Ветар дај - ветар земи

Ветар дај – ветар земи

ВЕТАР ДАЈ – ВЕТАР ЗЕМИ

(Раскажува Милан Наумов – Оклески)

Роден сум во Прилеп во градска фамилија, ни многу богата ни многу сиромашка.

Оклевци се стара градска фамилија, која потекнува од Варош. Голема фамилија. Нашата фамилија прво се викала Поповци. Јас не можам да објаснам од каде потекнува името Оклевци. Живееше во турското мало. Единствена рисјанска фамилија што живееше во турското маало беше фамилијата Оклевци и затоа сите знаевме чисто турски да зборуваме.

Татко ми се викаше Наум, а ние нагалено ги викавме Нане. Беше мирен и скромен човек. Не се мешаше во ништо. Си ја бркаше работата. Беше анџија. Анот што го држеше татко ми се најдуваше во Прилеп на Ат-пазар. Имаше добар однос спрема муштериите, селаните и затоа во прво време работата му одеше како што треба. Во тоа време сите дуќанџии во Прилеп работеа на вересија, па и Нане даваше на вересија на својте муштерии – селани. За вересијата татко ми Наум водеше еден голем тефтер во кој бележеше за секој муштерија колку должи. Селаните, муштериите, јадеа, пиеја и спиеја на анот сѐ на вересија. Во летно време, за време на вршење, Наум ќе си го земеше тефтерот за вересијата и ќе одеше како прематар по сите села каде што имаше дадено вересија. Одеше по селата за да ја збери вересијата. Одеше во овие села: Маргари, Рилево, Стровија, Гостиражни, Кривогаштани, Врбјани и Коњари. Во тие села беа муштериите на татко ми Наума. Селаните својот борч го плаќаа со жито. Така беше во тоа време, така се плаќаше.

Татко ми умре млад, умре на четириесет и пет години. Умре во турско време, во времето кога Турците го сметнаа од власт Енвер-паша. Мајка ми остана млада вдовица со пет деца.

Дедо ми Коне Окле, татко на татко ми, беше влијателен човек кај турската власт, а нарочито влијателен кај кадијата. Тој беше претставник на рисјаните кај турската власт и затоа беше многу ценет кај Турците. Знаеше чисто турски да зборува и пишува.

Дедо ми Коне Окле имаше шест сина. Најстар меѓу браќата беше татко ми Наум. Најстар и најмирен.

Коне Окле беше анџија. Држеше ан на Ат-пазар. Нашата фамилија од векот се занимаваше со анџилак. Во турско време, во едно лето, Коне Окле отиде во селото Селце, Крушевско да си ја збира вересијата од селаните кои биле негови муштерии. Таман стасал во селото Селце, разбрале арамиите, качаците (турските арамии и качаци) и вечерта влегле во селото Селце и од Конета побарале да им дај двајсет турски лири, осум мрши пастрма и осум доламчиња. Дедо ми Коне Окле се нашол во небрано. Со себе не носел ни лири, ниту пак пастрма и долами, но сепак се снашол. Бил итер и снаодлив човек. На качаците им рекол:

- Ова што го барате од мене јас во овој момент го немам. Ако сакате, можам да ви потпишам еден сенет (меница).

Качаците се согласиле со овој предлог. Коне Окле го напиша сенетот и се потпишал. На сенетот пишал: „Да дојдете со разградени гради на Мовлетец за да го земето ова што го барате од мене. Ветар дај, ветар земи. Ветар дај, ветар земи. Ветар дај, ветар земи“.

Усно им рекол:
Ќе појдите во Прилеп сабота или пак сенетот ќе го испратите по некого во Прилеп и ќе го предадете на Јончета Мијачета, бојаџијата. Тој во мое име ќе ви даде сè што барате сега од мене.

Качаците во саботата го испратиле сенетот по еден од качаците кој го предал на Јончета Мијаче.

Штом Јонче Мијаче го прочитал сенетот, му рекол на Турчинот дека во сенетот Коне Окле пишува: дека треба да појдете на Мовлетец, ќе се качите на Мовлетец и таму со разградени гради ќе чекате. Таму на Мовлетец ќе ви дај ветерот сé што барате.
Кога слушнал Турчинот, многу се налутил и на турски рекол:

- Бак анасана џаур Окле (Каур Окле да нѐ излажи нас). Ако ни падни уште еднаш в раце, ќе види кој сме ние.

И така Коне Окле на мајсторски начин ги изиграл качаците.

Мовлетец е еден од врвовите на планината меѓу селата Крапа и Зрзек, Прилепско и од сите страни го јади ветрот.

Во време на турското ропство некој Турчин по име Булиман беше семоќен, беше сé и сја на територијата од селата: Варош, Топлица, Никодин, Тројаци и други села. Во овие села Турчинот Булиман правеше големи зулуми. Тој тепаше, тој колеше. Многу селани истепа. Што ќе речи Турчинот Булиман сé ке биди. За сé сам донесуваше решенија. Самоволието на Булимана немало крај. Даноците биле ептен големи. Селаните за сé му плакале данок и други давачки. Сам ги собирал даноците и другите давачки. Неговите зулуми биле неподносливи и селаните се најдувале во голема мака и тешка положба.

Христо Окле Попето е роден во Прилеп. Тој ми е стрико, брат на татко ми Наума. Стрико ми Христо Окле Попето беше смел и храбар човек и не можеше да ги поднесува зулумите и злосторствата што ги правеја Турците над рисјанската раја, над македонскиот народ. Затоа стрико ми Христо Окле Попето организира чета, водеше чета и се бореше против турското ропство. Стана војвода на неговата чета, која најповеќе дејствуваше во Прилеп ско и тоа во полските села.

Селаните од територијата на Турчинот Булимана се обратиле до четата на Христо Окле Попето за да се куртулисаат од зулумите и злосторствата што ги правеше Турчинот Булиман. Се обратиле до Христа Окле Попето со следниве зборови:

- Аман, да нѐ куртулиш од овој пес Булиман.

Една вечер Христо Окле Попето со својата чета се преврлил на територијата на која што владеел Турчинот Булиман. Наместиле на сите страни бусии со намера да му дојдат доак, да го убијат Булимана.

Едно време се зададе башибузукот на Булимана. Напред бил еден Турчин кој јавал на коњ, зад него друг, а Булиман бил качен на магаре и во тој ред, како што оделе еден зад друг, Булиман бил последен. Од сите страни едновремено грмнале пушките на Турците што биле први во редот. Оние Турци што биле напред биле покосени како снопје. Штом слушнал Булиман, бидејки бил назад, се вратил и така таа вечер се спасил и останал жив. Останал жив за да продолжи со зулумите над селаните. Се водела голема борба меѓу четата на Христо Окле – Попето и Турците. Во оваа борба стрико ми Христо Окле бил ранет во десното раме. Така ранет се прибрал во селото Никодин. Утредента облечен во попски алишта, дошол во Прилеп да се лекува.

Се лечеше и се криеше во куќата во која живееше едно време Сотир Дамески. Сега таа куќа не постои, а се најдуваше во дворот на сегашната куќа на Рампо Чепот. Скришум од турската власт идеше докторот Николаќи Гркот, родум од Битола.

Дури беше во таа куќа јас, како негов внук, се сретнав со него. Отворивме лаф-муабет. Му реков:

- А бре стрико до кога мислиш да куметуваш? Тој ми се испули право в очи и ми рече:

- Фнучко, јас ќе се борам против турската власт дури стои гла на рамена.
Уште неизлечен во доволна мера се врати во четата.

Христо Окле – Попето со мал број четници на турската власт ѝ задавал големи маки. Неговата чета имаше двајсетина борци.

Пред Велигден, на сам ден Голем петок 1901 година, четата на стрика ми Христа Окле – Попето се префрли на територијата на село Горно Село. Четата дојде над Горно Село. Некоја жена од селото веднаш соопштила на турската власт и ја предала четата. Турците веднаш испратиле аскер од Прилеп.

Четата била сардисана и опколена од сите страни. Од страната спрема Прилеп бил турскиот аскер испратен од Прилеп, а од страната спрема селото Дупјачани и Десово стасал турскиот башибозук, Турците десовци. Непријателот бил надмоќен и посилен. Настанала тешка борба која траела од сонцето кога зашло зад планината кај село Дебриште некаде до полноќ. Од сите страни се пукало. Пукале пушки, штракале картешници, паѓале бомби. Бидејќи четата била сардисана од сите страни, борците на Христа Окле ги слекле своите сакми, ги обесиле по разни дрва со намера да го излажат турскиот аскер. Турскиот аскер почнал да пука по обесените сакми. Христо Окле – Попето им рекол на своите другари да одат по него еден зад друг. Во ноќта Христо Окле – Попето тргнал напред а другарите по него еден зад друг спрема страната што ја држеле Турците десовци со намера да се пробие спрема селото Небрегово.

Бидејќи Христо Окле – Попето знаел да зборува чисто турски, минал покрај турскиот башибозук и им викнал на турски:

- Еј!… кардашлар, обир тарафа кумитлaрмa (Еј!… браќа, од друга на страна се куметите).

Така Христо Окле со своите другари мајсторски се извлекол од блокадата на турскиот аскер и четата заминала кон селото Небрегово.

Во оваа нерамна борба четата немала загуби, не бил отепан ниеден борец. Само еден кумита бил ранет во ногата кој, заедно со своите другари, се пробил кон селото Небрегово.

Турскиот аскер претрпел големи загуби во луѓе и коњи.

Во Прилеп веднаш се разбра за овој настан, за успехот што го постигна четата во борбата против турскиот аскер. Ние сите прилепчани се радувавме и со посебно расположење и џумбуш го поминавме тој Велигден. Цела недела непрестанаа да тропаат тапаните и свират зурлите. Сите бевме весели. На сите нас ни тежеше турското ропство.

На територијата на селата: Чумово, Штавица и другите блиски села владееше Турчинот Шериф. Тој сечеше, тој бесеше. Овој Турчин спрема селаните беше многу лош, ептен проклет човек беше.

Еден ден во близината на Селото Чумово Турчинот Шериф беше отепан од четата на Христо Окле – Попето.

Во Кадино Село, Прилепско во 1902 година во една кула Методија Патчев, од Охрид, со седум души кумити бил предаден од некој селанец на турската власт, сардисан. Сите биле истепани. Се разбра кој бил селанецот што ги предал и во еден летен ден, во време на жетва, Христо Окле – Попето со својата чета го начекуваат овој селанец, овој кодош и дење на пладне го отепуваат. После тоа четата си заминува кон ридот за село Марул. Турците кој работеле низ поле од страв разбегале на сите страни. Разбегале како да се од нешто опалени.

Стрико ми Василе Окле учеше во Серес. Во време на летната ваканција идеше во Прилеп. Во тоа време во Прилеп беше отепан некој Грк. Турската власт за ова убиство посумња во стрика ми Василета и затоа Турците веднаш го затворија. Василе во себе си носеше една книга со многу убави револуционерни песни. Стрико ми Василе беше осуден и затворен од турската власт. Едно време беше в затвор во Битола, а по два до три месеци турската власт го отера во сургун. Го префрлија во затворот Берат. По некој месец стрико ми Василе избегал од затворот Берат и облечен од глава до нозе во шиптарски алишта дојде во Прилеп право кај нас. Татко ми Наум му даде на Василета две турски лири за да си купи алишта. Василе не се плашеше и слободно се движеше низ Прилеп.

Кога турската власт разбра дека Василе е во Прилеп, дека успеал да избега од затвор, веднаш кај нас дома го побараа.

Василе не им се даде во рацете на Турците и побегна во четата на Христа Окле – Попето.

Топол летен ден. Христо Окле – Попето со своите другари бил скриен во една нива со ‘рж. Стражарот што бил на должност заспал. Во тоа време поминал таксилларот (собирач на даноци) кој одел по селата да го собери данакот и другите давачки што паѓале врз грбот на рисјанската раја, врз грбот на селаните. Таксилларот бил Турчин. Веднаш се вратил во Прилеп и јавил дека кумeтите се најдуваат кај село Алинци.

Турската власт веднаш испратила голем турски аскер. Меѓу турскиот аскер и четата се отворила голема борба во која кај Алински-Уши во 1902 година загинува стрико ми Христо Окле – Попето и неговиот најблизок другар Ордан Волче, од село Големо Коњари.

Христо Окле – Попето пред да умри на своите другари им рекол:

- На мојот гроб дрво да насадите и чешма да направите. На чешмата ќе напишите: „Тука лежи Христо Оклевчето – Попето“.

После неговата смрт со четата раководеше Петре Ацев.

Стрико ми Христо Окле – Попето како кумита се викаше „Попето“ поради тоа, за да не разбере турската власт од која фамилија потекнува и да не им нанеси некој зулум на фамилијата Оклевци.

Христо Окле пред да стане кумита имаше свој дуќан во Прилеп. Беше манифактурист. Продаваше басми и штофови. Кога излезе кумита имаше околу двајсетина години и беше неженет. Беше висок и јак човек.

Како кумита имаше руса брада.

* * *

Јас сум роден пред Божик 1886 година. Основно училиште завршив во училиштето што се најдуваше кај црквата „Параклис“, а трети клас гимназија завршив во Стара Црква, во онаа гимназија што изгоре за време на стара Југославија.

Во основното училиште ме учеја учителите Ѓорѓи Козаров, Никола Смичкоски, познат во Прилеп под прекорот Џаконот. Директор на гимназијата беше Ордан Бомбол.

Откако свршив трети клас гимназија, татко ми Науме ме задржа да работам на анот што го држеше тој.

После Илинденското востание во 1904 година заминав на гурбет во Стелтон, Северна Америка.

Татко ми не сакаше да ме пушти на гурбет во Америка, бидејќи бев млад и имав околу осумнајсет години. Во моето барање јас бев упорит и еден ден на татко ми му предложив:

- Или ќе одам на гурбет во Америка, или ќе станам кумита. Од двете едно да знаеш дека ќе сторам. На татко ми ич не му се правеше ќевот да станам кумита, ми даде пари и заминав на гурбет.

Отидов во градот Стелтон. Во почетокот ми беше тешко. Непознат град, народ и јазик. Работев како работник по железничките линии. Кога работев, кога седев. Повеќе седев одошто работев. Од мене газдите бараа само да работам. Ми беше тешка работата, не можев да издржам на таа работа. За таа работа јас како млад човек и градско дете не бев печен. Тогаш дури разбрав дека печалбарскиот живот и леб е горчлив. Во една соба живеев со Спиро Бадев, Ицко Негре, Димко Моте, сите од Прилеп.

Од Стелтон се вратив во Прилеп во 1907 година есента. По два месеци умре татко ми Наум, умре млад. Умре од мака и јад зашто му пропадна многу вересија. Работата на анот не му одеше како што треба, а годишно за анот плajќаше кирија по триесет турски лири.

Во турското ропство јас не му се оддолжив на султанот. Не служев во неговиот аскер. Турската власт во својте тефтери погрешно го забележила моето име. Ме „препрајла“ од машко во женско. Место да пишат Милан Оклески, пишале во тефтерот Мила Оклеска. И така јас се куртулив и не ме побараја за да одам турски аскер.

Тогаш такво беше времето, ќор дал, слеп зел.

Во турско време ние мажите носевме антерии. Антериите беа долги и цепени. На глава носевме турски фесови со црни пискули, а околу полојната бевме опашани со појас. Зимно време под антериите носевме бечви од шајак. Kaплaдисани капутчиња или долги палта, носевме облечени или наметнати над антерија. Антериите се изработуваа во Прилеп. Имаше терзии што правеа по порачка, правеа по мера антерии или изработуваа готови. Познати мајстори терзии за правење на антерии беа: Димко Пепељуга, Ѓоре Достум и други.

Кога се вратив од Стелтон, јас не носев повеќе антерија. Ја исфрлив таа носија, таа „беља“ од мене.

При крајот на XIX и почетокот на ХХ век жените во Прилеп носеа долги и широки фустани, долги до петици. Кога ќе одеа по улица со едната рака го држеа фустанот, го поткреваа за да не се влечка по земја. На глава носеа копринени чкепиња, врзани диндале и прцлина. Фустаните се шиеја на струк тесни, залепени за полојната. Над фустанот на горниот дел од телото носеа полки. На лице се белеа со белило.

Во зимно време жените носеа сако, а на празници капладисани ќуркови со кожи од лисици.

Така тогаш се носевме. Друг е сега веков, инакви се сега модите и времињата.

Во собите постилaвме сламени рогузини врз кои клававме сламени јастаци. Покрај ѕидиштата имаше миндери од штици, покриени со миндерлаци направени од разни басми. Покрај ѕидиштата клававме перници поленети со слама. Во студени денови сред соба клававме мангал.

На големи рисјански празници, како на Велигден, Божик и други празници, постилaвме волнени килими. Постилаа оние кои имаа. Кој знаеше сам си ткаеше, а кој не знаеше да ткае си порачуваше да му се исткае кај жени килимарки, кои изработуваа разни сорти килими. Познати килими во тоа време беа: Прави килими, Ири-дери, Гугучиња, Долапи. Најубави и најскапи беа килимите: Софра и Долапи.

Ручавме и вечеравме на синија. Околу синијата ќе се поредевме сите. Сите сркавме од еден ваган, а се служевме со дрвени лајци, земјени вагани или бакарни саани.

Занаетчиството беше еснафско со рачна техника. Рачна изработка. Работата се вршеше во дуќаните. Некои занаетчии ги продаваа својте производи и на отворен простор.

Познати занаети беа: папуџии, терзии, гајдаџии, кантарџии, наланџии, опинчари, бојаџии, казанџии, калајџии и други.

Во турско време имаше кираџии кои пренесуваа со коли и маски луѓе и стока. За пари одеа на секаде. Познат кираџија во тоа време беше Станче.

Имаше и сребрени и златни пари. Од сребро се ковеа, се правеа: гровче, два гроша и пет гроша. Петте гроша се викаа бел черек, а дваесет гроша бела меџудија.

Една златна франга чинеше 94-95 сребрени гроша. Една турска лира чинеше 108 сребрени гроша. Книжни пари немаше.

Имаше и бакарни пари од пет и десет пари. Тие беа ситни пари за поткусурување и исплатување. Со нив децата си купуваа симичиња, шекерќиња и друго. Овие пари се викаа олнуци.

Сите овие пари важеа пред седумдесет години.

Во 1915 година преку глата ми помина едно премреже. Тогашната власт еден ден во летото ме забра од дома. Ме однесоја во дворот на денешниот Тутунов комбинат. На мене ми се нафрлија тројца. Ме акнаа на земја. Ме легнаа помешечки. Едниот ми стоеше на плеќи, другиот на нозе, а третиот Јосиф, од Горно Село, ме тепаше со една ластегарка и ми бараше да му предадам пушка. Прво ме удри со ластегарката по крстот. Јас свикав силно: Оф! Другото и третото удирање не го сетив. Свикнав на чотекот. Сиот бев облеан во крв. Ми течеше крв од дебелите меса. Отаде ме однесоја во прилепската апсана, ме затворија во еден Долап во кој останав неколку сати затворен. Во долапот немаше ни ѕирка ни проѕирка. Беше сосем темно. После некое време ме однесоја на саслушање кај полицијскиот начелник кој ме праша:

- „Зошто не е предаваш пушката“? Ми запрети дека ќе ми ја потпали куќата сосе фамилија ако ми најди пушка дома. Не се плашев од тоа што ми тој зборуваше, бидејќи немав пушка. Ме пуштија. Кога си дојдов дома видов дека грбот ми го направиле како мевот. Си летнаа годините. Сега сум веќе стар.

(Забележал: Стојан СИЛЈАНОСКИ)

(Објавено во „Стремеж“, март 1967, број 3)

Нема Коментари

Коментирај