„Старата пошта“.

Прилепската пошта

Прилепската пошта за прв пат била оформена и изградена во 1865 година и преку оваа поштенска станица поминувала целата пошта за Западна Македонија. Писмата се носеле во понеделник и четврток, кога се читале среде градот. Поштата најпрво била носена со коњи и коли, а потоа со железница од Градско до Прилеп.

Прилепската пошта била под надлежност на Главната пошта во Солун, а поштата во Солун била раководена од Цариградската управа на поштите, на чело со Мустафа паша. Во 1903 година турските власти презеле мерки за понепосредно управување со поштите во Македонија. Имено, Главната дирекција на поштите и телеграфите од Приштина била пренесена во Скопје, каде што останува до крајот на турското владеење.

Првите телеграфски врски биле воспоставени со Битола, Крушево, Кичево, Велес и Кавадарци.

По завршувањето на Првата светска војна и формирањето на Версајска Југославија, со кралски указ од 7 декември 1918 година, било основано Министерството на поштите и телеграфите. Меѓутоа, вистинската организација на поштите и телеграфите била воспоставена со специјална одредба од 27 јули 1921 год. Прилепската пошта тогаш била под надлежност на Скопската обласна дирекција, која имала обласен директор во својство на началник и пет отсеци: општ, поштенски, телеграфско-телефонски-технички, економски и контролен отсек.

По Втората светска војна била изградена зградата на „Старата пошта“ (денешна „Комерцијална банка“), а во 1979 година била изградена и свечено пуштена денешната зграда на Поштата, која претставува капитален градежен проект за тоа време.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc