Владо Тасески – Колјо спаѓа во редот на оние македонски револуционери, кои уште од најраното детство биле принудени да ги почуствуваат врз себе горчините на ропството, во кое се наоѓаше македонскиот народ.
Роден е на 21 март 1916 година, во градот под Марковите кули – Прилеп, во мошне сиромашно семејство. Неговиот татко, кочарски занаетчија, излез од сиромаштијата барал и во одгледувањето тутун, па Владо сето свое слободно време го поминувал помагајќи им на родителите, нижејќи и калапејќи ги жолтите листови на мачната егзистенција. Така, уште од малечко дете, овој наш револуционер ке ја почувствува неправдата на животот врз своите плеќи.
Учењето не му претставувало проблем, па во 1931 година Владо Тасески завршува IV клас со одличен успех, но образованието не го продолжува, спречен од суровата рака на сиромаштијата. Се вработил како чирак во работилницата за поправка на локомотиви. Во 1933 година станал член на напредното младинско друштво „Трезвена младеж“. Во овој период овој истакнат борец и патриот ги правел првите чекори кон неговото идеолошко осозновање. Читајќи комунистичка литература, станал младинец со точно насочени политички идеи кон комунизмот и со правилен став кон македонското национално прашање. Во меѓувреме станал член на КУД „Коста Абрашевиќ“ и член на УРС-овите синдикати во Прилеп, од кај што започнала неговата жилава борба за слобода на својот народ.
Во 1936 година, Владо го положил испитот за квалифукуван работник-бравар и бил преместен на работа во Скопје. Веднаш по неговото доаѓање во овој град, се вклопил во железничко-музичкото друштво, каде свирел на гитара и другарувал со луѓе кои имале слични ставови и идеи за самостојна Македонија.
Во 1940 година Тасески го организирал штрајкот на железничарите, борејќи се за правото на работниците. Во март 1941 година тој бил предводник на железничарите во демонстрациите против тројниот пакт и предавничката југословенска власт. Истата година, Владо станал член на КПЈ и секретар на партиската организација во ложилницата. Колегите од ложилницата во негово име препознале издигнат револуционер, задоен со марксистички идеи за рамноправна улога на луѓето во општеството и му ја довериле должноста одговорен за „агитпроп“ (агитација и пропаганда).
Во јули 1943 година Владо Тасески ја напуштил илегалната работа и стапил во Шарскиот партизански одред. Како командир на чета во овој одред, тој поминал долг пат низ западна Македонија. Подоцна стапил во скопско-кумановскиот партизански одред и на крај во баталјонот „Јордан Шишков“, каде се борел „рамо до рамо“ со прославениот козјачки јунак Карпош.
11 декември 1943 година бил кобен ден за Владо. Загинал во селото Дренок, во месноста Здревчи Камен, во борбата со четниците од Вардарскиот четнички корпус. И во последната битка тој ја потврдил својата храброст и пожртвуваност, својата подготвеност на жртва во името на својот народ, со што за последен пат се докажал неговиот патриотски револуционерен дух, потврден низ неговите последни зброви: „живи не се предаваме“.
Коментирај