 година во Видин (Бугарија) во сиромашно семејство. Во 1887 година ја завршил Скобелевската реална гимназија во Видин. Истата година се запишал во Военото Училиште во Софија. На 18 мај 1889 година со одличен успех го завршил Военото Училиште, од каде што излегол со чин потпоручик. Воената кариера ја започнал во Третиот пешадиски Бдински полк како командир на вод, аѓутант на командирот на Втората дружина и аѓутант на полкот.

Во 1895/96 година поручикот Илиев ги завршил офицерските курсеви во Военото Училиште и бил назначен за помошник на четниот командир на Седмата чета при Третиот пешадиски полк, а од 1899 година капетанот Илиев бил командир на Втората чета од Дванаесеттиот Резервен полк. Кон крајот на 1901 година бил аѓутант на Втората бригада од Бдинската дивизија. Во 1903 година капетанот Илиев заминал на служба во Будимпешта.

Во 1904 година бил прекомандуван во Првата Софиска дивизија како четен командир на курсот за подофицерери. Во 1905/06 година завршил штабен офицерски курс, а од 1907 година бил постар аѓутант на 1/6 бригада. Кон крајот на 1909 година станал командир на Втората дружина од Петнаесеттиот пешадиски Ломски полк во градот Белоградчик (Бугарија), во кој служел до крајот на неговиот живот.

Во почетокот на Балканската војна бил командир на Четвртата дружина на Петнаесеттиот пешадиски Ломски полк со чин мајор. Учествувал во борбите кај Лулебургас (Турција), Турк-беј, Татаркој, Умурча, Чаталиџа, селата Езадин, Јалос, Кули Бургас, Долна махала, Будинарци и Умлано, кај висовите Хисар, Бејаз-тепе и Руен, при езерата Дусердус и Дојранско езеро, реките Вардар и Куглу дере. За време на Втората Балканска војна бил началник на Петнаесттиот полков округ во Видин.

На 28 февруари 1916 година потполковник Стефан Илиев бил назначен за командир на Петнаесеттиот пешадиски Ломски полк. Учествувал во борбите при Стојково брдо, Планиница, Буково, Врбоец, во Чеганската операција кај селата Чеган (Воденско), Арменово (Леринско) и Лажец (Битолско).

Загинал херојски на 26 март 1917 година при противнапад во битката за врвот Црвена стена во близина на Битола. Бил погребан со воени почести во дворот на црквата Свето Благовештение во Прилеп. На 1 април 1917 година, поради воени заслуги, посмртно бил унапреден во чин полковник. Во 1924 година е основано Белоградчишкото хуманитарно подофицерско друштво „Полковник Стефан Илиев“.
Неговиот гроб и на уште двајца бугарски офицери по завршувањето на Првата светска војна се разрушени, а судбината на нивните останки е непозната.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc